Алкотест за добро утро во државни и во приватни фирми

Упатство за алкотестирање на влезот на комуналното претпријатие во Берово

Правилник секој ден ги предупредува вработените во беровски Комуналец дека може да бидат тестирани и ако пиеле алкохол ќе добијат казна или отказ. Ваквата пракса има и во други градови, а вработен во РЕК Битола, кој бегал преку прозорец за да не го тестираат, завршил на суд. Според СЗО, секој возрасен во Северна Макеоднија пие по 4,5 литри алкохол годишно

Упатство за вршење алкотестирање секое утро им посакува добредојде на вработените во комуналното претпријатие во Берово. Истакнато е уште на влезната врата во Јавното претпријатие за комунални работи (ЈПКР) „Услуга“ и од него вработените може да прочитаат дека може да бидат тестирани дали дошле пијани на работа или не и дека може да се соочат со последици.

Берово, градот познат по беровските сирење и ракија кој се наоѓа во источниот дел на државата покрај границата со Бугарија, не е единствениот каде одлучиле алкотестирањето да го воведат како опција, барем на хартија, за да воспостават ред и дисциплина меѓу вработените. Како пракса тоа постои и во јавни претпријатија во други градови, во државни фирми, како и во низа компании од приватниот сектор.

Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) објавен годинава, во Северна Македонија секој жител над 15 години, пие по 4,6 литри алкохол годишно. Но, во споредба со останатите земји од Западен Балкан, македонските граѓани најмалку конзумираат алкохол.

Видете и ова: Основци посегнуваат по алкохол

Ги плашат дека ќе ги тестираат

Беровското комунално претпријатие упатството кое е истакнато на влезната врата го донело во мај лани, но во пракса досега не го спровеле. Како што вели директорот Илија Рунтевски, целта им е психолошки да влијаат за вработените да не доаѓаат под дејство на алкохол.

„Засега не сме тестирале никого, но имаме донесено одлука на Управен одбор дека може да се прави тоа и има правилник за како да се врши. Инаку, досега немаме земено ниту дрегер, намерата ни беше психолошки да делуваме на работниците, да имаат некој страв дека може да ги тестираме“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) директорот на ЈПКР „Услуга“, Илија Рунтевски.

Целта со алкотестирањето, како што пишува и во самото упатство на влезната врата, е „зголемување на безбедноста и здравјето на вработените“.

Правилник за алкотестирање во беровското комунално претпријатие.

„Со оглед на природата на работењето, машините и опремата што се користат во работењето, јавното претпријатие воведува нулта толеранција за секој вработен под дејство на алкохол“, пишува во документот.

Тестирањето, како што одлучил Управниот одбор, може да се применува за секој вработен, почнувајќи од луѓето што работат до канцеларија, до оние на терен задолжени за јавната чистота и отстранувањето на отпад – категорија на вработени за која, и кај раководствата на јавни претпријатија во другите градови, постојат најголеми сомнежи дека може да доаѓаат под дејство или да користат алкохол во текот на работното време.

Казнување со 30 отсто од плата, распоредување на пониско ниво и отказ се исходите од дисциплинските постапки за вработените што ќе бидат фатени под дејство на алкохол кои ги предвиделе во беровското комунално претпријатие.

Видете и ова: Потребни повеќе мерки за превенција од алкохолизам

Тестирање и по два пати на ден

И додека во Берово овие правила засега се само на хартија и истакнати на видно место за „заплашување“, некои веќе и ги применуваат. Таков е случајот со Македонската Каменица, од каде Рунтевски, вели и дека ја добиле идејата за воведување на постапката за алкотестирање откако тоа било споменато на еден од состаноците со директорите на комуналните претпријатија од источниот регион.

Како што раскажува тамошниот директор, се решиле да воведат алкотестирање бидејќи имало период кога забележале дека некои вработени доаѓаат под дејство на алкохол или пијат во текот на работното време.

„Се решивме да ја воведеме оваа пракса за да воспоставиме ред и дисциплина и бевме едни од ретките кои го правеа тоа. Имаше случаи кога беа откриени лица под дејство на алкохол за што си имаше и соодветни дисциплински постапка“, вели Влатко Димитровски, директор на Јавното претпријатие „Камена река“ во Македонска Каменица.

Околу една година тие ги тестирале вработените и на почетокот и на крајот на работното време. Но, откако пред неколку месеци го смениле работното време поради подобро функционирање и работниците одат во различни часови на работа, алкотестирање продолжиле да прават, но по случаен избор.

Алко тестирањето не е ретка пракса ниту во приватниот сектор. Некои фирми секојдневно ги тестираат своите вработи, други повремено.

„Кај нас се тестираат по неколку луѓе секој ден при влез во фабриката. Тие се избираат по случаен избор, електронски. Толеранцијата за алкохол е нула и ако те фатат пијан, ќе те избркаат од работа. Ова постои со години наназад“, вели вработена во фирма во Скопје.

Видете и ова: Опасни трендови меѓу скопските тинејџери - вино и трамадоли за витка линија

Бегал низ прозорец за да не го тестираат

Алкотестирањето од страна на работодавецот не им е непознато ниту на судовите каде завршувале вакви случаи. Еден од нив е во спор каде била тужена РЕК Битола, подружница на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Според пресуда од ноември 2022 на битолскиот Апелациски суд која е јавно достапна, вработен пред пензија бил фатен пијан и избркан од работа по што покренал тужба бидејќи сметал дека отказот бил незаконски. Основниот суд во Битола првично пресудил во негова корист, но Апелација потоа ја преиначила пресудата во полза на РЕК Битола.

Во деталите од пресудата е наведено дека при крајот на смената кога вработениот се вратил од терен било побарано да направи алкотест, но тој првично одбивал, па дури и избегал преку прозорецот.

„Кога лицата влегле во канцеларијата на тужителот и му кажале дека треба да се прави алкотестирање тужителот рекол да почекаат во ходникот некое време, а тој во меѓувреме од прозорецот на објектот излегол надвор и почнал да бега. Во канцеларијата немало чаши, немало алкохол или пак нешто сомнително. Кога стражарите виделе дека тужителот не е повеќе во канцеларијата во која имало присутно уште едно или две лица веднаш излегле надвор да го стигнат тужителот, па кога по 15 минути го нашле пред бараката почнале да се натегаат затоа што тој не сакал да биде алкотестиран“, пишува во пресудата.

Сепак, на крајот се согласил и апаратот покажал присуство на 1,52 промили алкохол во крвта.

Видете и ова: Не е дали пратениците пијат, туку каква им е пијанката

Според она што може да се забележи од пресудата, вработениот не негирал дека бил под дејство на алкохол, но покренал судска постапка бидејќи сметал дека е престрога мерката во споредба со останатите исти случаи, како и од причини што во отказното решение не бил наведен договорот за вработување, поради формални пропусти во записникот за алкотестирање итн., што првично Основниот суд го уважил и пресудил во корист на вработениот.

Меѓутоа, Апелација не се согласила и сметала дека одлуката не е незаконска и од неа јасно се гледа за кој вработен станува збор, како и дека е докажано оти тој бил под дејство на алкохол.

Можноста да се добие отказ поради присуство на алкохол или на пример поради одбивање на алко или нарко тест е составен дел од речиси сите договори за вработување.

Тоа е предвидено и во Законот за работни односи, што е потенцирано и во правилникот што секое утро го читаат вработените во беровскиот комуналец. Во членот 82 употребата на алкохол и наркотични средства е наведена во листата причини од кои работодавецот може да му го прекине договорот на вработениот без отказен рок затоа што тоа се смета за кршење на работниот ред и дисциплината.

Каде се пие најмногу алкохол во регионот

Според извештајот на СЗО од 2024 кој се однесува на употреба на алкохол, кој констатира дека македонските граѓани постари од 15 години годишно консумираат по 4,6 литри алкохол, покажува и дека мажите пијат повеќе од жените. Тие пијат по 10,5 литри наспроти жените со по 1,6 литри годишно.

Од регионот, блиску до македонскиот просек е Албанија со 5,1 литар. Во Босна и Херцеговина жителите пијат по 6,4, во Србија по 7,9, а во Црна Гора се пие најмногу – 10,3 литри годишно. Во извештајот не е опфатено Косово. Статистиките се извадени врз основа на тригодишна база на податоци од 2017-2019.

Рекордери, пак, во светски рамки се Чесите со консумирање 13,3 литри алкохол годишно по глава на жител.