Н.Н. од околината на Призрен, припадничка на босанската заедница, вели дека пред неколку години потпишала „документ“ со кој потврдува дека некој од нејзиното семејство има бугарско потекло, за да ја искористи можноста да студира во Бугарија.
„Тој документ го добив од наш човек од околното село“, вели оваа соговорничка на Радио Слободна Европа, која сакаше да остане анонимна.
Нејзиниот целосен идентитет, како и местото на живеење во Косово и е познато на редакцијата на Радио Слободна Европа.
Таа вели дека се согласила да го потпише документот „однапред подготвен и запечатен“, со кој и е сменето потеклото, за да има корист од подобрите услови за студирање во Бугарија - земја членка на Европската Унија.
На прашањето дали е Бугарка, таа одговара:
„Се разбира дека не сум. Но, ако ова ми треба за да се запишам на факултет, зошто да не“?
Таа вели дека по потпишувањето на тој документ, во Бугарија била третирана како државјанка на оваа земја, односно имала право на стипендија и студентски дом. Таа веќе ги завршила студиите и се вратила во родниот град.
Претставниците на босанските политички партии на Косово велат дека Бугарија преку одредени поединци од босанската заедница се обидува да создаде бугарска заедница.
Во неколку случаи, во последните години, бугарските власти до косовските лидери доставија барање за официјално прифаќање на бугарската заедница на Косово.
Во врска со ова барање, шефовите на косовските институции молчат.
Сепак, Косово не е единствената земја на Балканот, во која Бугарија бара прифаќање на бугарската заедница.
Денес Бугарин, утре Босанец“
Досега во Бугарија дипломирале околу 350 студенти, кои се од различни области на јужниот дел на Косово, изјави за Радио Слободна Европа Абаз Адеми, потпретседател на Партијата за демократско дејствување меѓу босанската заедница.
Тој е и еден од лидерите на Канцеларијата на Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница во Призрен, која беше отворена во декември 2023 година од претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Адеми за Радио Слободна Европа вели дека врските и комуникацијата со бугарските власти започнале пред 15 години и во фокусот на заедничкиот интерес е пријавувањето на студенти од Косово на универзитетите во Бугарија.
Оваа практика, според него, продолжува и денес.
„Во Бугарија, во моментов, студираат 189 студенти, на сметка на државата Бугарија“, вели тој.
Адеми потврдува дека имало пракса да се потпишува документ, со барање потврда за бугарско потекло од одредени граѓани.
Тој не појаснува кој дал такви документи, но вели дека таквата практика е прекината.
„Секој што се чувствува Бугарин ќе дојде во нашата канцеларија и само ќе каже дека е Бугарин. Ние нема да издаваме никаков сертификат. Ги забранивме сите потврди кои се издадени порано и не важат“, вели Адеми.
Тој додава дека пописот на населението во Косово, што го спроведе Агенцијата за статистика на Косово од 5 април до 24 мај, се очекува да го открие бројот на граѓани пријавени како Бугари.
Во формуларот за регистрација граѓаните можеа да се изјаснат дека припаѓаат на „друга“ етничка припадност и да наведат за која е. Адеми, на пример, вели дека припаѓа на босанската заедница, но на пописот на населението е прогласен за Бугарин.
Адеми: Денес сум Бугарин.
РСЕ: А утре?
Адеми: Утре пак ќе бидам Босанец.
Бaлe: Не може да се игнорира создавањето на бугарската заедница
Бугарската заедница во Косово е „во процес на создавање“ и овој факт „не може да се игнорира“. Ова го изјави босанската пратеничка во Собранието на Косово, Дуда Бале, која е и претседателка на собраниската Комисија за човекови права.
„Не можам да се правам слепа и да кажам дека не постои. Постои бугарска заедница, таа се создава“, изјави Бале за Радио Слободна Европа.
Таа признава дека во некои села во Призрен, населени со бошњачко мнозинство, има студенти кои студираат на универзитетите во Бугарија.
Како пример го зема разговорот што го имала со мајка од босанската заедница, чии три деца студираат во Бугарија.
Како што вели Бале, таа се обидела да разбере како биле прогласени на пописот.
„Ми рече: „Те молам, не ме вознемирувај. Јас сум тоа што сакам да бидам“. Според косовскиот Устав, тие можат да се изјаснат како што сакаат. Дали ми се допаѓа или не е нешто сосема друго“, цитира Бале.
Видете и ова: САД се разочарани од повиците до Србите да го бојкотираат пописот во КосовоТаа вели и дека резултатите од пописот на населението ќе ја покажат точната бројка на оние кои се изјасниле како Бугари.
Исто така, таа потсетува дека во февруари минатата година, собраниската Комисија за човекови права, со која таа раководи, добила барање со 560 потписи на граѓани за прифаќање на бугарската заедница на Косово.
Таа не појаснува од кого е организирано барањето и доставено со потписи на граѓаните, но вели дека комисијата го сметала за неосновано, бидејќи, според неа, не се пронајдени историски факти за поранешно постоење на оваа заедница на Косово.
Претставници на Агенцијата за статистика на Косово за Радио Слободна Европа велат дека засега не можат да дадат официјални податоци за бројот на граѓани кои се изјасниле како Бугари. Според Агенцијата, прелиминарните податоци за најважните показатели ќе бидат објавени на 12 јули.
Институциите молчат
Прифаќањето на бугарската заедница на Косово е барање на Бугарија до косовските власти веќе неколку години. Барањето доаѓа од бугарските власти, меѓу кои и бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова.
РСЕ се обрати до надлежните институции на Косово, вклучително и Претседателството, Владата и Министерството за надворешни работи, со прашање каков е нивниот став кога станува збор за постоењето на бугарската заедница на Косово и дали го разгледале барањето на Бугарија.
Меѓутоа, до објавувањето на овој текст, ниту една од овие институции не реагираше.
Африм Хоти, професор по право и меѓународни односи на Универзитетот во Приштина, вели дека косовските власти се должни да одговорат на барањето на Бугарија за прифаќање на бугарското малцинство.
„И порано ние (косовските институции) молчевме за некои прашања, за подоцна да кажеме „не, грешка е“ и потоа да се вратиме пак на почетокот“, вели Хоти.
Според него, косовската страна треба да внимава на интересите на земјата.
Видете и ова: МНР: Пописот во Албанија не ја отсликува реалната бројка МакедонциХоти објаснува дека Косово има правна основа за прифаќање на малцинските заедници, но дека мора да им обезбеди општ и нормален развој, односно да ги признае нивниот јазик, култура, документи и други специфични карактеристики.
„Тоа обично носи финансиски трошоци. Затоа државите се обидуваат да ги избегнат таквите обврски. Но, до кој степен може да се направи ова избегнување, зависи од рамнотежата на силите, зависи од потребите што државата кон која е упатено барањето ќе го има кон други држави во текот на нејзиниот развој“, оценува Хоти за РСЕ.
Тој тврди и дека во конкретниот случај Бугарија, за разлика од Косово, е дел од НАТО, Европската Унија, Обединетите Нации и други меѓународни механизми.
Во овој контекст, според Хоти, Бугарија може да го искористи својот потенцијал за да му го наметне на Косово своето барање за прифаќање на бугарското малцинство, условувајќи го со понатамошни чекори за интеграција во различни меѓународни организации.
Претседателството на Бугарија и Министерството за надворешни работи на таа земја не одговорија на прашањата на РСЕ на оваа тема, односно на прашањето дали и каков одговор добиле од властите во Приштина.
Но, на 6 јуни годинава на средбата на бугарскиот заменик шеф на дипломатијата Иван Кондов со косовскиот амбасадор во Бугарија Хаџи Бајрактари се разговарало за „важноста на бугарската заедница на Косово“.
На официјалната страна на Министерството за надворешни работи на Бугарија пишува дека повод за оваа средба била „дискусија за проблемите на бугарската заедница и можностите за нивно решавање“.
Премиерот на Косово, Албин Курти, по средбата во Софија на 22 април годинава, а по претходниот разговор со него во Приштина во декември минатата година, се сретна со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
„Втората средба во рок од четири месеци, премиерот Курти ја опиша како доказ за добри односи и ја истакна важноста на ваквите чести средби за билатералните односи“, соопшти тогаш Владата на Косово.
Во соопштението од кабинетот на Радев, меѓу другото, се наведува дека бугарскиот претседател „ја поздравил определбата на косовските власти да и дадат статус на бугарската заедница на Косово“.
„Многу е важно да се донесат законски механизми кои ќе им овозможат на граѓаните на Косово со бугарска свест да го зачуваат и изразат својот идентитет, како и слободно да ги остварат своите граѓански права“, соопштија од кабинетот на Радев.
Во соопштението од кабинетот на премиерот Курти, пак, не се споменува дискусијата за статусот на бугарската заедница во Косово.
Радев за време на престојот во Приштина во декември минатата година на прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека на својата косовска колешка и го повторил барањето за прифаќање на бугарската заедница. Тој изјави и дека бугарската заедница треба да биде дел од Консултативниот совет за заедниците, кој функционира во рамките на Кабинетот на претседателката на Косово.
Османи тогаш му порача на Радев дека при пописот на населението во Косово секој граѓанин ќе има можност слободно да се изјасни „кој е“ и „на која заедница и припаѓа“.
Барањето за прифаќање на бугарската заедница на Османи го изнесе и бугарската потпретседателка Илијана Јотова на средба во Приштина во февруари 2023 година.
Во соопштението на официјалната страница на претседателот на Бугарија, на 17 февруари 2023 година, беше објавено дека на средбата се разговарало и за признавањето на бугарската заедница и нивните загарантирани права.
Дали постои бугарска заедница или не?
Историчарот Бујар Дуголи и антропологот Тахир Љатифи, двајцата професори на Универзитетот во Приштина, сметаат дека не постојат документирани историски и антрополошки податоци кои докажуваат дека постоела или постои организирана бугарска заедница во Косово.
Дуголи, меѓутоа, не ја исклучува можноста на Косово да има поединци кои се етнички Бугари или се декларираат како такви.
„Во периодот на модерната и современата историја, нема докази дека постои бугарска заедница, кога станува збор за концептот на малцинство“, изјави историчарот за РСЕ.
На сличен став е и антропологот Латифи. Според него, научните истражувања не зборуваат за присуството на бугарската заедница на Косово, барем од средината на минатиот век.
„И за време на социјалистичка Југославија немаше бугарска заедница, според пописите на населението. Ниту сега... Засега нема, но во иднина не можеме да знаеме како ќе се изјаснат“, вели Латифи.
Кои се „нашинците“?
Но, кои се луѓето чиј идентитет се врзува со бугарскиот?
Пратеничката Бале вели дека во рамките на бошњачката и горанската заедница во регионот на Призрен и Драгаш, локалното население зборува специфичен јазик, познат како „нашки“.
Поранешниот политичар и пензиониран професор од регионот на Гора во Драгаш, Садик Идризи, објаснува дека тоа е локален јазик, кој се заснова на стариот и архаичен словенски јазик, но кој останал изолиран и не доживеал модерна трансформација.
Овие луѓе својот јазик го нарекуваат „нашки“ или „нашински“, за да направат дистанца и да покажат дека овој јазик не му припаѓа на некој друг“, изјави Идризи за РСЕ.
Адеми смета дека луѓето кои го зборуваат овој јазик се нарекуваат „нашинци“ или „наши“ и дека студентите кои заминале да студираат во Бугарија го зборуваат овој јазик.
„Нашинци“ засега се во Бугарија. Не сте запознаени со терминот „нашинци“, но постојат“, вели Адеми.
Тивка асимилација
Расим Демири, лидер на бошњачката коалиција Вакат, која е претставена во Собранието на Косово, за РСЕ изјави дека Бугарија е заинтересирана да наметне постоење на лица кои сакаат да се декларираат како Бугари преку поединци од бошњачката заедница.
Демири посочува дека Бугарија тоа го прави преку студенти Бошњаци кои студираат во Бугарија и нивните семејства. Тој додава дека по тој повод на Косово биле одржани средби меѓу високи бугарски функционери и оние кои сакаат да студираат во Бугарија и нивните семејства.
„Ние сме целосно против обидот преку бошњачката заедница да се создаде бугарска заедница“, вели Демири.
Во тој контекст, тој потсети дека потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова и претседателот Румен Радев го посетија Косово во декември минатата година и февруари годинава и се сретнаа со идните студенти и нивните семејства.
Средбата на високите функционери на Бугарија со „претставниците на бугарската заедница“ во Косово е потврдена и на официјалната страница на бугарскиот претседател.
Дуда Бале сепак, не ја обвинува Бугарија за охрабрување на поединци од која било заедница да се декларираат како Бугари. Тaa вели дека Бугарија само „користи моќ, можности и поединци“.
Сепак, укажува дека на тој начин се врши асимилација или „бугаризација“ на поединци од бошњачката заедница, кои се декларирале или можат да се декларираат како Бугари.
„Мислам дека тој процес е навистина активен. Но, што да правам, освен да им објаснам на тие луѓе колку е важно да се биде како нивните предци“, вели Бале.
Бугарите во регионот
Бугарското барање за признавање на бугарската заедница не е упатено само до Косово. Истото беше упатено и до Албанија, која во 2017 година законски го призна бугарското национално малцинство, додека на пописот на населението во 2023 година, бугарската заедница за првпат беше вклучена во податоците за малцинствата.
Според статистиката објавена на 28 јуни, 7057 лица во Албанија се изјасниле како Бугари по националност.
Во меѓувреме, бројот на граѓани од македонска националност е намален, од 5512 во 2011 година на 2281 сега.
Ова предизвика реакција на лидерот на партијата Унија на Македонците за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој рече дека Бугарија им нуди пасоши на Македонците од Албанија во замена ба тоа да се декларираат како Бугари.
Видете и ова: Што ќе добијат Бугарите со уставните промени?По пописот во Албанија, амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, изјави дека е задоволен од резултатите и се заблагодари на владата на Албанија за „создавањето хармонични услови за спроведување на овој процес, каде што луѓето можат слободно да си донесат свои одлуки“.
„Ако албанската влада не ги создаде овие услови - жителите со бугарско потекло слободно да го изразат своето мислење - немаше да ги имаме бројките што ги имаме денес“, рече Киров.
Во 2017 година, Бугарија и Северна Македонија го потпишаа Договорот за добрососедство, со цел да се надминат разликите околу јазикот, идентитетот и историското минато меѓу двете земји. Но, во 2020 година, Софија почна да ја блокира европската интеграција на официјално Скопје, прво инсистирајќи на прашања поврзани со историјата и јазикот.
Подоцна, претседателот на Бугарија, Румен Радев, почна се повеќе да инсистира на правата на македонските Бугари. Во присуство на бугарските власти беа отворени два бугарски клуба во Битола и Охрид во Северна Македонија, што предизвика тензии меѓу двете земји.
За да се надмине спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, Европската Унија го понуди таканаречениот „француски предлог“, кој властите на двете земји го прифатија.
Потоа, на 19 јули 2022 година, Северна Македонија официјално ги започна преговорите за членство во Европската Унија. Сепак, преговорите по поглавја ќе започнат кога Бугарите, меѓу другите заедници, ќе бидат вклучени во македонскиот Устав.
Иако собраниската седница почна со измени на Уставот, досега не е променет највисокиот правен акт за да се вклучат Бугарите во него.
Две третини од 120-те пратеници мораа да гласаат за уставните амандмани, но ВМРО-ДПМНЕ, тогаш најголемата опозициска партија, се спротивстави.
Новиот македонски премиер Христијан Мицкоски изјави дека Собранието нема да гласа за измени на Уставот и побара нови преговори со Бугарија за промена на преговарачката рамка.
Амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер, во интервју за РСЕ изјави дека тие договори се завршена работа и дека нема да има нови преговори.
Според последниот попис на населението во 2022 година, бугарското малцинство во Србија е околу 13.000. Бугарија побара и од Србија подобар третман кон оваа заедница.
Соработка на текстот: Рефки Алија од Призрен, Јетмира Делија-Каци од Тирана и Сања Васиќ од Скопје