Активисти во Србија бараат да се отстранат графитите „Кога војската ќе се врати на Косово“

Графит во Белград

Група активисти за човекови права во Србија ги повикаа властите веднаш да реагираат поради честото појавување на графити „Кога војската ќе се врати на Косово“.

Овие натписи, под кои е нацртано знамето на Србија, почнаа да се пишуваат во Белград и градовите низ Србија од јули.

Тие се реакција на фактот дека активистите за човекови права избришаа таков графит во центарот на Белград во февруари.

Денеска овие активисти „поплавата“ од нови графити ја оценуваат како зголемување на говорот на омраза.

Сведоци сме на огромно зголемување на говорот на омраза. Од друга страна, гледаме нула реакција од државата“, изјави Милена Бериќ од здружението Крокодил.

Во февруари, активисти, организирани од Крокодил и невладината организација Иницијатива млади за човекови права, го избришаа графитот „Кога војската ќе се врати во Косово“ во паркот на белградскиот плоштад Славија.

Потоа, на крајот на јули, истите графити се појавија на повеќе локации во Белград и градови низ Србија.

Графит „Кога војската ќе се врати на Косово“ и во Бања Лука


Графити „и покрај активистите“

На еден од каналите на Тик Ток, беше објавено видео со графити нацртани на различни локации, пишува дека тие се појавиле „за инает на западните платенички активисти“.

На видеата на Тик Ток и Телеграм, младите мажи кои ги пишуваат графитите имаат маскирани лица.

Младинската иницијатива и Крокодил соопштија дека во период од само неколку дена, во текот на јули, низ цела Србија биле испишани повеќе од педесет графити од 40 квадратни метри со натпис „Кога војската ќе се врати на Косово.“

Писателот Владимир Арсенијевиќ од здружението Крокодил изјави дека е важно да се „растури“ пораката „Кога војската ќе се врати на Косово“.

Тој истакна дека не се работи за стих од народната песна „Јачмен жнеело Косовско девојче“ туку за нејзината верзија објавена во 2011 година во книгата на Амфилохие Радовиќ, поранешниот митрополит на Црногорско-приморската Српска православна црква.

„(Песната) беше претворена во милитаристичко оплакување за враќањето на војската на Косово и повторното заземање на тие симболично важни точки за српската култура на Косово“, рече Арсенијевиќ.

Видете и ова: Солзавец, тензии и дополнителни сили на КФОР во северно Косово


Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, која официјален Белград не ја признава.

Крокодил и Младинската иницијатива изјавија дека графитот го цртале главно навивачите собрани околу навивачката група Делије Север, белградскиот фудбалски клуб Црвена звезда.

Графитот „Кога војската ќе се врати на Косово“ не е потпишан.

На телеграмскиот канал Делии Север, во објава од 15 август, беше наведено дека графитите за враќањето на војската на Косово „украсиле многу ѕидови низ Србија и ќе продолжат да ги красат“.

Во таа објава се додава дека бараат враќање на српската војска на Косово за да се обезбеди безбедност на српскиот народ.

Српската полиција и југословенската војска се повлекоа од Косово во летото 1999 година по потпишувањето на Кумановскиот договор, со кој заврши бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија.

Видете и ова: Настаните во Косово ги „здружија“ српските и европските десничари


Пред Меѓународниот суд во Хаг, високи српски функционери беа осудени за воени злосторства врз Албанците на Косово.

Во декември 2022 година, Србија испрати барање до КФОР, мировната мисија на НАТО на Косово, за враќање на до 1.000 нејзини војници и полицајци.

Тоа барање е испратено, како што соопштија властите во Белград, поради зголеменото присуство на косовската полиција на северот на Косово. Белград се повика на резолуцијата 1244 на Обединетите нации.

КФОР го одби ова барање на почетокот на јануари.

Порака за враќањето на војската и на натпревар

Транспарентот „Кога војската ќе се врати во Косово“ беше истакнат на 26 јули на фудбалскиот натпревар меѓу Црвена звезда и италијанска Фиорентина во Белград.

Навивачите направија и кореографија на која имаше тенк и знамето на Србија.

Премиерот на Косово, Албин Курти одговори дека тоа е повик за насилство.

На тој натпревар присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој на 29 јули на ТВ Прва изјави дека фановите не можеле да одберат полош момент за него поради тој транспарент.

„Граѓаните на Србија го доживуваат Косово како дел од Србија“, рече тогаш Вучиќ.

Видете и ова: Неутрална зона или појас на инциденти меѓу Косово и Србија


Според истражувањето на Институтот за европски прашања од август 2022 година, половина од испитаниците (49,9 отсто) сметаат дека не е можно Србија да ја врати целосната контрола и суверенитет над Косово.

Србија и Косово водат дијалог за нормализација на односите под покровителство на Европската унија.

На крајот на февруари двете страни го прифатија договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на Европската унија, а во април беше договорен и Анексот за негова имплементација.

Десничарските партии и движења се против овој договор.

Активистите за човекови права на прес-конференцијата изјавија дека државата не прави ништо за да го санкционира зголемувањето на говорот на омраза на јавниот простор, ниту вандализмот на ѕидовите на јавниот простор.

Софија Тодоровиќ од Иницијативата млади за човекови права изјави дека против активистите биле поднесени 25 пријави бидејќи во февруари го обезличиле графитот „Кога војската ќе се врати на Косово“.

„Не се криеме, велиме „ќе го направиме ова денес“ и тоа е голема разлика меѓу мене како активист и овие луѓе кои прават вакви работи под превезот на ноќта“, рече таа.

Невладините подготвуваат предлози за измени на законот

Во меѓувреме, неколку невладини организации подготвуваат предлози за измени на законот за регулирање на говорот на омраза на јавниот простор и вандализмот на ѕидовите.

Милан Филиповиќ од Комитетот на адвокати за човекови права (ЈУКОМ) рече дека еден од предлозите ќе биде појасен начин за добивање дозволи за цртање мурали, како и дека содржината на муралот одговара на потребите на граѓаните.

„Проблемот може да настане кога организирано се поставуваат мурали со цел да се затрупа јавниот простор“, рече Филиповиќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест и контра-протест пред муралот на Ратко Младиќ во Белград


Како што сега е напишан графитот „Кога војската ќе се врати на Косово“, од крајот на 2021 година Белград е преплавен со графити со името и ликот на Ратко Младиќ, хашкиот осуденик за воени злосторства во Босна и Херцеговина.

Иницијативата Млади за човекови права мапираше 250 од нив, повикувајќи ги надлежните институции да ги отстранат.