И утринава, трет ден по ред, голем број на граѓани во главниот град, движејќи кон работа, поминуваа покрај преполните контејнери со ѓубре кое се прелева и на тротоарите и улиците. Протестот за повисоки плати на вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и одбивањето да работат беше причина градоначалниците на општините вчера да ги „засукаат“ ракавите и самоиницијативно со позајмена механизација да го собираат ѓубрето. Сепак, најголем дел остана на улиците.
Денеска, 12 од вкупно 18 скопски градоначалници, побараа град Скопје да преземе мерки за итно постапување на „Комунална хигиена“ и да достави извештај за состојбата на најдоцна во период од 48 часа, му препорачаа на градот и да одржи вонредна седница за нефункционирањето на јавното претпријатие, како и иницијатива за формирање на општински претпријатија во рамките на градот. Доколку состојбата не се реши, скопските градоначалници бараат и Владата да се вклучи во решавање на проблемот.
„Тоа беше и согласување од градоначалничката пред неколку месеци кое го изнесе во еден од состаноците дека треба да се расформира и да ни се дадaт надлежностите на нас. Сметаме дека со помалку ресурси за што го плаќаат граѓаните ќе пружиме квалитетна услуга. Со температури над 40 степени да оставите Скопје да тоне во отпад, никогаш во градот не се случило вакво нешто“, изјави градоначалникот на Кисела вода, Орце Ѓорѓиевски.
Единственото решение, според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски е што побрзо град Скопје да ја реши состојбата во јавното претпријатие. Се додека тоа не се случи, вели Герасимовски, барањето на градоначалниците е јавното претпријатие „Дрисла“ да ги крене рампите, за да можат општините да го истоварат сметот.
„Нашите луѓе од утрото со голем број на механизација и камиони се на терен, но, камионите се наполнети и заглавени пред рампите на Дрисла. За жал, не може да продолжи самата акција. Не можеме да отстраниме се, бидејќи немаме механизација за оние поголеми контејнери на булеварите и подземните контејнери, но, имаме доволно механизација да го отстраниме ѓубрето покрај контејнерите и помалите контејнери“, изјави Герасимовски.
„Комунална хигиена“ се враќа на улиците
Откако само два часа претходно градоначалниците на повеќето скопски општини ја обвинија за политиканство, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска на заеднички прес со директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева - Николиќ, посочија дека состојбата во претпријатието е нормализирана и дека вработените веќе се на терен. И двете посочија дека успешно се справиле со „опструкциите на мафијашките структури кои не дозволиле вработените да ги извршуваат работните задачи“.
„Помала група вработени кои повеќе од 15 години ја држат трета смена спротивно на законите и колективниот договор а поголем дел од нив не се појавуваат на работното место го блокираат редовното работење на претпријатието и не дозволуваа овие неколку дена да биде исчистен сметот во градот. Веќе денеска работата на „Комунална хигиена“ е вратена во нормала и сметот редовно се чисти и вработените ги исполнуваат работните задачи. Почнато е со градските главни улици ќе работиме 24 часа без никаков застој за да ги сервисираме на градот Скопје“, изјави Мазнева - Николиќ.
Директорката тврди претпријатието со кое раководи било под заложништво на „мафијашки структури“ и повика надлежните институции побрзо да постапуваат.
Според Мазнева-Николиќ, блокадата на „Комунална хигиена“ била креирана од помала група на вработени, потпомогната од група луѓе кои воопшто не биле вработени во претпријатието.
Арсовска: Иселени во Германија возат камиони, а земаат плата од претпријатието
И градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска кажа дека „Комунална хигиена“ веќе почнала со работа на градските главни улици, притоа најавувајќи дека ќе работат 24 часа без никаков застој за сервисирање на сметот во градот.
„Целото комунално претпријатие е надвор сите работат. Не можеме да надополниме за 5 часа она што мафијашите го направија за три дена како штета. Но, постапуваме ќе се исчисти градот и ќе се работи многу подобро“, рече Арсовска.
Арсовска посочи дека директорката Мазнева - Николиќ детектирала неправилности во претпријатието и постапила како ниту еден маж досега.
„За неработниците веќе нема место тука. Фативме луѓе кои 5 години живеат во Германија, трајно се иселиле, кои возат камиони, а земаат плата од јавното претпријатие. Има 42 лица од исто семејство на список вработени, а има повеќе такви фамилии. При нивното вработување, непотизмот не бил третиран. Не навлегувам како пред 15 години некој бил вработуван. Но, дека мора да се расчисти кој не одел на работа а не земал плата, мора да се расчисти“, рече Арсовска, одговарајќи на новинарски прашања.
Вработен во “Комунална хигиена“ потврди за Радио Слободна Европа, дека сите од денеска се враќаат на работа и дека паралелно преку нивниот синдикат ќе разговараат за нивните барања - зголемување на платите, подобри услови за работа, 13-та плата и бенефициран стаж.
Денешните препукувања меѓу градоначалниците во Скопје доаѓа по синоќешниот протест кој се одржа во рамките на дворот „Комунална хигиена“, каде вработените не дозволуваа каминоните за чистење на смет да ја напуштат капијата. Интервенираше полицијата која ги тргна демонстраните на страна.
Полицијата соопшти дека пред „Комунална Хигиена“ во Гази Баба протестирале и лица кои не се вработени во претпријатието. Од МВР, исто така соопштија вработени во ЈП „Комунална хигиена“ претепале колега кој чистел отпад во Скопје. Според информациите од полицијата настанот се случил откако камионите на претпријатието излегоа од дирекцијата и почнаа да го собираат сметот во Скопје.
„Дрисла“: Договорите на општините се истечени
Синоќа, градоначалниците на скопските општини Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски, неуспешно се обидоа да го депонираат собраното ѓубре во депонијата Дрисла. Сметот го оставија пред портите на „Дрисла“, тврдејќи дека како општини имаат уредни договори за да влезат во депонијата.
Но, од јавното претпријатие тврдат дека немаат потпишано нови договори со двете општини, а дека старите им се истечени во март 2023 година.
„Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?, се наведува во соопштението.
Но, и двајцата градоначалници, Муцунски и Ѓорѓиевски тврдат дека имаат целосно право да одлагаат отпад во „Дрисла“ без никаков договор, бидејќи тоа е регионална депонија на територија на градот Скопје.
„Има одлука за прогласување на градежен објект „Дрисла“ за прогласување на регионална депонија на Скопски плански регион. Донесен акт во 2011 година и тука се наведени сите општини коишто на оваа единствена депонија на територија на Скопје, можеме да го депонираме отпадот, без никакви договори и без никакви измислени потреби коишто ги наложува сега директорот“ – рече Ѓорѓиевски.
Судирот на скопските градоначалници со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска останува и откако ќе се исчисти градот. Тие бараат расформирање на „Комунална хигиена„ и чистењето и наплатата на ѓубрарината да ја вршат самите општини, но, Арсосвка за тоа не сака ниту да разговара.