Рекордни 54 пожари на отворено денеска (30 јули) се регистрирани во Северна Македонија, покажуваат последните податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, во вечерните часови активни останаа 19.
Досега пожарите однесоа еден човечки живот, а материјалните штети дополнително ќе се утврдуваат.
„За жал и утре нè очекува ветровит ден и утре нè очекуваат голем број пожари. Сите пожари се разгоруваат најчесто околу пладне и веднаш попладне. Во текот на ноќта, истите ја намалуваат својата моќ, некои од нив и 'заспиваат', односно загаснуваат. Но, со покачувањето на дневните температури, тие се разгоруваат повторно и претставуваат закана за населението“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Најкритично е во источниот дел на државата каде има неколку големи жаришта.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Огнот блиску до првите куќи во Пехчево
Едното е кај Пехчево. Црковните ѕвона во ова гратче на крајниот Исток на државата попладнето на 30 јули се вклучија во знак на предупредување за жителите да бидат подготвени за евентуална евакуација. Пожарот над тамошното село Негрево, кој вчера беше ставен под контрола, денеска повторно се разгоре и стигна над првите куќи во градот. Го загрозува и селото.
Градоначалникот Александар Китански апелираше населението да се вклучи во гаснењето бидејќи „благодарение“ на ветрот пламените јазици се шират во правец на градот.
„Почитувани граѓани, сите кои можат нека се приклучат во гаснењето на пожарот“, апелираше Китански.
Видете и ова: Активни 14 пожари, неколку од нив биле подметнатиНа терен, како што информираа локалните власти, излегоа сите служби – екипи на доброволното противпожарно друштво од Пехчево, пожарникари од соседното Берово и месното население, како и вработени во „Национални шуми“. Во гаснењето имаат и помош од авион.
Оган беснее и во светиниколско
Регионот на Свети Николе е уште едно жариште во пожарите во Северна Македонија. Таму пламените јазици од вчера проголтаа 40-тина куќи во неколку села.
Денеска се организираше и спасувачка акција за седум лица кои биле заглавени во куќа која се наоѓала среде огнен обрач во селото Стројменци.
„Лицата безбедно се евакуирани откако најпрво полициски хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените седум лица“, соопштија од ЦУК.
Видете и ова: Седум лица се евакуирани во светиниколско каде биле заглавени поради пожаритеОрел, Ранчаници, Немањици, Малино се дел од селата кои досега беа погодени од пожарите во светиниколско.
Критична точка имаше и на југот на земјата, во Стар Дојран каде се запали депонијата од каде пожарот се прошири.
„Мислам дека пожарот е подментат, имаме и сведоци. Од депонијата проради ветрот пожарот веднаш се проширил на околната нискостеблеста вегетација. Притоа загрозил неколку куќи. Лично бев, ги погледнав, две куќи се. Би рекол само зафатени од огнот, но не се оштетени. Најважно е што немаме изгорени куќи, немаме повреднеи“, рече директорот на ЦУК, во јавувањето во живо во вестите на Канал 5 ТВ.
Овој пожар, како што рече Ангелов, е под делумна контрола.
Лоша е состојбата во државата, гори цела Источна Македонија, рече тој давајќи оценка за состојбата со пожарите.
Пожари има и на територијата на општините Кратово, Куманово, Карбинци, Македонски Брод...
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Прва жртва од пожарите во Кумановско, апели до населението
Информацијата која вчера првично ја соопшти ЦУК – дека во кумановското село Кокошиње е починат човек откако пожар ја зафатил неговата куќа, денеска ја потврди и Министерството за внатрешни работи.
Загина 75-годижен маж. Неговата сопруга од куќата ја извлекол нивниот внук.
Претходно во текот на денот, надлежните упатија и апел до граѓаните да бидат внимателни.
Ангелов во видеообраќање од терен повика сите граѓани кои живеат во полунапуштени села итно да се евакуираат доколку слушнат дека во нивна близина има активен пожар. Порача граѓаните да не чекаат огнот да дојде до селото, освен ако не е организирана одбрана на селото од страна на локалните власти.
„Да не чекаат до последен момент и да не се изложуваат на непотребен ризик по нивниот живот. Нови куќи ќе се направат, но животот на луѓето не може да се врати“, апелираше Ангелов.
Видете и ова: Немаме пари за да гасиме пожари
Тој соопшти и дека повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.
Засега нема информации кога би пристигнала помош од странство за гаснењето пожари.
Пред десетина дена во Северна Македонија неколку дена беа присутни хеликоптери и авиони за гаснење пожари и од земјите од регионот, како Словенија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Романија.
Во екот на топлотниот бран што го зафати регионот во јули, пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари. Од 14 јули Владата прогласи и кризна состојба. Во гаснењето на пожарите вклучена е и Армијата и полицијата.