Арсовска градоначалник „За модерно Скопје“ или „Скопје што потона“

Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје

Големата подршка која Данела Арсовска ја доби на локалните избори, за година и пол се „стопи“. Граѓаните на последната анкета на ИРИ се изјаснија дека не се задоволни од нејзиното управување со Скопје. Радио Слободна Европа анализира, што вети, а што исполни Арсовска.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во предизборната програма им се обраќаше на скопјани со „драги мои“ и им објасни зошто се кандидира за градоначалник.

„Градот тоне во нечистотија, загаден воздух, урбанистички хаос, неорганизиран систем за јавен транспорт. За мене проекти се суштински измени во градот што ќе им овозможат поквалитетен и подобар живот на скопјани. Не сакам да живееме со убави спомени за Скопје, сакам заеднички да создаваме нови убави спомени за нас и идните генерации“, пишува во воведот на програмата „За модерно Скопје“.

После година и половина од владеењето на оваа независна кандидатка која на изборите „одеше“ со поддршка на ВМРО ДПМНЕ, Радио Слободна Европа во интервју неодамна ја запраша Градоначалничката Арсовска, Дали се доживува себе си како успешен градоначалник?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Арсовска - Јас сум успешна градоначалничка

„Апсолутно да, имајќи предвид што е она што сакам да се постигне во градот, а тоа е да се воведе ред и систем кој до сега го немало. Легитимно право е правото на протест на секој кој што смета дека има нешто да и каже на јавноста, но исто така легитимно е и нашето право да се обидеме да направиме нешто што ќе биде добро за сите граѓани. Не само за неколкумина засегнати на кои што им е нарушен комодитетот. И самите видовте политиката вмеша прсти во сите овие случувања, а таа треба да има свое место кое не треба да е тука во јавните дејности и услуги“, рече Данела Арсовска во интервјуто.

Но, последната анкета на Интернационалниот републикански институт покажува „втроглав“ пад на довербата на граѓаните во Арсовска. Задоволството на скопјани од работата на Арсовска се мери во помалку од 1%, 50% се многу незадоволни a 21% незадоволни. Делумно задоволни се 18% , а 9% не дале никаков одговор. Повеќе од половина пак односно 53% сметаат дека на Скопје му треба нов градоначалник. Анкетата е направена меѓу 8 април и 4 мај, на 389 испитаници од Скопје.

Што вети Арсовска?

Според крајниот резултат на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година Арсовска освои 118.765 гласа, додека нејзиниот противкандидат во вториот круг Шилегов 90.682. Со други зборови 28.083 скопјани повеќе гласале за новата градоначалничка на Скопје. Ги придоби со ветувањата и тоа беа 15 + 1 приоритетни проекти.

„Пет нови мега паркови, бесплатен автобуски превоз, 5 нови булевари, ревидирање на проценка на данок на имот, гасификација, 25% поевтини паркинзи, Водно – зелен штит на Скопје, сообраќаен коридор Мавровка, најдобар Луна парк на Балканот, 250 нови еколошки автобуси, доста е од корупција, Скопје без заборавени населби, зелен кеј од Ѓорче до Ново Лисиче, еколошки зелен совет, зелени коридори Серава и Лепенец, Чистење на диви депонии во први 82 дена“ одекнуваше од рекламните спотови.

По добивањето на функцијата како еден од приоритетно започнатите проекти со кој се пофали Арсовска беше последниот промовиран бидејќи имаше и конкретен рок, дека ќе се заврши во првите 82 дена. Тоа беше чистењето на 150 диви депонии, а таа пред јавноста презентираше дека успешно заврши неговата реализација.

Инфографика - Што ветуваше Данела Арсовска?

Што не исполни Арсовска?

Но, меѓу првите вести за одлуките на Арсовска, поврзани со укинување на претходни одлуки беше дека го раскина договорот за новогодишно украсување на Скопје кој го склучил нејзиниот претходник Петре Шилегов. Причина за „да им се стемни“ Нова Година на скопјани беше штедењето на струјата. Дека таа „не ги сака“ проектите на Шилегов се потврди и со одлуката да го стопира проектот за еколошки јавен превоз „Бас Рапид Транзит“, вреден 70 милиони евра кој се спроведуваше со подршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). И покрај тоа што од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на ЕБОР.

„Од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје,“ напиша Арсовска на својот фејсбук профил.

Видете и ова: Арсовска- Никогаш не се откажав од БРТ, проектот е во почетна фаза

Во декември 2021 рече, дека ќе се спроведува реорганизација на ЈСП и дека се работи на проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните кој во целост ќе се реализира за две години, но и дека ќе се набават 250 нови еколошки автобуси. Во меѓувреме граѓаните се соочија со колапс на јавниот превоз.

Есента 2022 започна со штрајк на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) па за прв пат во историјата Скопје остана без јавен превоз. Автобусите беа однесени пред Влада бидејќи Арсовска тврдеше дека септемвриската плата не е исплатена поради долг што владата го има кон претпријатието. Власта негираше. Граѓаните заглавија.

Неколку недели подоцна и приватните превозници кои во кампања ја поддржуваа, се свртеа против Арсовска. И се „разлутија“ поради новиот оглас за поединечно аплицирање, но и поради неисплатени долгови. Со денови Скопје беше блокирано на клучните крстосници, а линиите редуцирани поради недостиг на автобуси. Граѓаните повторно мораа „пешки“.

Видете и ова: Како исчезна проблемот со приватните превозници во Скопје?

За тоа колку Скопјани се незадоволни од проблемите во јавниот превоз покажува и последната анкета која ја објави ИРИ. На прашањето кои се двата најсериозни проблеми со кои се соочува Скопје од 389 испитаници, речиси една третина или 30 проценти одговориле дека е Јавниот превоз што го издигнува на прво место како проблем за граѓаните.

Идејата за набавка на нови еколошки автобуси заглави во Советот на Град Скопје и точката за задолжување од 10 милиони евра не помина оти ВМРО ДПМНЕ и неговите советници веќе одамна и откажаа поддршка на Арсовска. Од бесплатниот јавен превоз скопјани придобивки имаат само кога е екстремно загадено, нешто што беше пракса и пред Арсовска. Реализација на проектот со кој ги „купи“ граѓаните, нема на видик.

„Рачето во медот“ и пресуди на поддршката за Арсовска од Мицкоски

Во средината на септември 2022 година „пукна“ довербата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Кристијан Мицкоски. Одлучи да ги разреши Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, како и в.д директор на ЈП „Водовод и канализација од функциите, а тие пак добија поддржка од Мицкоски. Таа ги обвини за несовесно постапување за тендерот за пречистителна станица .Мицкоски велеше дека чесно работеле. На седница на Советот на Град Скопје, Арсовска јавно запраша:

„Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски, за жал, не е еден од тие“, порача Арсовска.

Видете и ова: Мицкоски: Чувствувам одговорност што застанав позади Данела Арсовска

Тендер вреден 136 милиони евра за Пречистителната станица поради кој настана кавгата беше со пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка. Арсовска ги промени и членовите на евалуационата комисија но проектот беше стопиран. Дури годинава Министерката за екологија го потпиша договорот за станицата со ЕИБ, а Арсовска ова го протолкува како нејзин успех.

Арсовска менува директори, но се бори и против партиско - фамилијарни вработувања

Изминатиот период на владеење на Данела Арсовска го одбележаа и низа промени на директори, во јавните претпријатија па така во ЈСП се променија тројца како и во Зоолошката градина. Во две јавни претпријатија, Паркови и зеленило и Водовод и канализација беа променети двајца. Скандал изби и со именувањето на директор на МКЦ кој беше привремено вработен, без искуство во културата.

Често вработени од овие претпријатија или блокираа улици, или штајкуваа. Последен таков инцидент беше со несобирањето на ѓубрето од контејнерите викендов, бидејќи дел од вработените во ЈП Комунална хигиена не се согласуваа со промените кои ги воведе директорката Косана Мазнева-Николиќ.

На вчерашната прес конференција Арсовска посочи дека фатиле вработени кои 5 години живеат во Германија, а земаат плата од јавното претпријатие, дека 42 лица од исто семејство се на список вработени, од тоа само од неколку фамилии. Ова не беше прв пат таа да се спротивстави на фамилијарно - партиски вработувања. И во случајот со ЈП Водовод и канализација кога имаше најава за штрајк посочи дека претпријатието е „биро за вработување на партиски кадар“, а таа сака да го департизира.

Според поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски кој работеше на децентрализацијата во земјава вели дека Град Скопје e од особено значење па поради тоа дури и во Уставот на државата е дефиниран како посебна единица на локалната самоуправа.

„Јасно ми е дека Арсовска е соочена со многу сопки од политичките партии, особено од ВМРО ДПМНЕ и покрај тоа што ја подржаа на изборите. Но таа мора да знае дека има силна позиција бидејќи со Претседателот, градоначалниците се единствени кои како личности граѓаните ги бираат на непосредни и тајни избори. Додатно градоначалникот на главниот град е четврт по ранг важна личност во земјата со која треба да се среќаваат и странски државници. За жал таа се однесува како многу конфликтна личност, како да работи сама против себе и тешко излегува на крај со кризните ситуации, вели Коцевски.

Арсовска беше променета од Претседател на ЗЕЛС на почетокот на годинава и покрај тоа што ова место речиси секогаш е резервирано за првиот човек на Град Скопје. Таа е еден од малкумината функционери која избра на кој медиум секоја недела ќе дава отчет за сработеното, а често влегува и во конфликт со новинарите.