Достапни линкови

Вести

Ал-Синвар е новиот лидер на Хамас, Хезболах му го честиташе изборот

Јехја ал-Синвар, шефот на Хамас во Појасот Газа
Јехја ал-Синвар, шефот на Хамас во Појасот Газа

Јехја ал-Синвар, шефот на Хамас во Појасот Газа, е избран за лидер на Хамас, група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

Хамас е обвинет дека ги организираше нападите на 7 октомври во јужен Израел во кои загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, а околу 250 луѓе беа заложници.

Либанската шиитска организација Хезболах му го честиташе изборот на Јехја ал Синвар.

„Назначувањето на Ал-Синвар за шеф на политичкото биро на организацијата е доказ за неуспехот на Израел. Израел не беше во можност да ја постигне својата цел - убиство на водачи и функционери на Хамас“, се вели во соопштението од Хезболах.

Од Хезболах додаваат дека Хамас исто така испрати „силна порака“ до Израел и неговите сојузници, бидејќи беше обединет во своите одлуки и остана непоколеблив „по патот на отпорот и борбата“.

По убиството на шефот на Хамас за надворешни работи Исмаил Ханије, исламистичката терористичка група го назначи Ал Синвар за нов водач на организацијата во вторникот вечерта.

Живее на непозната локација во Појасот Газа, а постои сомневање дека се крие во тунелите на организацијата под крајбрежната област. Неговиот претходник Ханије беше со седиште во катарската престолнина Доха и се сметаше за главен дипломат на Хамас. Хезболах е сојузник со Хамас во Појасот Газа, а и двете организации се сојузници на Иран.

Ханије беше убиен пред речиси една недела додека беше во посета на Техеран на инаугурацијата на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан.

Иран и неговите сојузници ветија остра одмазда против Израел како одговор, предизвикувајќи стравувања од поширока регионална војна.

види ги сите денешни вести

Борисов бара оставка од Николовски или крај на разговорите со Северна Македонија

Бојко Борисов, лидер на партијата ГЕРБ
Бојко Борисов, лидер на партијата ГЕРБ

За речникот што го користат има само едно оправдување - оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив.

Вака денеска лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска -Давкова и Румен Радев, рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации и помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.

Борисов во одговор на новинарско прашање смета дека македонските власти постапиле подло со бугарскиот претседател и министрите кои се сретнале со нив, и рече „Владата во земјава е формирана неодамна, па затоа можеби не се запознаени со државниот протокол“.

„Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување - извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“, рече Борисов.

Реакции имаше и од други бугарските политичари. Станислав Балабанов од „Има таков народ“, коментирајќи го телевизиското интервју на Николовски во Народното собрание рече дека политичарите во Северна Македонија нема да ја видат Европската Унија со вакво однесување, нагласувајќи дека не разбира зошто бугарските политичари се револтирани, кога истите тие пред неколку години го укинале ветото за земјава.

„Политичарите во Северна Македонија нема да ја видат ЕУ со ова однесување. Северна Македонија нема да мириса на ЕУ, ако случајот стигне до ИТН, се додека не го поправат своето однесување, реториката и не ги почитуваат сите елементи од договорите“, рече Балабанов во Народното собрание.

Во врска со изјавата денеска реагираа од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, од каде што велат дека „манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“.

Претседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешен телевизиски настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.

Турција го обвинува Израел за ширење на војната од Газа во Либан

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан

Турција во четврток (19 септември) го обвини Израел дека сака да ја прошири војната од Појасот Газа до Либан, откако серијата експлозии ги погодија упориштата на милитантната Хезболах, која САД ја прогласија за терористичка организација.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека „ескалацијата во регионот е алармантна“, пренесува агенцијата Франс прес.

„Гледаме дека Израел чекор по чекор ги засилува своите напади врз Либан“, рече Фидан на државната ТВ ТРТ.

Оваа недела, десетици луѓе беа убиени, а илјадници беа ранети во напад на комуникациски уреди што ги користеа оперативците на Хезболах.

Турција го обвини Израел за експлозиите.

Во средата, израелскиот министер за одбрана Јоав Галан рече дека војната што Израел ја води во Газа од октомври 2023 година, откако вооружени лица предводени од Хамас, прогласени за терористичка организација од САД и ЕУ, ги нападнаа заедниците во јужен Израел, влегува во нова фаза, фокусирајќи се на северната граница.

„Дојдовме до точка кога овие операции извршени од Израел стануваат сè попровокативни, а за возврат Иран, Хезболах и елементите блиски до нив немаат друг избор освен да одговорат“, рече Фидан.

Израел директно не ги коментираше нападите, за кои повеќе безбедносни извори рекоа дека ги извршила неговата разузнавачка агенција Мосад.

Маж од кочанско почина од западно-нилска треска

Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби
Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби

Седумдесет и осумгодишен маж од општината Чешиново-Облешево, Кочани починал на 16 септември на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на западно-нилска треска, извести денеска (19 септември) Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според податоците на ИЈЗ тој е четврт случај годинава и е пријавен на 12 септември.

„Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во Клиничката болница-Штип каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Со серолошко испитување потврдено е заболувањето западно-нилска треска.

Како што информираат од ИЈЗ, пациентот починал на Инфективната клиника на 16 септември, откако му била влошена состојбата и му била поставена кислородна маска.

Според извештајот на ИЈЗ, од анализите на епидемиологот од Кочани добиени во разговор со децата на починатиот од западнонилска треска, пациентот е пензионер, што живеел во куќа во селото Облешево.

Шин Бет разоткри план за атентат врз израелски лидери од страна на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелски цивил бил уапсен минатиот месец под сомнение дека бил регрутиран од Иран за да изврши атентат врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант или шефот на безбедносната служба Шин Бет, Ронен Бар, соопштија денеска Шин Бет и полицијата.

Претставници на Шин Бет и полицијата информираа дека осомничениот двапати бил прошверцуван во Иран и дека добил пари за мисијата, пренесува Тајмс оф Израел. Осомничениот, кој не е именуван, денеска е обвинет.

Според полицијата, „бизнисмен кој долго време живеел во Турција“ бил уапсен и одржувал врски со турски и ирански лица кои телефонски го запознале со ирански бизнисмен по име Еди, соопшти полицијата.

Полицијата објави дека тој првпат го посетил Иран во мај 2024 година, кога од него било побарано да изврши безбедносни мисии во Израел, вклучително и пренос на „пари или оружје“, и фотографирање јавни места.

Некои од предложените атентати, соопшти полицијата, наводно биле „одмазда за атентатот на политичкиот шеф на милитантната организација Хамас, Исмаил Ханије, во јули во Техеран, пренесува АФП.

Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.

Иран и Хамас го обвинија Израел дека стои зад смртта на Ханије.

Израелската војска погодила 7 локации на Хезболах во јужен Либан

Чад се издига над Либан по израелскиот напад, во услови на тековни прекугранични непријателства меѓу Хезболах и израелските сили
Чад се издига над Либан по израелскиот напад, во услови на тековни прекугранични непријателства меѓу Хезболах и израелските сили

Израелската војска во четврток (19 септември) соопшти дека во текот на ноќта нападнала шест „терористички инфраструктурни локации“ на Хезболах и објект за складирање оружје во јужен Либан. Ова се случува во период на зголемени стравувања од проширување на војната.

Воздухопловните сили „погодија локации на терористичката инфраструктура на Хезболах во областите Чихине, Тајбе, Блида, Меис Ел Џабал, Аитарун и Кфаркела во јужен Либан, како и складиште за оружје на Хезболах во областа Киам во јужен Либан“, се вели во соопштението на израелската армија, а пренесе АП.

Во меѓувреме, израелската армија ја премести 98-та дивизија на север од Израел по владина одлука. Оваа група до неодамна се бореше во Појасот Газа.

Одлуката за преместување на дивизијата, само еден ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел и по заканите за одмазда од Хезболах, вклучува распоредување на големи сили на северната граница.

Шефот на северната команда на ИДФ, генерал-мајор Ури Гордин, рече дека ИДФ е „решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро.

„Командантите и силите се целосно посветени и се на врвот на подготвеноста за секоја задача што ќе треба да ја извршат“, рече Гордин.

Се верува дека 98-та дивизија има илјадници војници, вклучително и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни команданти специјално обучени за операции зад непријателските линии.

Дивизијата одигра клучна улога во Газа, предводејќи ги армиските операции во јужниот град Кан Јунис, упориште на Хамас, која од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација.

Офанзивата им нанесе големи загуби на борците и тунелите на Хамас, но исто така предизвика и огромни штети и резултираше со бројни цивилни жртви. Израел вели дека Хамас ги загрозува цивилите криејќи се во станбени области.

Северна Македонија воздржана за резолуцијата за повлекување на Израел од Палестина

илустрација
илустрација

Генералното собрание на ОН денеска (19 септември) со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.

За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, 43 беа воздржани.

Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.

Северна Македонија се воздржа од гласање, заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји.

Против гласаа САД, Израел, Чешка, Унгарија, Аргентина и други земји.

Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ја означи резолуцијата како „обид да се уништи Израел преку дипломатски тероризам“ во која никогаш не се спомнуваат злосторствата на Хамас и „ја игнорира вистината, ги искривува фактите и ја заменува реалноста со фикција“.

Трамп вели дека „најверојатно“ ќе се сретне со Зеленски следната недела

Володомир Зеленски и Доналд Трамп
Володомир Зеленски и Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека „веројатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој следната недела ќе престојува во САД за да се обрати на состанокот на Советот за безбедност на ОН за војната на Русија во неговата земја.

„Веројатно, да“, рече Трамп на прашањето дали ќе се сретне со украинскиот лидер следната недела, но не даде дополнителни детали.

Трамп, кој постојано ја опишуваше американската помош за својот источноевропски сојузник како губење пари и одби да каже дека сака Украина да победи во војната, не даде дополнителни детали.

Во последните месеци, некои други светски лидери кои ги посетија Соединетите Држави на самити и состаноци со претседателот Џо Бајден, се сретнаа и со Трамп.

Трамп, републиканскиот кандидат на изборите на 5 ноември, се соочува со демократската потпретседателка и кандидатка за претседател Камала Харис.

Зеленски рече дека сака да им претстави мировен план на Бајден, Харис и Трамп додека е во САД.

Мицкоски на средби со лидерите на ЕУ и колегите од Западен Балкан во Брисел

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел. Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија и за реформиските агенди поврзани со него.

Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.

Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.

Доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси.

На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.

„Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија“, изјави Мицкоски.

Во однос на идејата за уставни измени со одложено дејство, уште и наречена „француски предлог плус“, шефот на дипломатијата Муцински во гостување на националниот радиодифузен сервис МРТ1, изјави дека станува збор за надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба, со цел да бидеме апсолутно сигурни дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ повеќе нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат.

„Францускиот предлог плус“ предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес. Ова, според неофицијални информации од МНР, е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјата на европскиот пат.

Инаку за време на престојот во Брисел, предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на прием организиран во седиштето на Алијансата во Брисел.

Најмалку 20 загинати во вториот бран експлозии на комуникациски уреди во Либан

илустрација
илустрација

Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 450 се повредени во вториот бран експлозии на уреди за безжични комуникации во Либан, соопшти Министерството за здравство.

Ова се случува во вчерашниот втор бран експлозии, еден ден по серијата смртоносни експлозии на пејџери на членови на проиранската група Хезболах.

Воки-токи користени од членовите на милитантната група Хезболах експлодираа во јужните предградија на главниот град Бејрут, долината Бека и јужен Либан - области кои се сметаат за нејзини упоришта.

Некои од експлозиите се случија за време на погребите на некои од 12-те лица за кои Министерството соопшти дека биле убиени во експлозијата во вторникот.

Хезболах го обвини Израел за нападот. Израел не коментираше.

Нападите се случија кога израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави „нова фаза во војната“ и кога дивизијата на израелската армија беше префрлена на север.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди на „сериозен ризик од драматична ескалација“ и ги повика сите земји да „искористат максимална воздржаност“.

Две години по смртта на Махса Амини, нови санкции од Западот против Иран

Илустрација
Илустрација

Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Австралија денеска (18 септември) воведоа санкции против група ирански функционери поради нивната вмешаност во задушување протести и приведување луѓе по протестите за смртта на Махса Амини, Иранка која почина во притворот на моралната полиција во Техеран пред две годинипоради тоа што наводно не носела хиџаб, а чие задолжително носење е пропишано со закон во таа земја, пренесе агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Дваесет и двегодишната Махса Амини почина на 16 септември 2022 година во болница, откако беше уапсена. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја против законот за хиџаб и свештеничкото владеење.

Новите санкции опфаќаат десетина функционери обвинети за убивање и приведување демонстранти, задушување протести во 2019 и 2022 година и апсење новинари.

Новиот реформистички претседател на земјата, Масуд Пезешкијан, водеше кампања на бранот ветувања дека ќе го спречи вознемирувањето на жените од страна на моралната полиција. Сепак, по смртта на Махса Амини, се појавија видеа на жени и девојки кои трпат полициско насилство, објави АП.

Минатата година, тинејџерка која не носеше хиџаб беше повредена во неразјаснет инцидент во метрото во Техеран, а подоцна почина во болница. Активистите за човекови права и женски права рекоа дека во јули полицијата отворила оган врз жена која бегала од контролен пункт во обид да избегне заплена на автомобилот затоа што немала хиџаб.

Службеникот од американското Министерство за финансии, Бредли Смит, рече дека иранските лидери „и покрај мирните повици на иранскиот народ за реформи, ги удвоиле тактиките на насилство и принуда на режимот“. Тој додаде дека САД и нивните сојузници „ќе продолжат да преземаат акција“ за да ги идентификуваат и да ги повикаат на одговорност оние што се „одговорни за спроведување на суровата агенда на иранскиот режим“.

Санкциите, кои го блокираат пристапот до американските средства и банкарски сметки и ги спречуваат таргетираните луѓе и компании деловно да соработуваат со САД, во голема мера се симболични, бидејќи многу поединци немаат врски со Соединетите држави.

Мисијата за проверка на факти на Обединетите нации во март откри дека Иран е одговорен за „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Махса Амини. Исто така, беше откриено дека Исламската Република употребила „непотребна и непропорционална“ сила во задушувањето на демонстрациите што избувнаа по смртта на Амини и дека иранските безбедносни сили сексуално ги нападнале затворениците.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG