За осум убиства приведени осомничени од криминалната банда „Беланоца“

Архивска фотографија, приведување на две лица од село Арачиново за трговија со дрога.

Обвинителството почна истрага против 18 припадници на криминалната банда позната во јавноста како „Беланоца-Барон“ за сторени најмалку осум убиства, рекет, лихва и опожарени спортски обложувалници. Дел од уапсените,се сомничат дека наплаќале од 10 до 25о илјади евра за убиство.

Уапсени се рекетари, лихвари, како и обвинети за убиствата меѓу мафијашките кланови во полициската акција спроведена во недела вечерта, соопштија Обвинителството за гонење на организиран криминал и полицијата.

Обвинителството отвори истрага против 18 припадници на криминалната банда „Беланоца-Барон“. Осомничените во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот. Полицијата и во текот на 16 декември, врши претреси и преведувања во Арачиново, Чаир и други скопски населби.

За 14-мина постои сомневање дека се нарачатели или директни извршители на убиства, а 12 од нив се сомничат и за злосторничко здружување. Останатите Обвинителството ги товари за кривичното дело„ изнуда“.

Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

Обвинителството смета дека првоосомничениот како лидер на бандата, Фатљум Ајети- Тоте, кој во моментов е на издржување казна затвор, заедно со уште четворица други од кои двајца во притвор, а еден починат, пред неколку години создале група со цел извршување на кривично дело убиство.

„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Осомничените од криминалната груба „Беланоца- Барон“ се товарат за убиства, рекет, лихва, подметнати пожари во спортски обложувалници и на автомобили на полицајци и затворската полиција како и закани кон луѓе.

Надлежниот јавен обвинител побара од Кривичниот суд определување мерка притвор за четворица приведени, додека тројца од осомничените се на издржување на затворска казна, а две лица се во притвор за други кривични дела.

Видете и ова: Три македонски банди го држат црниот пазар со дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека по претресите се обезбедени докази за повеќе убиства меѓу кои и познатото неколкукратно убиство во скопскиот Шиша Бар кое предизвика , како што вели „голема вознемиреност кај македонската јавност'“.

„Од страна на членовите на оваа група се извршени поголем број убиства во изминатите години, како и убиства во обид. Во 2023 тројца создале група за изнуда“, изјави министерот Тошковски.

Тој посочи дека дел од осомничените подолг временски период не се во земјава, дел се а дел не се обезбедни, без да ги прецизира деталите за вкупно приведените додека траат претресите.

„Најмалку седум убиства се расветлени во оваа постапка. Колку што сум запознаен, мислам дека само едно е сторено откако сум јас министер за внатрешни работи. Сите останатите се сторени претходниот период. Прашањето е што правеа тие пред нас? Работеа во интерес на македонските граѓани или во туѓ интерес?“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека дел од членовите на оваа криминална банда опожариле и пет спортски обложувалници и една седнвичара, како и неколку возила на затворската полиција.

Кој им шепна за полициската акција?

За полициската акција протекле информации од Министерството за внатрешни работи, и поради таа била спроведена во недела навечер, наместо во вторник како што било планирано.

„Постоеја сомневање кои можеа да ја контаминира акцијата и затоа акцијата мораше да се спроведе во недела навечер“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

„Босовите “ на нарко - картелите во Скопје имаат доушници во државниот систем кои им овозможуваат „работа од слобода“, вели министерот за внатрешни работи Тошковски.

„Порака до нечесните, срам е за македонски полицаец да учествува во поткопување на процесите кои треба да не довеат до правда и правичност и ќе следат во иднина постапки“, рече Тошковски.

Но тој не соопшти повеќе детали за протечените информации.

„Ако ме прашате дали има полицајци кои се нечесни и очигледно повеќе соработуваат со криминалните отколку со нивните колеги – Да. Ако ме прашате дали треба да сме еднакви и гласни во борбата против нив како и против останатите – да“, изјави тој.

Ова е трет пат по ред, како од полициските структури „протекуваат“ информации за полициски акции кои се спроведуваат против нарко-картелите.

Видете и ова: Разбиена криминална група осомничена за убиства и шверц на кокаин од Јужна Америка

Претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски по јануарската акција годинава кога беа уапсени седум луѓе од вкупно 16 осомничени за „увоз на кокаин“ од Перу и Бразил, изјави дека утврдиле дека во МВР има „кртови“ кои наскоро ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.

„Утврдивме лица од институции на државата коишто ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности и ова е почетокот на чистење на тие криминални структури“,рече Спасовски.

На 4 ноември годинава МВР објави дека се уапсени пензионирани полицајци поради оддавање на оперативни информации.

Иако, тогаш не беше експлицитно посочено за кого се работи, но според соопштението наликуваше дека тие им давале информации на најголемиот нарко бос во земјава Шеваљ Муареми, кој според последните објави на социјалната мрежа Инстаграм е во Дубаи.

Пензионираните полицајци добија кривична пријава за „злосторничко здружување“ и „оддавање службена тајна“, а истрагата покажа преку познатата SKY/ECC апликација го известувале наркобосот Муареми за акциите на МВР. Информациите ги наплаќале, а со помош на тие податоци некои криминалци се спасиле од доживотен затвор.

Видете и ова: Русковска- акцијата „Планина“ била пробиена во Грчец

Претходно во 2021 година, тогашната шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал Вилма Рускоска обвини дека поради институционални доушници била пробиена акцијата „Планина“ во која се гонеа дилери на дрога од криминалната група „Грчец/Дуќанџик“

„Беланоца/ Барон“ - еден од главните криминални кланови

Скопското подземје го „држат“ два криминални сојузи од кои едниот е познат како „Грчец/Дуќанџик“, додека вториот е сојузот составен од неколку помали банди од кои најпознат е кланот „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново.

Во оваа група влегуваат и криминалните банди именувани како Барон, именувани по сега веќе опожареното чаирско кафуле Барон, потоа дел од кланот Бундес и кланот од Кондово познат по Агим Красниќи кој пред неколку години побегна од затвор во Косово, но беше екстрадирани и вратен во Идризово.

Називот „Беланоца“ доаѓа од името на селото Белановце, кое се наоѓа на само 25 километри северно од Скопје и во близина на границата со Косово од каде што потекнуваат дел од „босовите“ на оваа група.

Главниот „кум“, на кланот Беланоца, кој исто така е дел од сојузот, е семејството Ајети, односно синот на убиениот Џељо Ајети, Фатљум Ајети- Тоте кој е во затворот Идризово каде издржува 11 годишна казна. Но, кога се случи двојното убиство во „Шиша бар“, тој бил на слобода, откри неделникот „Фокус“.

Видете и ова: Крвава војна во скопското подземје

Последна жртва на „војната“ меѓу „Грчец“ и „Беланоца“ е убиството на таткото на Гани Туша, 56 годишниот Зељќиф Туша. Гани Туша заедно со убиениот во Косово Бљерим Даци беа осомничени за убиствата на „босовите“ на Дуќанџиќ.

Дел од медимите повикувајќи се на полициски извори објавија дека и двајцата се припадници на картелот Барон, сојузник на Беланоца, кој името го добил по сега веќе опожареното кафуле во Чаир. Според полициски извори тоа место било „свртувалиште“ на повратници од боиштата од ИСИС.

Во меѓувреме во изминатава година имаше три обиди за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“, кој според дел од медиумите се смета за близок до картелот „Беланоца“.