Инспекторите од денеска, 5 септември, во книжарите и останатите продавници ги контролираат цените на училишниот прибор, најави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, откако Владата на 3 септември, еден ден по стартот на новата учебна година реши да ја ограничи профитната маржа за трговците за овие производи.
И додека власта се фали се оваа мерка која ја нарече „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, опозицијата критикува дека тоа не е доволно и бара да се заштити стандардот на граѓаните со замрзнување на цените на прехранбените продукти што растат.
Дел од економистите, пак, сметаат дека тоа не би бил најдобар потег, но оти има други механизми како може да се влијае на растот на цените и да се заштити џебот на граѓаните.
Видете и ова: Работниците бараат повисоки плати, владата нуди минимални корекцииНепазарна мерка и „блед“ резултат
Економскиот аналитичар Арбен Халили потсетува дека замрзнувањето на цените е сегмент што веќе е виден од претходната власт и, според него, „реално не даде конкретни позитивни резултати“ кои го подобриле стандардот на граѓаните.
„Тоа од причина што видовме дека по замрзнувањето на цените на некои производи од широка потрошувачка откако тоа ќе завршеше, се случуваше тие истите цени од страна на продавачите да се зголемуваат неколку пати и да ја компензираат добивката. Ако и сегашната Влада сака и смета дека треба да се оди со истите чекори како претходната Влада, чекори кои тогаш ги критикуваше, пак ќе наиде на ’блед‘ позитивен резултат поради фактот што нема сите граѓани да го почувствуваат тоа“, вели Халили за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Кон замрзнување на цените претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ посегнуваше повеќе пати во услови на ковид пандемија, економска и енергетска криза и зголемени трошоци за живот и раст на инфлацијата. На пример, по избивањето на корона вирусот на почетокот на 2020 се замрзнаа цените за лебот, солта, зејтинот, млекото, јајцата, како и средствата за лична хигиена и за дезинфекција итн. Интервенции за основните продукти имаше и околу новогодишните празниците во пресрет на 2021. Замрзнувања имаше и во првите месеци од 2023, кога беа опфатени лебот, тестенините, млечните производи, а во пресрет на Велигден и Бајрам мерката се прошири и на овошјето и зеленчукот.
Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционираГлавната економистка и извршна директорка на непрофитниот институт за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, Благица Петрески, нагласува дека мерката досега беше применета во услови кога стапката на инфлација беше над 10 проценти, имаше нарушување на пазарните механизми и недоволна трансмисија на намалените цени од глобалните пазари во домашната економија.
„Истата се применува само во исклучителни ситуации. Во моментот, не ги забележуваме овие трендови, и оттука истата треба внимателно да се користи. Секако, доколку се процени дека постои пазарно нарушување од поголеми размери, тогаш треба да интервенираат институциите, и преку политиките и преку инспекцискиот механизам“, вели Петрески за РСЕ.
Северна Македонија ја заврши минатата година со инфлацијата од 9,4 отсто, додека проекциите за до крајот на годинава се дека таа ќе биде на ниво 3,5 проценти.
Да се зголеми домашното производство
Наместо замрзнување, економистите сметаат дека на зауздување на цените може да влијае и на друг начин. Аналитичарот Халили потенцира најдобро е да се работи на зголемување на домашното производство на храна.
„Тоа директно ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на производство, истовремено и зголемување на приходите на домашните производители, а со тоа ќе бидеме малку поконкурентни, пред сè, на домашниот пазар, па после да размислуваме и пошироко. Со тоа ќе се овозможи и ние како потрошувачи да имаме поевтини производи, барем од прехранбената индустрија“, вели Халили.
Видете и ова: Максимум штедење за минимум живеачка
Сè додека секој ден стануваме се позависни од увозот, посебно за земјоделски и прехранбени производи, додава тој, мерката замрзнување на цените не е клучот што ќе го подобри животниот стандард.
Кога е во прашање животниот стандард и трошоците на граѓаните, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пресмета дека во август минималните месечни трошоци на едно семејство се зголемени за 629 денари односно вкупната минимална кошница изнесувала 61.199 денари. Според пресметките, само годинава – од јануари до август, таа се зголемила за 4.036 денари.
СДСМ бара Владата да интервенира, премиерот не сака замрзнување
Ваквите пресметки беа и еден од аргументите што опозицискиот СДСМ ги искористи во критиките до Владата зошто не реагира и не ги замрзне цените. Додека трошоците растат, реагираа социјалдемократите, власта не дава пари за зголемување на минималната плата, како и за усогласување на платите во образованието и други сектори.
„Владите во регионот спроведуваат низа на мерки за да им помогнат на граѓаните. Владата на Србија спроведува акција „Подобри цени“ со поевтинување на над 700 производи. Црногорската владата исто така презема марки, ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани веќе одат за Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција на 4 септември.
Видете и ова: Ниските капитални инвестиции ја држат минималната плата најниска во регионотДен претходно, пак, премиерот Христијан Мицкоски излезе со став дека „не е популарна мерка да замрзнувате цени и да ограничувате маржа“ и оти „тоа нема врска со пазарната економија“.
„Но, кога гледате дека одговорноста е сè помала и дека имате дуопол, триопол, а некогаш и монопол на пазарот, тогаш како Влада мора да реагирате со ваков тип мерки со кои ќе работите во интерес на граѓаните, оние кои ве гласале“, рече Мицкоски коментирајќи ја одлуката за училишниот прибор.
За потсетување, таа ги опфати ранците, тетратките, бојците, пластелинот, линијарите, шестарите, гумите за бришење, острилките, дигитроните итн.
Таа ја ограничи маржата во трговијата на големо на 5 проценти, а на мало на 10 отсто. Владата ова го оправда бидејќи, како што посочија, цените стигнуваат и до двојно поголеми од тие по кои се увезени.