Израел соопшти дека елиминирал член на Хезболах во Голанската висорамнина

илустрација

Израелската војска соопшти дека елиминирала член на Хезболах во Сирија, кој пренесувал разузнавачки информации против Израел во Голанската висорамнина окупирана од Израел. Во меѓувреме сириските медиуми во четвртокот објавија дека израелските воздушни напади погодиле цели во Сирија, пишува Ројтерс.

Израел, кој со години извршуваше напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, ги засили нападите по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година. Хамас е прогласена за терористичка рганизација од САД и ЕУ.

Одмаздата на Израел за нападот на Хамас, ескалираше со испраќање војници во Либан и воздушни напади во Иран, Јемен и Сирија за да ги ловат милитантите поддржани од Иран, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток во кој би можеле да бидат вклучени Иран и САД.

Копнените судири меѓу израелските сили и Хезболах, кој исто така е поддржан од Иран, се разгореа по должината на планинската граница на јужен Либан во средата, додека Блискиот Исток беше во состојба на готовност во очекување на одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за потенцијалната израелска одмазда против Иран во средата, во разговор што двете страни го оценија како позитивен. Двајцата разговараа за плановите на Израел во 30-минутен разговор, при што Бајден го повика Нетанјаху да ја минимизира штетата на цивилите во Либан, соопшти Белата куќа.

Видете и ова: Бајден и Нетанјаху разговарале за израелскиот одговор на нападот на Иран

Израел вети дека ќе го натера главниот непријател Иран да плати за својот ракетен напад, кој предизвика мала штета, додека Техеран рече дека секоја одмазда ќе биде дочекана со широко распространето уништување, предизвикувајќи загриженост за пошироки борби во регионот што произведува нафта.

Бајден даде коментари минатата недела со кои го обесхрабрува Израел да ги нападне нафтените полиња во Иран и рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки.

Израелската војска во четврток (10 октомври) соопшти дека елиминирала двајца команданти на Хезболах во јужен Либан и дека нејзините воени авиони нападнале складишта за муниција во областа Бејрут и складишта за муниција и друга воена инфраструктура во јужен Либан во средата.

Видете и ова: Нападот на Хамас врз Израел ја ослабна, но не ја уништи иранската „Оска на отпор“

Израелските одбранбени сили во средата објавија дека го елиминирале Адам Јахут, член на „терористичката мрежа Голан“ на Хезболах во областа Кунеитра во Сирија.

ИД соопшти дека улогата на Јахут била да пренесува информации од извори на сирискиот режим до Хезболах и да пренесува разузнавачки информации собрани на сирискиот фронт за да ги олесни операциите против Израел на Голанската висорамнина.

Израел ја освои Голанската Висорамнина во војната на Блискиот Исток во 1967 година и ја анектираше областа, која повеќето земји не ја признаа.