По мое вреднување некако мислам дека работите се сменети на полошо. Се помалку имаме трпение едни за други, се поголем гнев се истура и по весници и по екрани. Вака уредникот на on.net Сашо Мацановски Трендо ја коментира општествената и политичка ситуација во Македонија, во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Неодамна од печат излезе вашата книга Трендоленд која ги содржи колумните од 2001 до 2004 година. Зошто по толку години реобјавување на колумните?
Имав јас и во текот на овие години, кога паузирав со пишување или кога колумните беа само на интернет, имав понуди за печатење, ама некако не ми се правеше сето тоа заради целиот ритуал на промоции, јадење бадемчиња, рецензии кои те личат како да си починат и зборуваат се најдобро за тебе, ми беше малку незгодно тоа. Овој пат беше малку полежерна понуда на луѓето од Табернакул, плус јас бев малку мамурен, па ме мрзеше да ја одбијам понудата. Така што - затоа.И по толку години се добива впечаток дека вашите колумни се свежи како да се пишувани вчера. Зошто?
Затоа што веројатно живееме во еден круг кој го мотаме одново и одново. Јас кога ги објавував на интернет, после не знам колку години, се обидував да ги синхронизирам со годишните времиња кога се пишувани. Така што од февруари 2001 објавував во февруари 2010 и многу луѓе мислеа дека се некои тазе напишани затоа што луѓето се преокупирани со истите филмови, значи во февруари или март сме преокупирани со Водици, 8 март се жените, после доаѓа Евровизија и тоа трае добри 10-20 години. Што е тогаш сменето на политичката и општествената сцена во изминатите неколку години?
Не знам, по мое вреднување некако мислам дека работите се сменети на полошо. Помалку нерви имаме за сето тоа или барем јас така гледам на работите. Се помалку имаме трпение едни за други, се поголем гнев се истура и по весници и по екрани и мене не ми е возбудливо тоа да го гледам како феномен бидејќи политичкиот феномен главно сака да те улови на неговата сериозност, и ако тоа со сфатиш сериозно ја губиш таа битка, затоа што навистина тоа што ни го прават е несериозно, така што некако со мое лудило се бранев од туѓото лудило.Планирате ли повторно да почнете да пишувате колумни?
Не верувам. Како да ти кажам, ќе ти дојде некогаш да се истресеш во таа форма, ама брзо ми поминува, така што за некаков редовен ангажман мислам дека не би можел, затоа што на крајот на краиштата животот се комплицира и не можеш да бидеш таков аутсајдер, а таа аутсајдерска позиција на некој што е лежерно незаинтересиран е потребна за да не се сфатиш пресериозно и улогата на твојата колумна во меѓународниот поредок. Така што треба да се има малку дистанца и од себе и сам себе да не се сфаќаш претерано сериозно. Што е она што те забавува на политичката сцена во Македонија во моментов?
Во моментов претерано се индустријализираа работите. Веќе нема такви живописни ликови како порано. Тоа се случува железен закон на нашиот развој. Порано по телевизии можеа да се видат уникатни ликови, такви имаше во политиката. Сега малку трикотажно, сите се испрани и дрилувани со ПР совети. Мислам дека прилично безлични ликови владеат со нас. Сега е моментот на големи системи и на големи корпорациски односи и тука баш и нема место за поединци. Така што прилично конфекциски ликови сега се на цена. Наскоро ќе има предвремени парламентарни избори. Дополнително целата јавност се политизира. Те заморува ли таа атмосфера или ја следиш од сеирџиски побуди?
Мене ми се следи тоа, тоа е интересно и на крајот на краиштата сериозни механизации стојат зад големите партии. Јас не се палам посебно на тоа, сум ги видел тие приказни и како уредник на вести и од страна како колумнист. Од прилика ми е јасно што се случува, ме нервира кога ќе се напеналат сите, ама во мојата приказна добро ми доаѓа, карвани, чуда, глупи изјави, глупи идеи... Преубаво, уживам во тоа.