Премиерот на Косово Албин Курти на 15 јуни изјави дека Косово сè уште дозволува српски возила да ја преминат нејзината граница, но низ зајакнати контроли.
Засилените гранични контроли се прават, како што соопшти Приштина, по „киднапирањето“ на тројца нејзини полицајци од страна на српските сили во северниот дел на Косово населен претежно од етнички Срби.
На северот на Косово тензиите растат со недели околу поставувањето градоначалници кои се етнички Албанци.
„Од безбедносни причини, како непосреден и неопходен чекор, засилени се граничните контроли со Србија, со што се ограничува сообраќајот и се зголемува контролата на возилата кои доаѓаат од Србија, особено на товарните возила на патниот сообраќај“, рече Курти на прес-конференција во Приштина.
Косовската полиција на 14 јуни соопшти дека тројцата полицајци исчезнале за време на патрола чија цел била да се спречи нелегалната употреба на патиштата за шверц.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља ја обвини Србија дека „влегла на територијата на Косово и ги киднапирала“ тројцата полицајци.
Белград вели дека полицајците биле уапсени „длабоко во“ српската територија. Српскиот претседател Александар Вучиќ во разговор со претставниците на Европската унија (ЕУ) и Квинта понудил снимка од апсењето на косовските полицајци и тврди дека српските власти не ги малтретираат.
„Што се однесува до вчерашниот инцидент, ние се однесуваме како сериозна земја и на ист начин ќе се однесуваме со уапсените. Тие не беа тепани или малтретирани“, рече Вучиќ по состанокот на 15 јуни со претставниците на Европската унија (ЕУ) и Квинта.
Како што додаде, на претставниците на Квинта им понудил да ги погледнат сите снимки и записи од апсењето, за да видат каде се случило.
Вучиќ на Инстаграм напиша дека побарал од нив да направат се што е во нивна моќ за да го спречат косовскиот премиер Албин Курти, како што рече, да започне нова војна на Балканот.
Портпаролот на владата во Приштина доцна на 14 јуни изјави дека од „безбедносни причини“ на сите возила со српски регистарски таблички ќе им биде забранет влезот на територијата на Косово.
Дописниците на РСЕ од теренот, на 15 јуни, јавија дека возилата со српски регистарски таблички сè уште влегуваат во Косово, но само откако ќе поминат низ засилените контроли.
За време на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи Џелал Свечља, Курти побара итно ослободување на тројцата полицајци и ги нападна мировниците предводени од НАТО бидејќи не го осудиле инцидентот, велејќи дека е изненаден од „молкот“ на КФОР.
Инцидентот се случува во време на зголемени тензии во регионот по нападот пред две недели врз силите на КФОР и косовската полиција во Звечан.
Нападот се случи во време на судирите меѓу меѓународните мировници и Србите, откако тројца градоначалници етнички Албанци ја презедоа функцијата по локалните избори што Србите ги бојкотираа.
Градоначалниците на етничките Албанци беа поставени со помош на косовската полиција во три града со огромно етничко српско мнозинство -- Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток -- по вонредните избори во април, со излезност од под 3,5 отсто поради српскиот бојкот.
Курти, кој беше под притисок од клучните западни поддржувачи на независноста на Косово, на 13 јуни претстави план од пет точки -- вклучително и нови избори -- за кои рече дека ќе придонесат за смирување на тензиите во северно Косово.
Одржувањето нови избори е барање на меѓународната заедница, која ја осуди одлуката на косовските власти насилно да ги преземат општинските згради на северот.
Соединетите Држави и Европската унија го повикаа Курти да ги повлече градоначалниците, да ја отстрани специјалната полиција што се користеше за нивно поставување и да го поддржи договорот од 2013 година за создавање на автономни етнички српски општини во регионот.
Косово, со мнозинско етничко албанско население, е поранешен дел од Србија и прогласи независност во 2008 година, една деценија откако двете страни се бореа во војната 1998-1999 година, која заврши со 78-дневна кампања за бомбардирање на Србија од страна на НАТО.