Корпусот на иранската револуционерна гарда соопшти дека Исмаил Ханије, политичкиот водач на палестинската екстремистичка група Хамас, прогласена за терористичка организација од страна на Соединетите Држави и ЕУ, е убиен во Техеран во напад за кој го обвини Израел.
Хамас ја потврди веста во објава на својот канал Телеграм на 31 јули, велејќи дека Ханије е убиен во „воздушен напад врз неговата резиденција во Техеран“.
Допрва треба да има потврда од израелската страна.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас веднаш го осуди убиството, според палестинската државна новинска агенција ВАФА.
Ханије беше во Техеран за да присуствува на церемонијата на инаугурација на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан на 30 јули.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вети „строга казна“ за Израел по убиството на Ханије.
„Со оваа акција, криминалниот и терористички ционистички режим го подготви теренот за остри казни и сметаме дека е наша должност да бараме одмазда за неговата крв откако беше убиен на територијата на Исламската Република Иран“, рече Хамнеи во изјавата пренесена од официјалната новинска агенција ИРНА.
Иранскиот претседател Пезешкијан на мрежата Х објави дека Иран ќе го брани својот територијален интегритет и ќе ги натера одговорните да зажалат за своите постапки.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас веднаш го осуди убиството, наведувајќи дека тоа е „кукавички чин и опасен развој на настаните“, пренесе палестинската новинска агенција „АФА“.
Пораки со осуда и за избегнување на ескалација
Неколку земји го осудија нападот.
Русија рече дека тоа е „неприфатливо политичко убиство“, додека Турција предупреди дека ќе ја продолжи војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Кина соопшти дека го осудува „атентатот“ на Ханије, предупредувајќи дека тоа може да доведе до дополнителна нестабилност во регионот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им рече на новинарите дека Вашингтон „не бил вклучен и не знаел ништо“ за убиството на Ханије и дека нема да шпекулира за влијанието што може да го има врз регионот.
Тој, сепак, рече дека „најдобриот начин да се намали температурата“ е да продолжи да се залага за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел.
„Ќе продолжиме да го работиме тоа онолку долго колку што е потребно за да стигнеме таму“, рече тој за Channel News Asia додека е во дводневна официјална посета на Сингапур.
„Од суштинско значење е да се помогне да се стави крај на страдањата на Палестинците во Газа. Од витално значење е заложниците да се вратат дома. Од витално значење е да се надеваме дека работите се на подобар пат за потраен мир и безбедност, така што тој фокус останува“, изјави Блинкен.
И Европската унија ги повика сите страни да избегнат ескалација откако Хамас соопшти дека нивниот политички лидер Исмаил Ханијa e убиен во израелски напад вo главниот град на Иран.
„Ги повикуваме сите страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат каква било понатамошна ескалација. Ниту една земја и ниту една нација нема да има корист од понатамошната ескалација на Блискиот Исток“, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Претходно, на 30 јули, Израел тврдеше дека го „елиминирал“ Фуад Шукр, милитантниот командант на Хезболах за кој Израел тврди дека стои зад ракетниот напад викендов во кој загинаа 12 израелски млади луѓе.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на мрежата на социјалната мрежа Х објавија дека Шукр ги „режирал“ нападите на Хезболах.
Немаше итен одговор од Хезболах, кој исто така е означен како терористичка организација од страна на САД.
Шукр беше баран од американските власти поради неговата наводна вмешаност во нападот врз американските трупи во Бејрут во 1983 година. Вашингтон понудил до 5 милиони долари за информации за Шукр, кој е познат и како ал-Хаџ Мохсин и е на терористичката листа на САД.
Хезболах негираше дека е одговорен за нападот на 27 јули во Голанската висорамнина окупирана од Израел, но Израел вети дека ќе возврати на групата поддржана од Иран.
Израел вети дека ќе ги убие водачите на Хамас поради нападот на групата на 7 октомври во израелска територија во кој загинаа 1200 луѓе. Околу 250 други беа земени како заложници, од кои некои се ослободени.
Некои од заложниците загинаа додека беа во Газа каде што Израел спроведува масовна воена операција за која вели дека има за цел да го елиминира Хамас. Се верува дека некои од заложниците се уште се живи.
Инаку Ханије беше убиен додека Вашингтон се обидува да ги натера Хамас и Израел да се согласат на привремен прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците држени во Појасот Газа. Високи функционери од САД, Израел, Катар и Египет се ангажирани во нова рунда преговори за да се обезбеди таков договор.
Кој беше убиениот лидер на Хамас?
Исмаил Ханије, водачот на палестинската милитантна група Хамас, кој беше убиен во Техеран на 31 јули, беше контроверзна личност чија смрт може да ги ескалира тензиите на Блискиот Исток и да ги наруши преговорите за ставање крај на израелската војна во Појасот Газа.
Ханије беше политички шеф на Хамас - прогласен за терористичка организација од САД и Европската унија. Со седиште во Катар, тој одигра клучна улога во меѓународните преговори за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа.
Додека САД го прогласија за терорист, Ханије се сметаше за релативно умерен во таа организација.
Ханије, која е роден во палестински бегалски камп, почина на 62-годишна возраст. Ниту една земја или организација не презеде одговорност за неговото убиство, иако Техеран го обвини Израел и вети одмазда. Иако Израел не го коментираше инцидентот, Ханије беше високо на листата на израелски жртви по нападот во октомври.
Повеќе од 39.000 луѓе се убиени во Газа, според палестинските здравствени власти на територијата, бидејќи меѓународните повици за прекин на огнот останаа без одговор.
Ханије е роден во бегалскиот камп Ал Шати западно од градот Газа. Неговото семејство е по потекло од областа каде што денес се наоѓа израелското пристаниште Ашкелон, северно од Појасот Газа. Семејството побегнало од областа за време на арапско-израелската војна во 1948 година и се преселило во Газа.
Ханије му се придружи на Хамас како студент набргу по основањето на движењето во 1987 година по почетокот на Првата интифада, која се појави како протест против израелската окупација на Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.