Долгот ќе расте - дали новите заеми ќе ја зајакнат економијата?

Илустративна фотографија - јавен долг.

И оваа Влада ќе продолжи со задолжувања, а се очекува до крајот на оваа година државниот долг да достигне 53,7 отсто од БДП, додека јавниот 62,7 отсто, според Предлог-буџетот за 2025 кој изнесува рекордни 6,5 милијарди евра. Економски експерти за РСЕ се скептични за владиниот планиран раст на БДП од 3,7%, додека позајмените пари главно ќе се користат за исплата на старите долгови.

Владата ќе ја продолжи политиката на задолжување на државата, според предложениот буџет за 2025 година. Со парите, се планира исплата на старите долгови, реализација на капитални инвестиции и обезбедување кредити за бизнисот.

Задолжувањето ќе расте, а очекувањата се дека до крајот на оваа година државниот долг ќе достигне 53,7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП), додека јавниот 62,7 проценти, според Предлог-буџетот за 2025 година кој изнесува рекордни 6,5 милијарди евра.

Дали позајмените пари ќе се искористат ефективно за зајакнување на македонската економија и зголемен раст на БДП, економските експерти со кои разговаравме се скептични, особено бидејќи Владата проектира раст на БДП од 3,7 отсто, што е спротивно на предвидувањата од 2,5 отсто на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Видете и ова: Владата го усвои предлог буџетот за 2025 година „тежок“ 6,5 милијарди евра

Професор Банимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена за РСЕ вели дека ваквите владини предвидувања се нереални и неостварливи, укажувајќи дека македонската економија раст од 3,7 отсто последен пат имала во 2021 година поради огромниот пад во претходната пандемиска 2020 година.

„Европа се соочува со криза и ќе расте помалку од 1 отсто. И кога на светот му се заканува трговска војна поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, нема апсолутно никакви шанси наредната година да има толку висок раст“, вели Јовановиќ кој посочува дека овој буџет „скоро воопшто не е различен од буџетите кои ги носеше претходната влада.

Со Предлог-буџетот за следната година приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет, а расходите на 6,5 милијарди евра, за 10 проценти повеќе од претходниот буџет. Предвидувањата за дефицититот се над 670 милиони евра, што е 4,5 отсто од БДП.

Видете и ова: Предлог буџетот за 2025 година денеска на владина седница

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека во предлогот се содржани мерки за фискална консолидација, дисциплинирано даночно трошење и политики за поттикнување на економскиот раст.

„Државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, се ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација.

Опозициската СДСМ за Предлог-буџетот рече дека е нереален и неразвоен, а лидерот Венко Филипче ја обвини власта дека предвидува да „трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци“.

Нови заеми за исплата на старите

Според податоците од крајот на септември оваа година, државниот долг на Северна Македонија изнесува 7.6 милијарди евра, што е 49,3 отсто од БДП), додека јавниот е 8.8 милиони евра, односно 56,9 проценти од БДП.

Во Предлог-буџетот за 2025 година е проектиран дефицит од 672 милиони евра, што е за околу 130 милиони евра поголем од Буџетот за оваа година, пред да биде направен ребалансот од страна на новата влада.

Дефицитот во Предлог-буџетот за оваа година е планирано да се финансира од нови домашни и странски задолжувања, главно за исплата на старите заеми.

Економскиот аналитичар Арбен Халили за РСЕ вели дека и оваа Влада зема нови заеми, без да има јасни цели за зголемување на домашната продуктивност.

„Сите претходни влади го зголемуваат надворешното задолжување и тоа скоро 90 проценти се користи за враќање на стари долгови. Истата ситуација се повторува и оваа година, а сметам дека планираното зголемување на капиталните инвестиции и оваа година нема да може да се реализира, бидејќи очекувам кон средина на годинава да има нов ребаланс на буџетот“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Видете и ова: На крај сите го плаќаат цехот на популистичката дарежливост

Каде ќе одат позајмените пари?

Над 801 милиони евра ќе одат за враќање на старите странски долгови, меѓу нив кредитот за еврообврзницата од 2018 година од 500 милиони евра.

Пари ќе се обезбедат и за враќање на заемите од ММФ, Светска банка и ЕБОР. За домашните долгови, Владата планира да отплати скоро 275 милиони евра за раздолжување кон државните обврзници кои доспеваат.

Владата со кредитот од Унгарија од 500 милиони евра планира 250 милиони за кредити во стопанството. За тоа во тек се преговори со банките под какви услови компаниите да ги земаат заемите.

Премиерот Христијан Мицкоски на 17 ноември изјави дека оваа недела ќе продолжат преговорите со банкарскиот сектор за каматите за кредитите, за потоа да може да почне процесот за аплицирање.

Јовановиќ смета дека проблемите во македонската економија не потекнуваат од немање пари, посочувајќи дека веќе постојат неискористени десетици милиони евра поволни кредити за фирмите преку Развојната банка, ИПА фондовите, и од новиот план за раст на ЕУ.

„И се додека не се сфати ова и не се премине кон нов економски модел кој ќе биде заснован на реиндустријализација на земјата на современ и високотехнолошки начин, со јасен план за имплементација, со конкретни сектори кои ќе се поддржуваат, кои нема да се однесуваат само на обезбедување кредити и намалување даноци, нема да има суштински промени на економски план“, вели Јовановиќ.

Видете и ова: Преговорите со банките заглавија кај каматата за унгарскиот кредит

Од каде ќе бидат новите задолжувања?

Освен унгарскиот кредит од 500 милиони евра, Владата ги планира 50-те милиони евра од Европската унија од Планот за раст, а планирани се и други меѓународни заеми за одредени проекти или за пополнување на буџетската дупка.

Од домашните банки Владата планира заеми преку обврзници и заеми по пониски каматни стапки и подобри услови за отплата.

„Предвиденото ниво на домашно задолжување изнесува 53,8 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со Државни хартии од вредност (ДХВ) и/или домашен заем. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поповолните каматни стапки“, се вели во Предлог-буџетот.

Халили смета дека мора компаниите да го зголемат домашното производство за да може што поскоро да се намали долгот, иако не очекува брзо враќање на сите надворешни долгови.

„Но, секако со враќање на дел од заемите ќе го намалиме ризикот од големо задолжување, што може да не доведе до колапс како држава“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Предлог-буџетот за 2025 година е во собраниска процедура. Тој меѓу другото предвидува капитални инвестиции од 800 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе од претходниот буџет за оваа година. Расправата е во собраниската Комисија за финансирање и буџет, а опозицијата поднесе над 200 амандмани.