За студентката Марија од Скопје ригорозните диети за намалување на килограми се бесмислени. Таа пешачи редовно и јаде здраво за да ја одржува линијата. Но, познава врсници кои избираат драстични мерки за слабеење.
„Најчесто се вадат дека не се на диета, туку само забораваат да јадат поради обврски. Некои држат смешни диети - на пример, јадат само едно овошје во денот и толку. Некои пушат цигари зашто мислат дека тоа го намалува апетитот и така се залажуваат“, изјави 20-годишната Марија, за РСЕ.
Во 23 годишно работно искуство, нутриционистката Тања Турунџиева вели дека се изнаслушала сè и сешто, најчесто од девојчиња на возраст од 13 до 17 години кои сакале да ги симнат килограмите преку ноќ со импровизирани диети, без да мислат на здравјето.
„Си правеле свои, измислени диети со кои дури стигнувале до анорексија и булимија. Внесувале само околу два литра чај, три литри вода, половина јаболко. Или биле цел ден само на литар вода, или пак, само литар млеко или јогурт и мереле калории кои се неквалитетни“, изјави Турунџиева за РСЕ.
Некои одат и подалеку
Токсикологот Нико Беќаровски сподели дека неколку девојки на возраст од 16 и 17 години завршиле на Токсикологија и Гастроентерохепатологија, откако ја држеле таканаречената диета со вино.
Тој забележува дека „диетата“која станала популарна меѓу скопските тинејџерки е промовирана 1964-та година, а ревидирана и популаризирана преку светски влијателно женско списание пред неколку години.
Предвидува 3 до 5 варени јајца во текот на денот, стек за вечера и конзумирање на 750 мл црвено вино, секој ден.
„Се работи за диета за која теоретски има резон зошто е тоа така, меѓутоа не е здрава работава. Ова е нискокалориски внес исклучиво на протеини во текот на денот и навечер голема количина на алкохол кој веднаш го активира црниот дроб повеќе да работи. Кога ќе ги видат првите ефекти, се продолжува и трае и трае и реално црниот дроб не може да издржи. Ни здрав пациент, возрасен пациент, не може да издржи континуиран внес на 750 мл вино“, вели Беќаровски за РСЕ.
Трендот се појавил во периодот од октомври до ноември годинава, а девојките рекле дека намалиле 7 до 8 килограми. Кај некои здравствените проблеми се појавиле по само една седмица, но имало и случаи на девојки кои ја држеле диетата со вино речиси два месеца.
„Таму каде имаше посериозни зафаќања на ензимската активност на црниот дроб, органот е натеран народски да кажеме да работи на „полн гас“ или сите ензими се активирани до максимум, до плафон, по период од месец ипол до два“, истакна докторот.
И од страшното има пострашно
Беќаровски заклучи дека скоро секогаш жртва на вакви трендови се тинејџерите или младите адолесценти до кои информациите стигнале преку Интернет и социјалните мрежи. А сподели и дека дел од младите дури користат и дроги за да го намалат апетитот.
„За жал, има и диета со трамадоли, што е надвор од секаков сенс. Има диета и со шмркање кокаин. Има многу диети кои се врзани со недозволени или полудозволени супстанци. Свесно земаат трамадоли, затоа што тоа го убива апетитот. Точно се информирани децава. Тие не сфаќаат дека со тоа несвесно влегуваат и во кругот на зависност. Почетниот мотив е слабеење, се постигнуваат ефекти и како што ќе се постигнат полека се зголемува дозата, а со дозата и зависноста и кругот се затвора“, потенцира Беќаровски.
Трамадолот е лек oд групата на опијати и е на база на морфиум. Се употребува за намалување на големи болки како, на пример, оние предизвикани од карцином. Се злоупотребува најчесто од зависници на хероин. Може да се купи со лекарски рецепт, но достапен е и на црниот пазар.
Кокаинот го има единствено на нелегалниот пазар. Но, има и висока цена, па го купуваат само оние со подлабок џеб.
„Реално е достапно, едноставно е да се дојде до трамадоли, тоа е прво. А второ, не создава некоја класична зависност, во смисол -ако се зема да не се појават некои симптоми и земаат континуирано. Кокаинот веќе е малку поинаква приказна. Тоа е сепак дрога од поскапиве и како таква не им е толку достапна. Меѓутоа има многу, посебно од подобро стоечките семејства во Скопје, коишто, да, една од причините поради која го земаат кокаинот, покрај тие, нели, рекреативни цели е и за одржување на витка линија“, додаде токсикологот.
Каде е дупката?
Токсикологот гледа дупка во целиот систем на воспитување и образование, во недостатокот на физичка активност, а дополнителен проблем е тоа што децата се многу понапред со информации отколку возрасните.
„Штом ќе се појави проблем, а проблем е дебелината, ние за тој проблем воопшто и не зборуваме - дека можеби имаме најдебела млада генерација во цела Европа. Тоа е резултат на една тотална физичка неактивност. Цел ден по телефон... Седечки тип, лежечки тип на живот, создава проблем со тежината и децава бараат начин да го решат, посебно девојките“, заклучува докторот.
Разговарајте пред да биде доцна
Нутриционистката Турунџиева е шокирана од информациите на Беќаровски. Потсети дека не постои здрав начин за брза промена во бројките на вагата, нема диета која е за сè и за секого и невозможно е да се симнат 7 килограми за 7 дена. Порачува дека родителите мора да разговараат со децата за да видат зошто пробуваат измислени диети кои со сигурност ќе им донесат здравствени проблеми.
„Да внимаваме што јадат децата бидејќи се сè уште во развој. Апелирам до сите, особено до родителите, да обрнат внимание на нивната исхрана, да разговараат со нив и преку крвни анализи да испитаат што тоа се случува во моментот, до каде стигнало целото наштетување“, порачува Турунџиева.
Турунџиева заклучува дека оние кои имаат реален проблем, секогаш треба да побараат помош од стручно лице и да следат индивидуален начин на здрава исхрана, без да гладуваат или да земаат препарати за слабееење. Беќаровски апелира дека е време родителите да проверат како се "хранат" децата, пред да биде предоцна.