Достапни линкови

Како исчезна проблемот со приватните превозници во Скопје?


Приватните превозници од јавниот автобуски превоз во Скопје ја блокираа раскрсницата кај Мавровка поради долгови од ЈСП, 28.11.2022
Приватните превозници од јавниот автобуски превоз во Скопје ја блокираа раскрсницата кај Мавровка поради долгови од ЈСП, 28.11.2022

Приватните автобуски превозници се враќаат во јавниот превоз во главниот град, откако се договориле со градоначалничката Арсовска да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра, долг за кој градоначалничката тврдеше дека е резултат на криминал на превозниците. Но Арсовска тврди дека нема долг туку доспеани обврски.

По петмесечни натегања помеѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и приватните превозници на автобус, Градот денеска распиша нов повик за приватни автобуски линии. Поднесувањето на пријавите е до 21 март, а на 27 ќе се врши разгледувањето и одлучувањето.

Новиот оглас е за истите линии и под истите услови под кои и претходно возеа приватните компании. Она по што се разликува е што сега наместо приватните превозници „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ со кои Арсовска рече дека нема да соработува, ќе се јават истите превозници само преку нови фирми.

Огласот доаѓа откако Арсовска се договорила со приватните превозници да им се исплати 1,5 милиони евра, сума за која тие тврдеа дека Градот им ја должи, а за што Арсовска негираше и ги обвинуваше за криминал, затајување на приходи, матни игри и нечесно трошење на буџетот на граѓаните.

Долг што што не е долг?

Во денешното соопштение од Град Скопје, по повод објавениот оглас, повторно се нагласува дека Град Скопје нема долг кон превозниците. Градоначалничката денеска во изјава за медиумите вели дека долгот кон превозниците е од недостасани обврски, кои ќе се плаќаат тековно, а блокадите рече дека биле од лични и политички мотиви.

„Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации кои беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она кое што е тековно побарување од новиот договор и она од претходниот договор јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што тоа било наназад изминатите триесеттина години“, рече градоначалничката Арсовска.

Арсовска претходно беше децидна дека јавниот превоз може да функционира и без приватните автобуси во градот. Но сега нема одговор на прашањето со оглед на тоа што ги прифати сите барања на приватните превозници, зошто порано не го стори тоа и наместо тоа се дозволи хаос и блокада на јавниот превоз во изминативе пет месеци.

Исти превозници ралични фирми

На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради договорот кој беше раскинат, кој предвидуваше забрана за учество доколку се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина. Директорот на приватниот превозник „Слобода Превоз“, Ленин Јовановски, вели дека договорот помеѓу Арсовска и приватните превозници покажува дека се правеле обиди да се претстави состојбата таква каква што не е.

„Не ми е јасно зошто се изгуби толку време и се правеа обиди да се претстави состојбата таква каква што не е. Сепак добро е што има некаква разрешница за приватните превозници“, изјави Ленин.

Јовановски, се повлече од протестот на приватните автобуси во декември, откако рече дека неговото име премногу се злоупотребувало. Тврди дека тој нема да се пријави на огласот.

„Јас од принцип нема да се пријавам бидејќи мислам дека можам само да штетам на процесите и поради тоа одлучив овој период да биде оставено така“, вели Јовановски.

Приватните превозници задоволни од договореното

За тоа што е договорено и како ќе се исплаќа долгот од 1,5 милиони евра, членот на приватните превозници Јовица Зафировски вели дека тоа треба да го одговорат градските власти. Превозниците вели, се задоволни од договореното и дека ќе се пријават на огласот. Очекува од почетокот на следниот месец повторно да почнат со работа.

„Ние со градоначалничката се договоривме за многу работи се е во ред, се е во позитивна насока, ќе имаме и други состаноци со неа за подобрување на некои услови во однос на работата, ние никогаш не сме излегле јавно со барања нашето главно барање беше сите линии да бидат вклучени во јавниот повик и тоа е испочитувано“, вели Зафировски.

Во Советот на Град Скопје пак дел од советниците, тврдат дека никој од нив не ја видел спогодбата меѓу градоначалничката и превозниците. Советникот од ВМРО ДПМНЕ, Стефан Андоновски пред три дена во интервју рече дека ќе поднесат кривична пријава против градоначалничката, но и директорот на ЈСП, доколку е договорено да се исплаќаат дополнителни камати за неисплатените фактури кон приватните превозници.

„Ако таа спогодба содржи и камата, зошто законски им следува камата на неисплатените фактури, јас можам да кажам дека ние како советничка група ќе поднесеме кривична пријава и против градоначалничката и против директорот на ЈСП за тие камати, ако се договориле да им ги исплатат дополнителните камати зошто тоа е директно оштетување на Буџетот на Град Скопје. Од Буџетот се даваат пари на ЈСП, а ЈСП ќе треба на превозниците. Ако ЈСП се договори во оваа формална процедура дека ќе им исплати основица од тоа што им должи од ноември до денеска, плус и камата за тој период ние ќе поднесеме кривична пријава за таа разлика“, рече Андоновски.

Инаку, ова е трет оглас за приватните превозници, откако претходните два пропаднаа, бидејќи никој не се пријави. Хаосот и проблемите во јавниот градски превоз траат со месеци наназад. Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот превоз. Неколку дена ги блокираа главните сообраќајници во градот.

На тоа му претходеше и протест на Јавното Сообраќајно Претпријатие (ЈСП) во октомври, кога со неколку автобуси раководството на ЈСП во знак на протест ја блокираа улицата пред Владата. Причината беше доцнење на платите на вработените.

Во меѓувреме јавниот градски превоз, продолжува да сообраќа само со автобусите на ЈСП. Граѓаните во Скопје со месеци наназад мака мачат со јавниот превоз додека да стигнат на работа или училиште, бидејќи нема доволно автобуси на сите линии.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG