Штипјанецот Раим (ова не му е вистинскиот идентитет) во септември лани со семејството отишол во Германија каде останале осум месеци. За тоа време, семејството со седум члена, од кои пет деца, добиле стан на користење. Тамошната социјална служба им исплаќала 2.644 евра месечно, им биле платени сметките за струја, вода, лекарските прегледи и лековите им биле бесплатни ... се што Раим можел само да сонува да има во Северна Македонија, со неговата работа како чистач во куќи со дневница помала од 1.000 денари.
„Прво, два и пол месеци живеевме во дом за баратели на азил. Таму имаше секаква храна, уште од пиле - млеко да ни донесат. Во домот имавме право да останеме од три до шест месеци, додека да ни најдат трансфер. После добивме трансфер во еден голем стан, во градот Кемптен. Дури секое дете имаше своја соба и свои играчки“, раскажува Раим за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Повеќе од половина милион барања за азил во ЕУ во првата половина од 2024Раим тврди дека не барал азил, туку отишол затоа што има болно дете и немал пари да го лекува во својата држава. Тврди дека и не бил депортиран назад, туку сам се вратил.
Тој се вратил во Северна Македонија во време кога германската влада најави дека ќе депортира странски државјани, во обид да ја ограничи нерегуларната миграција и бројот на луѓе кои не добиле азил или поради друга причина немаат право да останат во Германија.
Според македонското Министерство за внатрешни работи (МВР), од почетокот на 2024 година до 31 август, од странски држави биле депортирани 1.020 Македонци.
Најголем дел од нив, 892, биле протерани од Германија.
„Најголем број доставени барања за депортирање на македонски државјани низ годините се од Германија, а многу помал број се од останати земји - членки на ЕУ. Ве информираме дека има тенденција на зголемување во однос на минатите години“, велат од Министерството за внатрешни работи за РСЕ.
Лесна мета на балкански адвокати
Според податоците од Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), Северна Македонија е меѓу земјите на врвот на листата по број на лица кои бараат азил во Германија, но и на врвот по број на лица кои биле вратени во матичната држава.
Во 2023 година, Германија регистрирала 5.999 барања за азил од државјани на Северна Македонија. Тоа е речиси двојно повеќе од Србија, од каде имало 3. 526 барања. Следат граѓаните на Албанија со 2.233 апликации за азил, Босна и Херцеговина со 1.132, Косово со 700 и Црногорците со 299 барања за азил.
Истата 2023 година, од Германија во Северна Македонија се вратени 1.552 лица.
Раим вели, во Германија е тешко да се најде работа.
„Ако сакаш да работиш, треба да научиш германски јазик, па социјалната служба да те пријави дека бараш работа, треба точно да се знае за каква работа си квалификуван. Ама да ви кажам, ние не сме навикнати на таков живот - деца не смеат да прават врева во станот, машина за алишта не смее да работи после 21 часот“ вели Раим во разговорот за РСЕ.
Македонка која работи во Центар за баратели на азил во Германија, вели дека во тој, а и во други центри, меѓу државјаните од Северна Македонија, Ромите се најбројни.
„На барателите, додека чекаат азил, германската влада им даваше пари да го преживеат месецот. Во последно време, наместо пари, почесто добиваат ваучери од големите маркети за храна и за облека, со цел наменски да ги трошат парите. Има такви кои доаѓаат, седат додека можат, ќе видат дека не можат да добијат многу пари и сами ќе се пријават дека сакаат да се вратат дома. Но, имавме и луѓе кои ги депортираат затоа што се проблематични, крадат, се тепаат или напаѓаат други лица“, вели нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
Видете и ова: Германија депортира 50 лица со одбиени барања за азилДениз Селмани, програмски менаџер во организацијата „Ромалитико“, вели дека Ромите често заминуваат во Германија затоа што дома долго не можат да најдат работа, дури и тие што се регистрирани како невработени во Агенцијата за вработување. Од друга страна, гарантираната минимална помош не е доволна за да се прехранат семејствата, кои често се повеќебројни.
„Нашите луѓе, кога ќе стигнат во Германија, се лесна мета на германски и главно балкански адвокати кои им ветуваат дека ќе им средат да останат во Германија, ама тоа не оди така лесно. До три месеци престој немаат проблем, проблемот настанува кога тамошните власти ќе ги откријат, најчесто преку работа на црно“, вели Селмани.
Откако ќе се вратат дома, „Ромалитико“ и други граѓански организации ги таргетираат повратниците, им даваат поддршка децата да се вратат во училиштата, се обидуваат да им ги подобрат условите за живот „за да не одат пак да ризикуваат“.
Засилени контроли за миграцијата
Во јуни, 29-годишен полицаец од Германија загина откако беше избоден со нож во градот Манхајм за време на напад на десничарски демонстрации. Во август, вооружен маж уби три лица и рани повеќе во напад со нож на фестивал во западниот град Солинген.
Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека неговата земја ќе ги заостри сопствените правила за депортирање, откако серијата напади предизвикаа повици за поцврста позиција кон актуелната миграциска политика.
Видете и ова: Германија ги депортира првите авганистански државјани откако Талибанците ја презедоа властаДодека во Европската унија (ЕУ) растат тензиите околу прашањето за нерегуларната миграција, во Германија на 16 септември стапи на сила владината одлука за воведување гранични контроли.
Засилените контроли на сите девет копнени граници на Германија се обид на Берлин да ја ограничи имиграцијата преку спречување на луѓето, особено на барателите на азил кои веќе преминале во други земји на ЕУ, да влезат во Германија.
Како што пренесе „Дојче Веле“, според податоци од германското Министерство за внатрешни работи, 82 отсто од овогодинешните депортирани лица заминале со авион, додека третина од сите депортации биле трансфери според таканаречената Даблинска регулатива.
Податоците на германското министерство, исто така, открија дека до 30 јуни, 226.882 лица во Германија биле обврзани да ја напуштат земјата, бидејќи немаат право на азил. Од нив, околу 182.000 имале толериран престој - што значи дека тие не можат да бидат депортирани поради одредени причини, на пример затоа што немаат никакви документи за идентификација или се болни.
Имало и околу 14.000 неуспешни депортации. Причините за ова вклучуваат откажани летови, отсуство или болест на депортираниот и други организациски причини.
„Јас не би одел пак, ова ми беше прв и последен пат“, уверува нашиот соговорник Раим.