Достапни линкови

Што се „Цивилна заштита“ и „Бригада север“, кои Косово сака да ги прогласи за терористички?


северна Митровица - графит на Бригада север
северна Митровица - графит на Бригада север

„Цивилна заштита“ и „Бригада Север“, според косовските власти, стојат зад немирите на северот на Косово и може да бидат прогласени за терористички организации.

Оваа можност ја најави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, еден ден откако соопшти дека во автомобил со белградски таблички, на околу 100 метри од општина Звечан, бил пронајден арсенал оружје, панцири, чанти и маски.

Меѓу муницијата се пронајдени и ознаки „Бригада Север“.

Според него, овие две организации треба да бидат прогласени за терористички „за да можат косовските власти поефикасно да се борат против нив“.

Свечља повторно ја обвини Србија дека „поддржува криминални групи“ и дека „се обидува да го дестабилизира Косово“.

Косово - Запленето оружје и муниција во близина на Звечан
Косово - Запленето оружје и муниција во близина на Звечан


Официјален Белград, пак, ја обвини Приштина дека автомобилот полн со оружје е „подметнат“, односно дека станува збор за оружје кое било пронајдено и запленето во претходните акции за разоружување на граѓаните на Косово.

Правните опции на Косово?

Извршниот директор на Косовскиот институт за правда, Ехат Мифтарај, наведува дека Косово може да ги прогласи за терористички организации „Цивилна заштита“ и „Бригада Север“, доколку има докази дека тие вршат активности насочени кон нарушување на уставниот и правниот поредок.

„Ваквите одлуки мора да бидат основани, образложени и докажани. Во секој случај, кога една организација е прогласена за терористичка, тогаш само учеството во тие организации се смета за кривично дело и секој што е дел од тие организации мора да се соочи со законот. “, вели Мифтарај.

Според неговото мислење, ваквата одлука треба да се донесе исклучиво во координација со меѓународните партнери на Косово, за да ужива легитимитет и доверба од нивна страна.

Што е цивилна заштита?

„Цивилната заштита“ функционираше на северот на Косово од 2006 до 2015/16 година, кога, според неофицијални информации беше распуштена врз основа на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.

Работниците на „Цивилната заштита“ потоа беа интегрирани во косовските институции.

„Цивилната заштита“ во Србија функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи, а нејзината улога е да реагира во вонредни ситуации, како што се поплави, земјотреси и слично.


Сепак, според податоците на Косовскиот центар за безбедносни студии, „Цивилната заштита“ на Косово ја сочинувале членови кои поминале воена обука и се сметале за многу опасни за безбедноста на Косово.

На почетокот броеше околу 500 членови, но по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, тој број се зголеми на над 750 во 2013 и 2014 година.

Во меѓувреме, Косово тврди дека, според безбедносните институции, „Цивилна заштита“ сè уште постои.

Такво нешто РСЕ не може независно да го потврди, како и дали оваа организација цело време постоела тајно или во меѓувреме била повторно формирана.

Шефот на косовската полиција Џељаљ Свечља тврди дека зад последните тензии на северот на Косово и нападите врз војниците на НАТО во мисијата КФОР стојат припадниците на „Цивилна заштита“.

Поради ова, уапсен е наводниот лидер на „Цивилната заштита“ на Косово, Милун Миленковиќ - Луне.

Интервенција на КФОР во Звечан, има повредени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00


Претходни активности на Цивилната заштита?

Припадниците на „Цивилна заштита“ за прв пат јавно се појавија на северот на Косово во 2011 година.

Тие обично патролираа низ улиците на Северна Митровица во темни униформи на кои пишуваше „Цивилна заштита“.

Кога во ноември 2013 година за прв пат се одржаа избори во општините на северот на Косово, според косовските закони, членовите на „Цивилната заштита“ можеа да се видат на избирачките места, но косовската полиција потоа ги отстрани.

Според косовските власти, припадниците на „Цивилната заштита“ ги подигнале првите барикади на север, за да ја спречат Владата од Приштина да воспостави власт во тој регион.

Што е Бригада Север?

"Не грижете се! Ние сме тука! Чекаме!".

Ова се графитите што се појавија кон средината на август 2022 година во општините на северот на Косово, а на кои се потпиша „Северната бригада“.

Тогаш на прес-конференција на 22 август, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го „корегира“ новинарот на телевизијата Н1 и рече дека овие графити не се потпишани од „Северната бригада“, туку од „Бригада север“.


„Јас сум прецизна личност. Северната бригада се навивачи на Звезда“, рече тогаш тој.

Набрзо, графитите на северот, кои повикуваа на отпор до косовските власти, навистина почнаа да се потпишуваат „Бригада север“ наместо „Северна бригада“.

Во меѓувреме, на север беа испишани графити кои укажуваат дека „Бригада север“ има нови поддржувачи.

Не се знае кој стои зад оваа бригада, ниту дали станува збор за формална организација.

Како се третираат терористичките организации во Косово?

Врз основа на косовските закони, доколку „Цивилната заштита“ и „Бригада Север“ бидат прогласени за терористички организации, нивните понатамошни активности ќе имаат последици.

Кривичниот законик на Косово под терминот „тероризам“ предвидува извршување на едно или повеќе кривични дела „со цел сериозно заплашување на населението, незаконско условување на институциите, владата или меѓународните организации, дестабилизација или уништување на политичката, уставната, економската или социјална структура на Косово.

Некои од дејствијата што ги вклучуваат овие злосторства се убиство, земање заложници или киднапирање, вооружување, транспорт и употреба на оружје, експлозиви, хемиско или биолошко оружје.

Затворската казна за тероризам на Косово е најмалку пет години, а доколку со терористички акт е нанесена тешка физичка повреда на едно или повеќе лица, сторителот на делото добива најмалку десет години затвор.

Ако едно или повеќе лица загинат во терористички чин, тогаш минималната затворска казна е петнаесет години.

За давање помош при извршување на терористички дејствија затворската казна е до десет години затвор.

Регрутирањето и обуката на луѓе за извршување терористички акти се казнува со затвор до петнаесет години.

Доколку некое лице биде прогласено за виновно дека е шеф на терористичка организација, казната е до 20 години затвор и парична казна до 500.000 евра.

XS
SM
MD
LG