Либиските бунтовници велат - наш проблем е НАТО

Командантот на либиските бунтовнички сили Абдел Фатах Јунис го критикуваше НАТО дека со забавените операции им овозможува на владините сили да убиваат цивили. Тој, исто така, се закани дека за ова НАТО би можело да одговора пред Советот за безбедност на Обединетите нации.
„НАТО стана наш проблем“, изјави Абдел Фатах Јунис, поранешен министер за внатрешни работи во владата на Моамер Гадафи, кој пребега на страната на бунтовниците кои го држат градот Бенгази.

Според него, доколку НАТО не си ја ивршува работата прописно, тогаш опозициските борци ќе побараат од Советот за безбедност на Обединетите нации да ја суспендира работата на Алијансата.

Тој прецизира дека забавувањето на акциите на НАТО доведуваат до напредување на силите на Гадафи и до убивање цивили во градот Мисрата:


„Доколку НАТО почека уште една недела, тоа ќе биде крај за Мисрата и таму нема да има цивили, а за тоа злосторство одговорноста ќе ја понесе меѓународната заедница. Што е НАТО? Што прави? Обединетите нации го доведоа НАТО над нашите глави, но тие не прават ништо.“

Опколениот град Мисрата е единственото големо населено место во западна Либија каде што револтот против Гадафи се уште не скршен.
Доколку НАТО почека уште една недела, тоа ќе биде крај за Мисрата и таму нема да има цивили, а за тоа злосторство одговорноста ќе ја понесе меѓународната заедница. Што е НАТО? Што прави? ОН го доведоа НАТО над нашите глави, но тие не прават ништо.

Советот за безбедност, минатиот месец, дозволи воздушни напади со цел стопирање на силите на Гадафи да убиваат цивили кои се бунтуваат против неговото владеење.

Воведувањето зона на забранети летови над Либија и вооружувањето на бунтовниците со оружје од странство станаа клучна стратегија и дипломатска цел на опозицијата во земјата.

Али Сулејман Ауџали, официјален претставник на Преодниот национален совет, деновиве во Вашингтон лобираше за поголема воена поддршка.

„Воздушните напади се важни. Треба да ја држиме зоната, но и коалицијата треба да остане обединета за да ја заврши работата. На либиските граѓани кои се борат против режимот им требаат обука, муниција, оружје.“

Сепак, според него, опозиција не сака во справувањето со Гадафи да бидат вмешани и странски сили на либиска територија.

„Време е сега за нас да се ослободиме од овој човек и да му дадеме шанса и надеж на либискиот народ да владее самиот. Станува збор за обични луѓе на кои им треба помош и поддршка“, изјави Ауџали.


Преодниот национален совет деновиве доби дипломатска поддршка од Италија, која по Франција и Катар го призна како легитимен претставник на Либија.

Сепак, режимот на Гадафи продолжува да се инаети. Неговиот портпарол Муса Ибрахим изјави дека либискиот лидер нема да замине од власт и нема да прифати никакви услови од странство, но оти е отворен за идејата за избори и за реформи на политичкиот систем.

„Гадафи има симболично значење за либискиот народ. Како се владее во Либија е друга работа. Каков вид на политички систем се спроведува во земјата е друга работа. За ова може да се преговара и ние може да зборуваме за избори и референдуми.“

Меѓународниот суд на правдата вчера соопшти дека имал докази оти владата на Гадафи уште пред да дојде до бунтот во февруари имала планови за разбивање на протестите со убивање на цивили.