„Секогаш кога одевме, беше поминато времето за јадење… Татко ми ништо конкретно не се пожалил, но се случувало, пример, да најдеме во неговата соба колачиња кои се тврди како да стоеле отворени повеќе денови што тој не може ни да ги јаде. Кога го прашувавме, велеше ми ги оставија, ама не можам да тврдам дали му ги дале од домот или некој од другите што како него беа сместени таму“.
Со овие зборови скопјанката Пале се сеќава за нејзиното искуството со старските домови, каде биле сместени нејзините татко и брат.
Нејзиното незадоволство се должи генерално на грижата што ја добивале нејзините блиски додека, како што нагласува, конкретно за храната не може да каже многу бидејќи секогаш посетите им биле после термините за ручек.
Колку е безбедна храната, пак, беше цел на неодамнешните вонредни контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во кои беа опфатени 41 дом за стари лица.
„Со спроведените контроли утврдени се недоследности кои се однесувале на замастени работни површини, неправилна селекција на храна, разладни уреди неселектирани и неуредни, несоодветно чување на храната, неводење на записи за температура, за чистење и дезинфекција на просторијата, приборот и опремата за работа и други“, се примерите кои ги посочуваат од АХВ во одговорот до Радио Слободна Европа за тоа какви состојби затекнале кај дел од домовите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Никој од лицата сместени во домовите или нивните семејства не пријавил проблем со храната во АХВ, но сепак проверките биле направени по налог за вонредни инспекции.
Меѓу другото, инспекторите утврдија дека 14 од домовите воопшто и не биле регистрирани како оператори за храна.
Од почетокот на годинава инспекторите влегле и во 167 кујни во училишта и градинки за да ја проверат безбедноста на храната за децата, а билансот од нив бил дваесетина издадени налози за отстранување на недоследности.
„Технички пропуст“ кај нерегистрираните домови
Дали домот каде биле сместени таткото и братот на Пале, кој се наоѓа во Скопје, но и кои други биле опфатени во последната вонредна контрола, од АХВ не откриваат. Како ниту имињата на другите старски домови каде што има нерегуларности со храната.
И домовите и секое друго физичко и правно лице кое работи со храна – произведува, врши угостителска дејност, транспорт, складирање и продажба, треба да се регистрира како оператор со храна во Агенцијата која води и посебен регистар за овие објекти, предвидува Законот за безбедност на храната.
Тоа што 14 домови или една третина од контролираните 41 не се регистрирале, според АХВ веројатно се должи на „технички пропуст“.
„Кујните во домовите за стари лица, кои се регистрирани во Агенцијата, согласно расположливиот капацитет на инспектори, редовно се контролирани. Останатите, веројатно поради технички пропуст, не се регистрирале во АХВ. Поради специфичноста на дејноста, на операторите им се издадени решенија со наредба за регистрација во најкраток временски рок“, велат од АХВ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Грижа за старите - во приватен, државен или во својот дом?
Од Агенцијата немаат податок колку време овие домови работеле без да се регистрираат како оператори со храна. Исто така, не посочуваат и дали некои од нив и претходно веќе биле фатени како нерегистрирани оператори со храна бидејќи, повикувајќи се на Законот за инспекциски надзор, велат дека тоа може да се увиди „само со организирање работни налози за спроведување вонредни контроли“.
Оваа вонредна контрола, кога беа откриени 14-те домови, беше извршена од 29 до 31 октомври.
Кај пет од останатите контролирани домови, пак, биле запленети и уништени 40 килограми небезбедна храна.
Во рамки на оваа акција инспекторите изрекле 18 казни за операторите и издале 16 наредби за отстранување на недоследности – од кои кај четири домови тие се однесувале на хигиенските услови, а кај три за правење здравствени прегледи на вработените кои се задолжителни, но не биле направени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Затворени и 13 игротеки
Иста акција претходно во октомври од АХВ спроведоа и во 92 игротеки меѓу кои имало 16 кои не се регистрирале како оператори со храна. Осум, пак, не ги задоволувале хигиенските барања, во 16 вработени не направиле здравствени прегледи.
Од храна, биле запленети и уништени 11,5 килограми млечни производи.
„За утврдените недоследности издадени се 19 решенија и наредени мерки за нивно отстранување, времено се затворени 13 игротеки, а на 32 изречени им се парични казни“, посочија од АХВ по спроведените контроли.
Родители во контроли во училиштата
Кога се во прашања училиштата и градинките, билансот од споменатите 167 контроли годинава, како што посочуваат од Агенцијата за РСЕ, бил: пет изречени опомени, 17 наредби за отстранување недоследности и една забрана.
„Досега утврдените недоследности се однесуваат на нецелосно имплементирање на Добра хигиенска, Добра производствена пракса и НАССР систем како и нередовно водење на записи за нив, неизвршен здравствен преглед кај персоналот, неизвршена дезинфекција и дератизација“, посочуваат од АХВ.
Видете и ова: Растеме генерации зависни од засладени пијалоци и брза хранаВо Северна Македонија, дел од училиштата обезбедуваат само ужинка, други само топол оброк, а некои и двете. Не сите училишта во земјава имаат кујна каде може да се подготвува храната. Според праксата што ја посочуваат и од училиштата и родителите, најчесто во оние школи каде не се готви, фирмата што ја доставува храната претходно ја подготвува во кујна во друго училиште каде истата фирма го има добиено тендерот.
Таков е случајот и со училиштето „Григор Прличев“ во скопската општина Гази Баба, каде директорката Александра Петковска-Анастасов, вели и тие како училиште, но и самите родители прават контроли за безбедноста на храната.
„Одговорноста е голема затоа постојано вршиме проверка. Ние бараме храната да биде пренесувана во соодветни садови и соодветно возило со оглед дека не се подготвува кај нас. Ако, на пример, една фирма ја добие набавката во десет училишта може да нема доволно соодветни возила за да ја доставува во различни временски услови и температури како што бараме ние и затоа сме на штрек и постојано проверуваме“; вели Петковска-Анастасов за РСЕ.
Видете и ова: Децата во градинките и училиштата незаштитени од горештинитеТаа додава дека кај нив функционираат комисии и од наставници и од родители кои ја контролираат храната.
„Родителите кога се во можност, најмалку два пати во неделата доаѓаат, им дозволуваме и влегуваат и пробуваат од храната, гледаат во што се послужува. Може да дојдат и на појадок и на ручек, кога сакаат и на неделно ниво ми испраќаат мене како директор извештај кој јас го препраќам до фирмата да се коригира доколку има забелешки“, потенцира директорката.
Ваква пракса, сведочат родители има и во други училишта, меѓутоа не сегде функционира. А, има и случаи каде тие не биле задоволни од исхраната на децата, па училиштето воопшто и не набавува.
„Во нашето училиште децата немаат храна. Минатата година имавме, фирма носеше од надвор, главно печива, но тоа беше толку неквалитетно што мнозинството ученици се откажаа од хранење во училиште и годинава секој сам си купува од продавниците близу училиштето или си носи од дома. Им носеа суви печива, или замрзнати па одмрзнати, наоѓавме и такви со поминат рок. Поради такви проблеми, училиштето годинава воопшто не распиша тендер за исхрана“, вели мајка на седмоодделенец од скопско училиште.
Последниот пример со проблемите со училишната храна беше уште во првиот месец од оваа учебна година. Околу 140 ученици од вкупно 360 кои се хранат во целодневна настава во „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром во септември имаа симптоми на труење, по што кујната таму беше затворена.
Видете и ова: Родителите собираат пари, но како се трошат?Поголем случај имаше и минатата учебна година во училишта во Карпош во кои храна обезбедуваше иста фирма, каде имаше сомнежи за ученици заразени со салмонела.
Контроли во кујните во училиштата и градинки, според Годишниот план на АХВ, се прават најмалку три пати годишно според категоризација на објектите по ризик. Во септември и октомври секоја учебна година, пак, се спроведуваат надзори во оние школи и градинки каде се подготвува и служи храна. Инспекции, уверуваат од Агенцијата, има и кај добавувачите за да се провери дали се исполнуваат хигиено-санитарните услови.