Косово и Србија делат гранична линија долга околу 350 километри. За 24 години од крајот на војната, се случија неколку инциденти на овој простор, кој е граница за Косово и административна линија за Србија.
Во 2012 година, специјалните единици на Србија уапсија двајца гранични полицајци на Косово во селото Думница во Подуево. Сличен инцидент се случи и на 14 јуни годинава, кога српските сили уапсија тројца косовски полицајци.
Косово вели дека биле уапсени на нивна територија, Србија го тврди спротивното, додека мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, вели дека се уште не е јасно каде била полицијата во моментот на апсењето.
Во двата случаи, Србија тврдеше дека косовската полиција влегла на нејзина територија и дека нема право да биде во таканаречената „неутрална зона“.
Според српската страна, само членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и српските сили имаат право да патролираат во неутралната зона меѓу Косово и Србија.
Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија за, како што рече, киднапирањето на тројца полицајци на територијата на Косово.
Како се контролира граничната линија меѓу Косово и Србија?
Косово и Србија официјално не го завршија процесот на демаркација на границата. Меѓутоа, кога демаркацијата со Црна Гора беше завршена во 2018 година, и покрај политичкото противење во Приштина, како референца беше земен Уставот на автономната покраина Косово од 28 февруари 1974 година, во време кога и Косово и Србија беа дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).
Со овој документ Косово ги доби територијалните граници што ги имаше во државните граници. Мисијата КФОР е одговорна за граничната безбедност на територијата на Косово од 1999 година, кога заврши војната.
КФОР ја има оваа одговорност врз основа на Кумановскиот воено-технички договор, со кој заврши војната во Косово. Србија го потпиша овој договор со НАТО во 1999 година, по што ги повлече сите полициски и воени сили од Косово.
Ниту КФОР ниту косовските власти не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа како се управува со неутралната зона меѓу Косово и Србија.
Во два случаи во 2012 и 2023 година, при случајното апсење на косовски полицајци, Србија објави дека го прекршиле кумановскиот воено-технички договор, кој, според официјален Белград, дозволува вооружени патроли во „неутралната зона“, пет километри долж границата, само за силите на КФОР и силите на Србија.
Но, истото го соопшти и официјална Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Србија го прекршила Кумановскиот договор со кој на полицијата и воените сили на таа земја им се забранува влез на територијата на Косово.
Косовската полиција патролира на границата меѓу Косово и Србија од нејзиното формирање во 1999 година.
Во првите години по војната, патролите се одвиваа во соработка со КФОР, мисијата на Обединетите нации, УНМИК, а подоцна и со мисијата ЕУЛЕКС за владеење на правото на Европската унија.
Со прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, меѓународните институции, како КФОР и ЕУЛЕКС, постепено ја префрлија одговорноста за контрола на косовско-српската неутрална зона на косовската полиција.
Сега полицијата има редовни патроли на граничната линија со Србија, но и со другите соседни земји.
Главните инциденти на граничната линија меѓу Косово и Србија
- 14 јуни 2023 година
Последниот инцидент е апсењето на тројца косовски гранични полицајци - според Приштина - во Тресаве/Баре во Лепосавиќ, во северниот дел на Косово.
Косово презентираше мапи од местата каде, како што беше речено, била сместена полицијата - околу 1,5 километар во внатрешноста на територијата на Косово, додека, како што тврдат во Србија, уапсените биле „длабоко“ на нејзина територија.
КФОР, како главен одговорен за безбедноста на територијата на Косово, на 16 јуни објави дека „врз основа на достапните податоци, останува нејасно каде биле косовските полицајци во моментот на апсењето“.
Истиот ден, Вишото обвинителство во Краљево, град во централна Србија, издаде наредба за спроведување истрага против тројца косовски полицајци и им одреди 30-дневен притвор.
Според српските власти, тие се осомничени дека сториле кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи, за кое е предвидена казна затвор до 12 години.
Да потсетиме, српската жандармерија на 31 март 2012 година во селото Думница во Подуево уапси двајца косовски гранични полицајци додека патролирале на граничната линија меѓу Косово и Србија.
Србија уште тогаш тврдеше дека косовската полиција илегално влегла во „неутралната зона“. Полицајците биле ослободени по 48 часовен притвор.
Инцидент за гранична контрола во 2011 година.
Во јуни 2011 година, Владата на Косово организираше акција за преземање контрола на граничните точки 1 и 31 во Јариње и Брњак, на северот на Косово, кои беа запалени од групи на локалната српска заедница уште во 2008 година, против декларацијата за независноста на Косово.
Стотици возила на косовската полиција беа блокирани од локалните Срби, кои ги забарикадираа патиштата кон Брњак и Јариње. Во оваа акција загина косовскиот полицаец Енвер Зимбери, а сторителите се уште не се познати. Оттогаш на овие два гранични премини се стационирани косовски полицајци и цариници.
Случајот Карачево
По завршувањето на војната, жителите на селото Карачево во општина Каменица, на истокот на Косово, честопати излегоа со тврдења за наводно влегување на припадници на српската жандармерија на територијата на Косово.
Последен пат фотографии од српските сили беа објавени на, како што се наведува, територијата на Косово, на 20 март 2020 година.
„Тероризирањето на жителите на Карачево од страна на српските сили е неприфатливо, а одговорноста за тоа мора да сносат силите на КФОР. Таа област е дефинирана како неутрална област (иако погрешно) и единствена сила која има право да влезе во таа област е КФОР“, изјави Кендрон Кастрати, тогашен градоначалник на Каменица.
Низ годините имаше десетици слични инциденти.
Преговори без да се зборува за демаркација на границата
Косово и Србија се во преговори, некогаш за технички, а некогаш за политички прашања, од 2011 година. Меѓутоа, никогаш директно не се разговарало за демаркација на границата.
На почетокот на декември 2011 година постигнаа договор за интегрирано гранично управување.
Со овој договор Косово и Србија се договорија да создадат заеднички точки на граничните премини Мердаре, Брњак, Мутивода, Јариње, Деу и Барда и Мучибаба.
Трошка надеж во оваа насока дава договорот постигнат меѓу Косово и Србија во февруари 2023 година, кој ги обврзува страните, меѓу другото, да го признаат и почитуваат меѓусебниот територијален интегритет.