Нападите преку експлозии на електронски уреди што ги користеа членовите на либанската милитантна група Хезбoлах, а за кои се сомничи Израел, се чини дека означуваат нова фаза во ескалацијата на конфликтите меѓу долгогодишните непријатели.
Израел и Хезболах се ангажирани во смртоносни прекугранични одмазднички напади откако во октомври избувна разорната војна во Појасот Газа.
Експертите велат дека координираниот напад на 17 септември во Либан, на кој мета беа пејџерите, а во кој загинаа најмалку 12 луѓе и беа ранети илјадници други, од кои многумина се верува дека се борци на Хезболах, беше значајна ескалација што може да ја направи неизбежна војната од целосен обем меѓу Израел и Хезболах .
Раководството и членовите на Хезболах почнаа да користат рачни пејџери за да го избегнат израелскиот надзор на мобилните телефонски мрежи во Либан.
Нов смртоносен бран на експлозии го погоди Хезболах во јужен Либан на 18 септември. Мета беа „воки-токи“ радио станиците на борците на Хезболах.
Хамидреза Азизи, соработник во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, рече дека имало „шема на постепена ескалација“ меѓу Израел и Хезболах во последните месеци.
Хезболах удира подлабоко во северен Израел и раселува десетици илјади израелски граѓани. Во меѓувреме, Израел ја прошири својата кампања за уништување на Хезболах во Либан.
„Во одреден момент, ова ќе излезе од контрола и ќе експлодира во сеопфатна војна“, рече Азизи.
Експлозиите во Либан се случија откако Израел на 16 септември соопшти дека го проширува фокусот на својата речиси едногодишна кампања против Хамас – од ЕУ и САД означена како палестинска терористичка група во Газа за да се соочи со Хезболах на нејзината северна граница со Либан. Израел, исто така, го додаде безбедното враќање на своите граѓани на север како нова цел во војната.
Али Сардарзадех, аналитичар од Блискиот Исток со седиште во Германија, рече дека нападот во Либан имал за цел да испрати „јасна порака до Хезболах да го запре прикажувањето на моќта во кое се вклучени“.
Израел „го притиска Хезболах и преку војна и преку дипломатија“, изјави Сардарзаде за Радио Фарда на РСЕ.
Али Мохтади, регионален експерт со седиште во Британија, рече дека „експлозијата на пејџери може да означи нова фаза од војната [Израел-Хезболах] што трае речиси една година“.
Мохдати изјави за Радио Фарда дека војната од целосен обем е против интересите и на Израел и на Хезболах, но додаде дека непријателствата „достигнале фаза во која може да излезат од контрола во секој момент“.
Хезболах го обвини Израел за експлозиите и вети дека ќе возврати. Израелската војска не коментираше.
Лина Хатиб, директорка на Институтот за Блискиот Исток на Факултетот за ориентални и африкански студии со седиште во Лондон, рече дека експлозиите на пејџер биле срам и големо безбедносно нарушување за Хезболах. Но, таа вели дека целосен конфликт не е неизбежен.
„Со оглед на тоа што Хезболах е ранлив, Израел ја продолжува својата воена кампања во јужен Либан“, рече Хатиб. „Но, нема нужно да го ескалира својот воен ангажман во целосна војна, бидејќи самиот напад на пејџерите ги обесхрабрува Хезболах“.
Директен конфликт меѓу Израел и Хезболах може да предизвика поширока регионална војна што ќе го привлече Иран, клучниот поддржувач на Хезболах и главниот непријател на Израел.
Проиранските организации, вклучително и Хезболах, започнаа напади против Израел како поддршка на Палестинците откако избувна војната во Газа.
Иран и Израел во неколку наврати дојдоа на работ на војна, вклучително и по убиството на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас, во Техеран, во јули. Техеран го обвини Израел и вети дека ќе возврати, иако немаше директен воен одговор од страна на Иран.
Меѓу ранетите во нападот на 17 септември во Либан беше и амбасадорот на Иран во Либан, Мојтаба Амани. Иранските медиуми објавија дека тој се здобил со повреди „на раката и лицето“.
Експертите велат дека е малку веројатно нападот во Либан да предизвика директна иранска одмазда против Израел.
„Мислам дека Иран ќе го смета ова првенствено прашање на Хезболах и покрај повредите што ги претрпе иранскиот амбасадор“, рече Раз Зимт, виш истражувач во Институтот за национални безбедносни студии во Тел Авив.
„Веројатно ќе видиме дискусии и консултации меѓу Иран и Хезболах во врска со можна одмазда, но моето чувство вели дека Иран претпочита одговорот да дојде од Хезболах“.