Сменети членови на Комисии кои го имаат последниот збор за трошење државни пари

Собрание (архива)

За две недели по скратена постапка се изменија три закони со кои се менуваат 20 членови на државни комисии кои даваат „амин“ за трошењето на државните пари. За дел од невладините организации измени по „брза лента“ без јавна дебата е упад во системот. За власта, ова е исполнување на барањата на ЕУ.

Спроведувањето на законот за контрола на државната помош кон компаниите ќе го надгледуваат нови членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ова е овозможено со измените во законот кој во Собранието помина во скратена постапка.

Тоа ќе значи дека новите членови кои владејачкото мнозинство во Собранието ги назначи по само една недела откако законски овозможи мандатот на претходните да заврши предвреме, ќе треба да внимаваат како власта им доделува државна помош на компаниите.

Според правилата, една од задачите на оваа комисија е да внимава на пазарот и да не дозволува некоја компанија да ја загрози здравата конкуренција со монополско или картелско однесување.

Видете и ова: Унгарскиот заем кај македонските компании пред Нова година

Во рок од две недели, од 2 до 15 октомври измените на трите посебни закони влегоа во собраниска процедура по скратена постапка. По оваа процедура следува и смена на вкупно 20 члена на три комисии чии мандат беа со времетраење од 5 години. Оваа „судбина “ ја носат комисии кои треба да го дадат последниот „амин“ при трошењето на државните пари. Тоа се Комисијата за жалби при јавни набавки и Второстепената комисија за управни постапки.

Сменети 20 членови на комисии

Засега нема предлог за нови членови за Комисијата за жалби по јавни набавки, затоа што, во Собранието само што поминаа измените за законот за јавни набавки.

Претседателот на комисијата за избори и именувања Ѓорѓи Сајковски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека овие измени кои се однесуваат на Комисиите претставуваат усогласување со барањата од Европската Унија (ЕУ), поконкретно за Комисијата за заштита на конкуренцијата и Комисијата за жалби по јавни набавки.

„Ние во последниот извештај на Европската Комисија имавме сериозни забелешки за работата на Комисијата по жалби на јавни набавки и за евидентирање на корупција во јавните набавки, затоа и се пријде кон законски измени“, изјави тој.

Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека токму во тој извештај се нотирани повеќе потреби за промена во законот за јавни набавки, а не само изборот на членови во оваа комисија.

„Од тие причини потребно е кога веќе се отвара ова законски решение, да се земат во предвид сите наведени предизвици во спроведувањето на овој закон и заеднички да се направи едно ново решение кое би значело унапредување на состојбата“, вели Камиловска Трповска.

Смени во комисиите пред доаѓање на унгарскиот кредит?

Измените на Законот за заштита на конкуренцијата се донесени на само една недела пред македонската министерка за финансии да го потпише договорот за кредит од 500 милиони евра со унгарската Експорт-импорт банка.

Половината од овие пари, ќе се распределат на општините за проекти за што беше распишан и јавен повик, додека другите 250 милиони евра ќе бидат за компаниите. Меѓутоа, конкретни услови, кога ќе биде објавен повикот до фирмите и по кои критериуми ќе се избираат тие сè уште не е прецизирано.

Сајковски е дециден, измените на составите на овие три комисии немаат врска со унаграските пари кои ќе влезат во македонските компании преку заемот од унгарската банка.

„Мислам дека тоа се сосема погрешни тези. Ова се комисии со кои што сакаме да се спречи корупцијата и криминалот кој што беше во минатото и да бидат привилегирани едни исти компании низ годините. Оваа комисија за жалби по јавни набавки била алатка за привилегирање на пет до десет фирми во државата раководена од еден центар“, вели Сајковски.

Упад во системот

За дел од невладиниот сектор, овие законски измени по скратена постапка претставуваат упад во системот, затоа што се прави само замена на еден кадар близок со претходната владејачка гарнитура со нов кадар близок со новата власт, што во суштина не ја подобрува антикорупциската битка.

Камиловска Трповска смета дека при измените на системски закони предложени од неколку пратеници без соодветна анализа и без да се земат во предвид другите релевантни заклучоци и барања од експертската јавност, се наметнува прашањето дали постои правен ризик во иднина да се делува на сличен начин.

„ Прво нешто што може да го разговараме е дали на сличен начин можеби во иднина ќе може да се смени и составот на Државната комисија за спречување на корупција, или пак првиот Државен ревизор. Токму затоа минимум критериум кој треба да се обезбеди при измена на закони е консултативен процес, процес кој што ќе претходи со детална анализа на состојбите“, вели таа.

Според неа честото менување на закони на брза лента ја оневозможува правната сигурност во државата.

Од Центарот за управување со промени (ЦУП) сметаат дека со законските измени со кои две државни Комисии се спојуваат во една „Државна комисија за за одлучување во управни постапки, постапки од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“ е добра интервенција, затоа што се прави оптимизација во бројот на институции. Но, од друга страна потребно е прво да се предвидат специфични критериуми во законите, а потоа да има транспарентна и конкурентна постапка.

„Во однос на постапката за избор на членовите на овие органи, не е направена значителна промена. Поточно, пропишано е дека членовите на Комисиите се избираат по претходно објавен јавен оглас, а не се пропишува понатамошна постапка што е сериозен недостаток. За донесување вистинска позитивна и системска промена, законодавецот требало да го има предвид добриот пример од Законот за спречување а корупцијата и судирот на интереси , каде постапката е подетално пропишана и дури вклучува јавно сослушување на кандидатите,“ велат од ЦУП.

Оттаму сите измени заедно ги оценуваат како одреден напредок, но не и значителен, бидејќи можноста за дискреционо оценување на „познавање на областа“ во критериумите за членовите на Комисиите, може прилично широко да се толкува доколку се цели кон партизирање на органите.

Видете и ова: Сто дена влада со унгарска нијанса

Комисии по вкус на власта

Во последната реакција на Платформата за борба против корупција е посочено дека токму фактот што во фокус на измените на трите закони е само составот и начинот на негово разрешување и назначување укажува дека целта е новиот состав на телото кое по закон треба да е независно, да биде по „мерка и вкус “ на новата власт.

„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите“, реагира Платформата.

За невладиниот сектор не е спорна потребата од јавна дискусија за резултатите на претходните членови на Комисиите, туку партиската брза и груба интервенција за засилување на политичката концетрација на моќ и влијание.

Пратеникот Сајковски,пак, очекува поддршка од невладините организиции. Тој бара од нив да застанат зад луѓето кои што, како што вели, покажуваат волја и желба да ги разрешат проблемите кои се напластувале во минатото.

Со измените на трите закони по скратена постапка владејачката ВМРО-ДПМНЕ го прекрши преизборното ветување кое го наведе во програмата „Платформа 1984“ за целосно спроведување на новиот Деловник.

„Редовната постапка за донесување на законите мора да биде правило, а скратената и итна постапка исклучок. Во целост ќе ја почитуваме деловничката обврска за задолжително вклучување на експертската и стручната јавност, како и на граѓанските организации во работата на собраниските комисии“, се вели во предизборната програма.

Претходната Влада во 2018 година ги разреши членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка поради „ неажурност во решавање на предметите,“ заклучок извечен од извештајот за сработеното во 2016 година. Дел од тие членови сега повторно ќе седнат на истите столчиња во Комисијата.