Како и да вртиш, за пензионерите пак нема

Протест на пензионерите во Скопје, 20 септември 2023

За една нето функционерска плата од 200.000 денари, потребни се придонеси од 20 работници во приватниот сектор на минималец, вели Билјана Јовановска, поранешна директорка на ПИОМ. Зголемувањето на функционерските плати ја откочи спиралата на незадоволство. Можно ли е зголемување за сите пензионери?

„Ако има за вас, треба да има и за нас“, беше еден од транспарентите на револтираните и разочарани пензионери, на протестот пред Владата на 20 септември – Меѓународниот ден на пензионерите.

Оттогаш поминаа уште 20 дена, во кои за пензионерите ништо не се смени во однос на нивните барања до власта. Ниту добија линеарно покачување од по 3.500 денари за сите (57 евра), ниту добија минимална пензија од 18.000 денари (293 евра).

Добија само ветување дека ќе влезат во нов „пакет“ за помош што го токми државата. Кога и како – уште не се знае.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по последното зголемување на пензиите рече дека процентот од 5.3 отсто е согласно податоците кое се добиваат од Државниот завод за статистика. Според неа, никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто за околу година и половина.

Јовановска: Една функционерска плата е колку придонесите за 20 работници

Пензионерите со месеци бараат зголемување на нивните примања, оти, како што велат со тие пари што ги добиваат едвај преживуваат. Инфлацијата во август изнесуваше 8,3 проценти, но лани достигна речиси 20 отсто. Граѓаните најмногу се засегнати од цените на храната, која за две години поскапе за речиси 40 отсто.

Покачување на износот на пензиите од 5,3% во септември


Незадоволството кај граѓаните особено се зголеми откако пред половина година функционерите, со одлука на Уставен суд, добија за 78 отсто повисоки плати. Од април годинава 1060 избрани и именувани функционери, како претседателите на државата, Собранието и Владата, министрите, пратениците, градоначалниците, судиите, обвинителите, директорите на јавни и државни претпријатија добиваат повисоки плати.

Видете и ова: ССМ: Или повисоки плати за работниците или протести

За зголемувањето на платите на функционерите од Буџетот се одвоени дополнителни 12 милиони евра. Повисоките плати значат и поголема сума што тие одвојуваат за пензиско осигурување. Од зголемените функционерски плати во Фондот за пензиско дополнително ќе се слеат плус 2,2 милиони евра.

На пример претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој има бруто плата од околу 253 илјади денари, за пензиско одвојува околу 47. 500 денари. Отприлика толкава плата има и претседателот на Собранието, Талат Џафери, што значи дека и од неговата бруто плата, околу 47.000 денари одат за пензиско. Од актуелниот политички врв тие се и најблиску до пензија, односно имаат уште 3-4 години дури да наполнат 64 со колку што години мажите во земјава одат во пензија.

Премиерот Димитар Ковачевски има уште 15 години до пензија. Тој од неговата сегашна плата од околу 240.000 денари бруто, одвојува 45.000 денари за пензиско осигурување. Но колку и голема плата да имале, сепак постои лимит колкава може да им биде пензијата.

Како има за функционерите, а нема за нас, е главното прашање на пензионерите. Хипотетички, доколку претседателот, премиерот, министрите, утре отидат во пензија, колку ќе го оптоварат пензискиот фонд?

Видете и ова: Судската администрација на улица - два протеста, исти барања


Билјана Јовановска, поранешна директорка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, смета дека високите функционерски плати ќе го оптоварат пензискиот фонд бидејќи бројот на корисници на максимална пензија значително ќе порасне, а со тоа и парите потребни за нивна исплата.

„Средствата ќе треба да се обезбедат од тековните вработени во реалниот сектор. Тие, во најголем број, не се со плати кои би ги покриле потребните средства за исплата на толку високи суми. Ако го земеме во предвид и миграцискиот тренд на иселување на граѓаните, тогаш не ми е јасно од каде ќе се најдат средства да го покријат дефицитот што ќе се појави “, вели Јовановска.

Според неа, тоа не е единствениот проблем. Дополнително е што се јавува уште поголема разлика помеѓу пензионерите со минимални пензии и пензионери ,,функционери,“. Па ако не се воведе линеарно усогласување, повторно првата категорија ќе имаат усогласување од десет евра, а втората над 60 евра (како што е со последното усогласување).

Таа нагласува дека платите во администрација, вклучително и функционерските плати се благодарение пред се на придонесите од вработените во приватниот сектор и од даноците што ги уплаќа стопанството. Притоа, за една нето функционерска плата од 200.000 денари, треба да бидат уплатени придонеси за најмалку 20 работници во приватниот сектор на минимална плата.

„Покрај веќе предвидениот, Владата може да го зголеми буџетот на Фондот од непродуктивни трошоци, сузбивање на сивата економија, па така ќе може линеарно да ја зголеми пензијата за бараните 3. 500 денари. Најмалку се зборува дека со воведување на двостолбен пензиски систем од 2003 година, државата се обврза да ги покрива сите транзициски трошоци и затоа од оние 18,8 % придонес за ПИО, 6% ПИО го трансферира кон приватните пензиски фондови. И ниту еднаш Министерството за труд не кажа кој, како и за што ги користи овие пари на граѓаните кои се една третина од пензискиот придонес што се уплаќа, а со исплата на пензии приватните фондови ќе почнат околу 2035 година. Покрај ова, Фондот ќе биде зависен од буџетот се додека додека Владата води политики и за ослободување од придонеси за одредени категории вработени и фирми“, вели Јовановска.

Видете и ова: Фондот нема да издржи ленеарно покачување на пензиите, вели Ковачевски

Доколку сите пензионери добијат по околу 57 евра месечно плус, тоа државата би ја чинело околу 230 милиони евра годишно. Касата на Фондот се полни од сегашните вработени, но тоа не е доволно сегашните пензионери да земат пензии, па кусокот на пари го надополнува државата. Во последните пет години државата во просек му дава на Фондот по околу 500 милиони евра годишно. Зависноста на Фондот од централниот буџет, се очекува да почне да попушта во 2030 година, кога се очекува зголемено темпо на исплата на пензии од приватните фондови. Со тоа треба да почне да се намалува притисокот, а со тоа и дупката на државниот пензиски фонд.

Кој има - пак да има

Пензионерите пред неколку денови добија повисоки пензии за 5,3 отсто. Тие што имаат најниски пензии земаа и најмало покачување, оние со највисоки пензии добија по плус околу 60 евра на нивните пензии.

Висината на пензиите се пресметува врз минат стаж и врз основа на платени придонеси за пензиско. Тие што имаат поголеми плати, даваат и повеќе пари за пензиско, но има лимит до колку може да се одвојува за оваа ставка.

За оние кои имаат најголеми плати, максимум што може да платат придонеси за пензиско е на 16 просечни плати. Ако имаат поголеми пати од тоа, за другите пари не плаќаат.

Видете и ова: Пензионирање подоцна - Непопуларно за работниците, неопходно за фондот


Највисоката пензија што некој може да ја земе во државата е околу два пати повисока од исплатената просечна нето плата за претходната година. Податоците на ПИОМ покажуваат дека највисоката пензија сега е околу
73.500 денари.

„Кај нас од придонесите на тековните вработени во земјата се исплаќаат тековните пензионери. Од друга страна, недоволните придонеси наметнаа редовна практика Фондот да се финансира од трансферите што доаѓаат од централниот буџет во висина од 33% од приходите на фондот, додека 65% од изворните приходи. Ние генерално системски имаме проблем со приходите во ПИО, кој е долгорочен, проблем кој е многу поголем од зголемените плати на функционерите“, вели Шенај Хаџимустафа, професорка по бизнис и економија на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Според неа, за да се одржи квалитетот на живот и стандардот на пензионерите, треба редовно да се врши усогласување на пензиите со индексот на трошоците на живот во земјата.

„Ова, во условите во кои се наоѓа македонската економија после пандемијата, се уште тековната енергетска криза и инфлацијата, трендот на миграција, ќе значи потреба за дополнителна интервенција од централниот буџет поради недоволната финанисиска кондиција на Фондот од изворни приходи, вели Хаџимустафа за РСЕ.

Видете и ова: Пензиските приходи зголемени, но касата на ПИОМ сè уште зависна од буџетот


Пензиите, според сегашната методологија, се коригираат двапати годишно, во март и во септември.

Новата методологија беше договорена лани во март, кога Собранието ги изгласа измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Корекцијата на пензиите се прави врз основа на порастот на трошоците за живот и на порастот на просечната плата.

Најниската пензија во август годинава изнесувала 11.897 денари, највисоката, пак, изнесувала 69.803 денари.

Просечната пензија во август изнесувала 19.062 денари. Во земјава има 1532 пензионери, кои имаат високи пензии, кои се движат од 48 илјади од речиси 70 илјади. Септемвриската пензија е зголемена за 5,3 проценти.

Тие што имаат најниска пензија добиле по плус 630 денари, оние со просечна пензија во септември добиле уште 1010 денари, а тие со највисока пак, добиле по речиси 3700 денари покачување.

Третина од пензионерите се на „минималец“

Во земјава има 336.806 пензионери и 572.327 регуларно вработени, односно на 1,7 вработени им доаѓа по еден пензионер.

Пред повеќе од 30 години, односно во 1991, имало тројца вработени на еден пензионер.

Државниот фонд за пензиско ги прибира придонесите за задолжително пензиско осигурување од сите вработени кои за тоа плаќаат по 18 отсто од бруто платата. За вработените по 2003 година, но и за оние вработени пред 2003 кои така избрале, Фондот за ПИО потоа една третина од придонесите треба да им префрли на еден од двата приватни фонда од вториот столб.

Последните податоци на Фондот за пензиски осигурување, што се однесуваат на август годинава, покажуваат дека речиси 70 отсто од пензионерите имаат старосна пензија. Семејна пензија имаат околу 22 отсто од пензионерите, потоа следува инвалидска која ја земаат околу 8 отсто од пензионерите, земјоделска пензија имаат околу 0,02 отсто и воена пензија околу 0,24 отсто од пензионерите.

Процент на пензионери според износот на пензијата во денари

Речиси третина од пензионерите (28.81 проценти) имаат пензија до 13.300 денари. Осумнаесет отсто од пензионерите имаа пензија од 13.301 до 16 илјади денари. Пензија од 16.001 до 22 илјади денари земаат 25.75 отсто од пензионерите. Над 22 илјади денари пензија имаат околу 27 отсто од пензионерите.

Проблематични и пензиите на идните пензионери

Во последниот извештај на Заводот за ревизија за пензискиот фонд, објавен во март годинава, (се однесува на извршената ревизија за 2021), се наведува дека се уште не се надминати бројните слабости кои ревизорите ги утврдувале во претходните ревизии. Поради грешки и нецелосни податоци, Фондот не може да ги користи парите што му се уплаќани, а тоа значи и дека идни пензионери не може да добијат целосни пензии. Се нотира и дека покрај зголемените изворни приходи не се задоволуваат потребите на Фондот, па тој мора се уште во голема мера да се потпира на државниот буџет.

Видете и ова: Алијанса со над 30-тина директорски места - една богата фирма и претежно загубари


Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во анализа за пензиите наведува дека повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, особено во предизборни и изборни години, довеле до значајно продлабочување на дефицитот на Фондот за пензиско. „Фајнас тинк“ го нотира и тоа дека интензивирањето на барањата за повисоки пензии и плата освен што е водено од порастот на трошоците, е поттикнато и од зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто.

Но, иако во прво време функционерите најавија можна ревизија на одлуката и носење на закон со кој ќе се стави ред на платите, нема ништо од тоа и по шест месеци откако добија драстично зголемување.