На 15 септември требаше да се појавите на суд поради пречекот на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово на 11 август, кога беше интонирана албанската химна и истакнато албанското знаме? Бевте ли во суд?
Не. Прво затоа што не бев тука, второ затоа што ценам дека тоа беше повеќе политички мотивирана целата процедура поради тоа што ДУИ и Ахмети на власт се чувствуваат загрозени од целата ситуација која се создаде и влијанијата кои ги имаат во правниот систем наметнаа да се случат тие работи. Повеќе, затоа што во делот на протоколот беше нели од владата организиран и пречекот и сите тие работи, но и во Тетово сите знаат дека во јавните места беше и државното знаме и знамето на Република Косово и на пречекот кај мене во Општината. Така да, секогаш кога власта сака нешто да покрене, секогаш може да најде нешто за да покрене некои процедури, но цениме дека правниот систем, правосудството, обвинителство имаат многу поважни теми отколку да се занимаваат со тоа дали градоначалникот на Тетово во одреден момент направил некој пропуст или не.
Зошто ви е толку важна поддршката од косовскиот премиер, што конкретно очекувате од него?
Видете, Косово е една од нашите соседни држави со мнозинско албанско население таму. Косово е една од ретките држави која може да биде пример во делот на демократијата и човековите права. Значи, правата кои ги има српското малцинство во Косово се многу многу далеку од правата кои ги имаат Албанците, иако се втор мнозински народ после македонскиот. Така да, Косово ни е нас пример како ние во Македонија треба да се однесуваме во делот на градењето на државата и на меѓуетничките односи во Македонија. Затоа за нас е важна поддршката на една соседна држава каде мнозинското население се Албанци, повеќе што до 90-тите години Македонија и Косово беа во една заедничка држава Југославија и односите меѓу Албанците во Северна Македонија и Република Косово се многу блиски, така да ние цениме дека соработката меѓу двете држави и политиките во Косово и Северна Македонија треба да бидат повеќе од сплотени.
Неодамна рековте дека албанскиот опозициски блок има сила да го сруши ДУИ и цела Влада. На што го темелите ова тврдење?
Па на многу работи. Прво, нашата нели поставеност на теренот со последните комбинации со Алтернатива и со Демократското движење на Изет Меџити веќе ние целосно го покриваме теренот каде што се во мнозинство присутни Албанците. Ние како движење БЕСА имавме слабости во тој дел така да со оваа комбинација веќе сме присутни на терен подобро од ДУИ и Алијанса на Албанците.
Друг аргумент во правец на ова, е и тоа што веќе има најавено од лидерот на ДУИ и други функционери на ДУИ и тоа е прифатено од лидерот на Алијанса во позадина нели Зијадин Села дека тие се подготвуваат, односно ги подготвуваат нивните членови да одат заедно на следните избори. И тоа е дополнителен доказ дека гласачите на Алијанса никогаш нема да гласаат за ДУИ дури и во ситуација кога Алијанса ќе биде во коалиција со ДУИ, затоа што 20-тите години додека е ДУИ на власт, тие не дека биле против ДУИ, туку поради тоа што биле против ДУИ, тие тоа го чувствувале на своја кожа ако имале некој бизнис ДУИ им наштетило, ако биле на работа тие биле отпуштени, значи тие биле спротивставени на тие ретроградни политики на ДУИ и тие не можат ни на сон да замислат да гласат за ДУИ.
И последно како аргумент за оваа ситуација, се последните мерење на јавното мнение каде што покажуваат дека албанската опозиција заедно е пред ДУИ, заедно со Алијанса за Албанците и ДПА. Една од неколкуте такви анкети е и последната анкета на БРИМА каде покажува дека здружената албанската коалиција е пред ДУИ за 2 проценти, околу 26 за здружената албанска опозиција наспроти 24 ДУИ, Алијанса и ДПА.
Можна ли е соработка со ВМРО-ДПМНЕ?
Видете, предизборна можам да кажам дека нема можност за каква било комбинација со македонска партија бидејќи ние веќе пробавме да одиме на такви комбинаторики и испадна дека општеството во Македонија не е спремно за такви комбинации и веќе за жал, можам да констатирам дека се враќаме на етничките гласови и партиите ќе кандидираат и ќе нели се натпреваруваат во тој етнички кампус за да се оди после во постизборни комбинаторики кој со кого ќе коалицира за владата. Во овој контекст е и прашањето за соработката дали со ВМРО-ДПМНЕ или со друга политичка партија на Македонците, предизборно можам да кажам дека нема можност за такви комбинации.
После избори, ние како опозиција ако ги добиеме изборите кај Албанците, ако добиеме мнозинство албански гласови и пратеници, ќе седнеме да видиме кои се можни комбинаторики и кои од тие партии би ги прифатиле и нашите нели програмски определби за да бидат дел од определбите на идната влада.
Видете и ова: Манифест за консензус за уставни измени или купување време?Дали како опозициски фронт ќе излезете со кандидат Албанец за претседател?
Да, тоа е сигурно, досега сме излегле со такви комбинации и претходниот пат имавме заеднички кандидат со Алијанса за Албанците и сега една од нашите договорени работи со сегашната опозицијата е дека на следните претседателски избори ќе трчаме со наш кандидат.
Име ќе откриете или рано е?
Сега не откриваме, отвораме врата и за други партии и комбинација за приближување на други политички партии и други чинители во општеството за да се приклучат на опозицијата и да разговараме за заеднички кандидат за претседател.
Господине Касами, изразивте оптимизам дека уставните измени може да се направат уште оваа година, но и покрај тоа не учествувавте со свој кандидат во Работната група за уставните измени. Зошто?
Затоа што, ние како Беса очекувавме дека Владата ќе биде поразумна. Ние сме недвосмислено за уставните измени, бидејќи тоа го убрзува нашиот пат кон ЕУ. Но Владата покажа уште еднаш дека не е заинтересирана да ги турка напред уставните измени, отколку што е заинтересирана да ги преживее и последните денови и да го тера мандатот до крај. Зошто?
Ние како движење пуштивме формално барање но и заеднички став на албанската опозиција е дека во делот на уставните измени треба да влезе и промена на формулацијата на албанскиот јазик од „јазикот што го зборуваат 20 посто од граѓаните“ на формулацијата „албански јазик“. Владата не чувствува ни најмала одговорност тоа да го стави во процедура без да има обврска во Собранието да ни ги обезбеди гласовите.
Но, министерот Лога најавуваше дека ова прашање може да се отвори во пакет во некоја следна фаза?
Е, сега за да дојдеме до таа ситуација, мора да покажеме интерес и сега тоа да го отвориме. Сѐ додека ДУИ и Алијанса за Албанците не гледаат потреба да го отворат ова прашање за да видиме дали има или нема услови за да знаеме и ние со кого да разговараме во иднина.
Ќе гласаат ви вашите пратеници за уставните измени?
Не. Сѐ додека владата не гледа интерес да го слушне нашиот глас, нема да гласаме за уставните измени. Нашата позиција е јасна.
Целото интервју со лидерот на движењето БЕСА, Биљал Касами може да го погледнете во видеото погоре.