Филиз Ндоци повеќе од две децении им помага на граѓаните како здравствен работник на скопските клиники. На оваа скопјанка, минатиот декември и бил дијагностициран рак. Гласините што кружеле низ болничките ходници дека на Клиниката за онкологија има злоупотреба на лекови, ја предомислиле да се лекува таму.
„Болеста не можеше да чека да ги потврдам гласините од моите колеги, па решив да се лекувам во странство. Јас работам во здравствениот систем 21 година, придонесувам, и по 21 година на крајот немате доверба да се лекувате во вашата земја. Ова чувство беше застрашувачко за мене“, вели Ндоци за Радио Слободна Европа.
Кога „аферата“ излезе на виделина, ѝ олеснало, вели таа.
„Немав доволно пари и позајмував од роднините и од пријателите за да се лекувам во Турција. Имав грижа на совест дека се „луксузирам“ и трошам туѓи пари за лекување во странство. Но кога се дозна ова за онкологија, некако ми стана полесно, дека не сум направила грешка што одлучив да се лекувам настрана“, вели таа.
Обвинителство - Случајот ќе се истражи до крај, евентуалните стрители ќе бидат гонети
Основното јавно обвинителство на 2 септември отвори предистражната постапка по објавите на медиуми дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Обвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд. Обвинителството наредило да се анализираат одземените компјутери и податоците во нив, а се вршат и распити на сите луѓе кои имаат сознанија за евентуални злоупотреби.
Стручен тим што ќе го формира Обвинителство ќе ја анализира медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.
Од Јавното обвинителство повикуваат сите што имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.
Обвинителството соопшти дека од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.
Спасовски - Се изгубила човечката димензија
Министерството за внатрешни работи презема и други дејствија, но тие во моментот не може да се споделат со јавноста. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека секој што бил вмешан во случајот, без разлика на позицијата, ќе одговара. Тој во интервју за ТВ 21 рече дека во случките на Клиниката за онкологија, „се изгубила човечката димензија“.
„Ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од кого било да е направено, нема да има никаква толеранција. Тоа е основата која ја имаме во работењето со ОЈО и тука нема да има пардон за никого. Се случувале 20 години вакви настани, имало индиции многу пати до сега, но сега е дојден моментот да се расчистува со корупција и за тоа ги преземаме сите чекори и мерки кои стојат на располагање. Секој еден кој бил инволвиран без разлика на позициите кои ги имале, ќе биде дел од процесот и ќе носи одговорност”, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи вели дека со посебни истражни мерки (ПИМ) се опфатени повеќе луѓе.
„Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени”, рече министерот Спасовски.
„Виновниците имаат име и презиме“
Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој на министерското столче е околу четири месеци, вели дека не може да се меша во предистрагата, но уверува дека сега на Клиниката за онкологија се дава соодветна терапија. За сè што се случувало пред негово време, вели дека не може да одговара.
„Ние нашето го направивме, нема да бидеме истражни органи, вели министерот“, вели тој.
И директорката на Клиниката за онкологија, која е на тоа место од ноември лани, вели дека „ако има виновници да се именуваат“.
„За да се отфрли колективната вина што ја нарушува довербата пациент -лекар, што се одразува на нашите пациенти“, вели директорката Виолета Клисаровска.
Реакции и пораки од сите страни
За случајот реакции и пораки стигаат од сите страни – политичари, лекари, граѓани кои на социјалните мрежи ги споделуваат личните приказни со сомнежи дека нивни блиски болни од рак не примиле соодветна терапија на Клиниката за онкологија.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека информациите за сомнежи за злоупотреба на терапијата се фрапантни и згрозувачки. Тој е загрижен дека е изгубена довербата кај пациентите. Претседателот на својот официјален Фејсбук профил повикува истрагата брзо да се комплетира, а за сите што ќе се докаже дека се огрешиле да има соодветна казна.
„Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите“, вели Пендаровски.
Ковачевски - Тој што се огрешил има да одговара
Премиерот Димитар Ковачевски втор ден по ред повторува дека сите кои го прекршиле законот треба да одговараат. Тој денеска повика случајот да не се политизира.
„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ, тој што се огрешил има да одговара, потенцираше премиерот на 4 септември, на настан во училиште во Општина Центар.
И од владиниот коалиционен партнер ДУИ, побараа случајот со онкологија да не се политизира, а партиите да се држат настрана од истрагите.
ВМРО-ДПМНЕ за случајот ќе покрене анкетна комисија во Собранието
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова е најголем скандал со кој се соочува државата во својата самостојност.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков вели дека неговата партија ќе покрене анкетна комисија во Собранието на која ќе се разговара и истражуваа оваа афера со Клиниката за онкологија.
„Оставките во овој случај се најмалку што можат да направат. Оставките треба да бидат прв чекор, кој што ќе гарантира дека може да се води истрага и соодветна постапка без да се влијае врз неа од позиција на моќ и власт. И кога велиме оставки тука не мислиме само на менаџментот на клиниката, туку и на министерот и заменикот за здравство, но и на цела Влада“, вели пратеникот Лефков.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, побара кривична и политичка одговорност за случајот на Онкологија.
Поранешни министри за здравство, сегашни и поранешни лекари деновиве изјавуваат дека се згрозени од овој случај и бараат одговорност.
Загриженост изрази и Лекарската комора на Северна Македонија. Оттаму наведуваат дека доколку наводите се покажат како вистинити, ќе значат голема повреда на правата на пациентите.
Граѓани најавуваат дека на 4 септември во 18 часот ќе протестираат пред Владата и Министерството за здравство, оти, како што велат, скандалот со кражбата на лекови на онкологија „не смее да помине неказнето.“ Граѓани бараат одговорност од поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, како и од актуелниот Фатмир Меџити, поота од замениците-министри за здраство Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директора на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска. Исто така, одговорност се бара од поранешниот организационен директор на Клиниката Нехат Нухи.
„Не прифаќаме одговорност од најнискиот еншалон во Онкологија - бараме кривична одговорност за владините функционери“, се вели во најавата за протестот кој е закажан за понеделник во 18 частот пред Владата во Скопје.
Фелиз Ндоци вели дека иако е болна од рак, ќе биде гласна во борбата овој случај да се расчисти, оти како медицинско лице знае колку е важно лекот да се добие во точна доза и во точно време.