Војната на Израел со два фронта во Појасот Газа и Либан, како и заканата од ескалација со Иран, ја ставија на точка на вриење кризата на Блискиот исток.
Но, и покрај ризикот од сеопфатна војна во која ќе бидат вклучени регионалните сили Израел и Иран, експертите велат дека има мала шанса за дипломатско решение.
Ова е главно затоа што главните пречки за постигнување мир се „неподвижни“ без поттик и убедување, а единствените актери способни да ја променат ситуацијат, или не сакаат да дејствуваат, или се во позиција да имаат корист од ескалацијата, велат експертите.
„Постојат дипломатски решенија за оваа криза, но тие треба да се фокусираат на деокупацијата на Палестина, бидејќи тоа е основната причина за конфликтот“, вели Трита Парси, коосновач на Институтот Квинси за одговорни државници со седиште во Вашингтон.
Главната пречка за таквиот исход, рече Парси, „е одбивањето на Вашингтон искрено да го притисне Израел да ја прекине окупацијата“.
Но, ако Соединетите Држави „фундаментално го сменат својот пристап, овие дипломатски решенија ќе станат политички остварливи“, смета аналитичарот.
Соединетите Држави се клучен сојузник на Израел, главен примател на американско оружје и помош.
Но, Израел си зацрта свој курс, и покрај одредениот притисок на САД, и не е јасно дали другите играчи ќе ги намалат своите воени активности како одговор на израелската деескалација.
Израел моментално е вклучен во војна на два фронта против вооружените групи поддржани од Иран, односно против терористичките организации назначени од САД: Хамас во Појасот Газа и Хезболах во Либан.
Израел ја започна својата војна во Газа пред една година како одмазда за смртоносниот напад на Хамас на нејзина територија. Во поново време, војната се прошири со израелското воздушно бомбардирање и копнена инвазија на Либан со цел да го оневозможи Хезболах и неговата способност да го нападне Израел со ракети и проектили.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Иран, кој помогна во основањето на Хезболах пред четири децении да служи како негов главен застапник во неговата војна во сенка против главниот непријател Израел, исто така се вклучи во напади со Израел во последниве месеци, што доведе до стравувања од поширока војна која го вклучува двајца регионални „тешкаши“.
Видете и ова: Гоз: Доколку Израел го нападне, Иран ќе возврати со удари врз арапските земјиЗборувајќи за двата фронта, експертите за РСЕ велат дека, Израел е повеќе склон да се вклучи во дипломатски напори со Хамас затоа што обезбеди ослободување на голем број израелски заложници, земени од Хамас во нападот на 7 октомври 2023 година.
Неодамнешните анкети покажаа дека израелското јавно мислење го смета ослободувањето на заложниците како главна цел на војната во Газа.
Убиството од страна на Израел на водачот на Хамас, Јахја Синвар, наводниот организатор на нападот на 7 октомври и кој Вашингтон го смета за „масовна пречка за мирот“, исто така се смета за потенцијален пробив во развојот на конфликтот.
Стејт департментот ја окарактеризира смртта на Синвар на 17 октомври како можност да се стави крај на конфликтот во Газа и да се обезбеди ослободување на израелските заложници.
Претседателот Џо Бајден рече дека сега е „време да се продолжи“ и да се обезбеди прекин на огнот.
Во Либан, само Хезболах и неговиот клучен поддржувач Иран сакаат прекин на огнот затоа што милитантната група „презеде толку тешки удари“, смета експертот за Блискиот Исток Кенет Катзман, висок советник за консултантската разузнавачка агенција „Суфан груп“ со седиште во Њујорк.
„Мислам дека Израел не мора да сака многу дипломатија“, вели Катзман.
Иран, во меѓувреме, неодамна ги обиколи арапските земји од Персискиот залив во обид да ги убеди да помогнат во одвраќањето на Израел од напад на клучни цели во Иран. Стравувањата од израелски напади против иранската нафта, па дури и нуклеарните постројки се зголемија откако Иран истрела околу 180 балистички ракети врз Израел во нападот на 1 октомври.
Но, додека некои земји од Персискиот залив ги нормализираа односите и со Иран и со Израел и помогнаа да се релативизира иранскиот ракетен и беспилотен напад врз Израел во април, експертите се скептични за нивното влијание во оваа дипломатска арена.
„Арапските држави имаат многу мало влијание врз Израел, но тие имаат одредено влијание врз Вашингтон“, ни одговори Парси во писмените коментари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, земјите од Персискиот залив, како и Вашингтон, исто така имаат свои мотиви да застанат настрана бидејќи сакаат да видат ослабен Хезболах, велат експертите.
Танасис Камбанис, директор на американската тинк-тенк организација „Century Foundation,“ рече дека Саудиска Арабија и повеќето земји од Персискиот залив „премолчено се подготвени да ја толерираат или дури и да ја поддржат“ војната против Хезболах, бидејќи таа им обезбедува предност во „нивниот регионален натпревар за моќ со Иран“.
Во Газа, рече Камбанис, „постои вистински перверзен недостиг на поттик“ за Хамас или за израелската влада да склучат прекин на огнот, бидејќи продолжувањето на конфликтот им помага на секој од нив да ја задржи власта.
Камбанис рече дека дипломатскиот процес кој вклучува сериозна моќ на САД „може многу брзо и многу лесно да го заврши конфликтот каков што е сега“.
Но, тој рече дека дипломатијата во моментов не може да ги реши основните причини за војната.
„Мислам дека не е разумно да се очекува дипломатијата да излезе со долгорочно решение за израелско-палестинскиот конфликт. Ниту, пак, очекувам дипломатијата итно да дојде до долгорочно решавање на граничните спорови меѓу Либан и Израел“, уверува Камбанис.