Достапни линкови

Вести

Бајден и Нетанјаху разговарале за израелскиот одговор на нападот на Иран

Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)
Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)

Американскиот претседател Џо Бајден ја нагласи потребата од дипломатски договор за враќање на либанските и израелските цивили во нивните домови од двете страни на израелско-либанската граница во разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 октомври, соопшти Белата куќа.

Оттаму додаваат дека Бајден, исто така, го осудил иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври.

Бајден „го потврди правото на Израел да ги заштити своите граѓани од Хезболах, кој само во изминатата година истрела илјадници проектили и ракети кон Израел, истовремено нагласувајќи ја потребата да се минимизира штетата на цивилите, особено во густо населените области на Бејрут“, се наведува во соопштението.

Бајден претходно разговарал со Нетанјаху за плановите на Израел да му возврати на Иран за ракетниот напад минатата недела, според изјавите од Белата куќа и од кабинетот на израелскиот премиер на 9 октомври.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден и Нетанјаху „се договориле да останат во близок контакт во наредните денови и директно и преку нивните тимови за национална безбедност“.

Повикот доаѓа во време на ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран, вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Блискиот исток е на „работ“ одека го чека очекуваниот одговор на Израел на главно неефикасниот ракетен напад на Иран, кој Техеран го изврши како одмазда за ескалацијата на Израел во Либан, вклучително и убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во видео објавено на израелските медиуми рече дека одговорот на Израел „ќе биде смртоносен, прецизен и пред се изненадувачки“.

Бајден минатата недела рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни локации како дел од неговата одмазда. Тој, исто така, рече дека, ако е во кожата на Израел, ќе размислува за алтернативи за напад на иранските нафтени полиња.

види ги сите денешни вести

Ердоган во посета на Албанија

TURKEY-ALBANIA/
TURKEY-ALBANIA/

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган е во посета на Албанија. Ердоган денеска (10 октомври) беше примен од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Подоцна, Ердоган ќе се сретне со премиерот Еди Рама за време на неговата посета на Тирана. Потоа ќе се одржи состанок на високиот албанско-турски совет за соработка, а на крајот се очекува да бидат потпишани неколку договори поврзани со образованието, земјоделството и медиумите.

Договорот за формирање на овој Совет беше потпишан во јануари 2021 година, додека првиот состанок се одржа во февруари годинава. Шест договори и меморандуми за разбирање беа потпишани во Анкара за време на посетата на премиерот Еди Рама на 20 февруари во областа на животната средина, земјоделството, медиумите и војската.

Министерот за одбрана Нико Пелеши во март годинава за време на говорот во Парламентот рече дека Турција е земја „со која имаме интензивна соработка на полето на безбедноста, одбраната и цивилните вонредни состојби“.

Тој најави дека во моментов се реализира поддршката на грант од 100 милиони турски лири за модернизација на вооружените сили, а со овој договор се обезбедени и три беспилотни летала „Бајрактар“.

Од доаѓањето на власт на Социјалистичката партија, премиерот Рама ја опиша Турција како стратешки партнер и изјави дека соработката меѓу двете земји ќе достигне досега непознати нивоа.

Турција е меѓу најголемите инвеститори во Албанија со околу 3,7 милијарди евра, додека повеќе од 15 000 Албанци се вработени во 830 турски компании кои работат во Албанија.

Свеченото отворање на Намазѓа џамијата ќе се одржи попладне, пред 17:00 часот. Изградбата на џамијата започна во 2015 година, а темелите ги постави турскиот претседател Ердоган.

На оваа важна церемонија за муслиманските верници нема да учествува поглаварот на албанската муслиманска заедница Бујар Спахиу, а нема да учествуваат ниту други лидери. Заедницата ќе ја претставува муфтијата на Тирана Газменд Теќја, кој ќе биде и поглавар на џамијата Намазѓа.

Намазѓа џамијата има површина од 10 000 метри квадратни и капацитет за 5000 верници. Нејзината изградба траеше 9 години.

Димитриеска-Кочовска: Не се согласувам со мерката за замрзнување на цените

Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финасии
Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финасии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска уверува дека е против замрзнување на трговските маржи и според неа таквата мерка не носи никакви резултати.

„Никогаш не можам да се согласам со мерката на замрзнување на цени, маржи, тоа се сложени методологии за пресметка, и во државните институции нема доволно капацитет кој може точно да ги пресмета тие маржи и да потврди дека тоа е така. Во периодот кој следи очекувам да има промени во тој дел, и да не се продолжува на истиот овој начин, затоа што јас сметам дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува особено во услови кога имаме ниска инфлација“, појасни Димитриеска-Кочовска на денешната прес-конференција по повод отчетот 100 дена Влада.

Со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Оваа одлука Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.

Спротивно на ова, како што рече, го подржува Законот за нефер трговски практики.

„Сметам дека тој повеќе ќе го регулира пазарот отколку овие математики кои ги правиме. Законот за нефер трговски практики многу поедноставно може да се проверува и следи во однос на она што значи замрзнување на цени. Јас сум човек што има став и не го менувам така едноставно, затоа што ниедна одлука досега не сум ја донела избрзано, ниту сум ја донела поради некаков инает, туку само врз база на тоа што значи анализа на бројки и воочување на реалноста“, одговори Димитриевска-Кочовска на прашањето дали била осамена во моментот на носењето на одлуката за маржите на Влада.

Независно од тоа дали била осамена или не, таа вели дека одлуката на Владата е конечна.

Законот за нефер трговски практики предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто. Тој почна да ссе применува од 28 септември 2024 година.

Фон дер Лајен во посета на Молдавија, пред референдумот за членство во ЕУ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду, 10 октомври 2024 година
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду, 10 октомври 2024 година

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска (10 октомври) ќе ја посети Молдавија за да разговара со претседателката Маја Санду и да покаже поддршка пред претседателските избори во земјата на 20 октомври и референдумот за членство во Европската Унија.

Санду ќе се бори за втор претседателски мандат на изборите, на кои ќе гласаат Молдавците и на референдум членството во ЕУ ќе биде запишано во Уставот како „стратешка цел“.

Молдавската полиција тврди сериозно руско мешање во изборите, што Москва го негира.

„Оваа посета ги нагласува сè поблиските односи меѓу Кишињев и Брисел“, се вели во соопштението на молдавскиот претседателски кабинет.

Санду, кој остро ја осуди руската инвазија на соседна Украина, ја предводи кандидатурата на Молдавија за пристапување во ЕУ и се надева дека ќе ја има нејзината земја во унијата до 2030 година. Поранешната советска република, лоцирана меѓу Украина и членката на ЕУ, Романија, ги започна официјалните преговори за пристап во ЕУ во јуни.

Односите меѓу Молдавија и Русија се влошија во последните години. Прозападната влада во Кишињев ја обвинува Москва дека се обидува да ја собори и се меша во внатрешните работи на земјата. Москва пак, ја обвинува Санду и нејзиниот тим за поттикнување русофобија.

Секоја осма жена во светот била жртва на сексуално насилство пред полнолетството

илустрација
илустрација

Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени или една од осум во светот, биле жртви на силување или сексуална злоупотреба пред да наполнат 18 години, објави во четврток (10 октомври) Агенцијата на Обединетите Нации за децата (УНИЦЕФ).

Таа бројка се искачува на 650 милиони, или еден од пет, кога ќе се земат предвид „без-контактните“ форми на сексуално насилство, како што е онлајн или вербалната злоупотреба, соопшти УНИЦЕФ во, како што го нарече првото глобално истражување за овој проблем.

Ова се првите податоци на Агенцијата во врска со сексуалното насилство врз децата, на глобално ниво, а беа објавени еден ден пред Меѓународниот ден на девојчињата.

Доколку податоците вклучуваат и други форми на сексуално насилство, како што е она извршено на интернет или вербално насилство, тогаш бројката би била над 650 милиони, што значи дека секоја петта девојка се соочила со некаков облик на насилство, истакнува УНИЦЕФ.

Ситуацијата е посложена во најранливите региони, како што се оние со послаби институции, со присуство на мировните сили на Обединетите Нации или присуството на голем број бегалци кои бегаат од насилство и несигурност.

Извршниот директор на УНИЦЕФ Кетрин Расел го нарече сексуалното насилство врз децата „дамка на нашата морална совест“.

Момчињата и младите мажи се исто така погодени од сексуално насилство, објави агенцијата.

Се проценува дека меѓу 240 и 310 милиони момчиња, или приближно едно од 11, доживеале сексуално насилство или напад во детството.

Според податоците, најчестите случаи на сексуално насилство се случуваат во адолесценцијата, особено на возраст од 14 до 17 години, а оние кои го трпат се соочуваат со поголем ризик од сексуално преносливи болести, злоупотреба на супстанции и проблеми со менталното здравје.

„Влијанието дополнително се влошува кога децата го одложуваат откривањето на своите искуства или целосно ја кријат злоупотребата“, велат од УНИЦЕФ.

Регионите со најголем број случаи на сексуално насилство врз децата се субсахарска Африка, по што следат Источна и Југоисточна Азија, Централна и Јужна Азија и Европа и Северна Америка. Извештајот е составен по спроведено истражување во повеќе од 120 земји и територии во периодот од 2010 до 2022 година, соопшти УНИЦЕФ.

Зеленски на европска турнеја за да обезбеди воена и финансиска помош за Украина

Володомир Зеленски и Кир Стармер
Володомир Зеленски и Кир Стармер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да започне турнеја низ неколку европски сојузници на Киев во обид да обезбеди дополнителна воена и финансиска помош за Украина додека таа се соочува со немилосрдни секојдневни воздушни напади и жестока руска офанзива на исток, којашто постепено напредува.

Патувањето на Зеленски, кое треба да започне на 10 октомври со средби во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, доаѓа откако на кратко беше откажан самитот на групата Рамштајн на главните поддржувачи на Украина.

Прес-службата на Зеленски соопшти дека тој ќе започне преговори „со клучните партнери од кои зависи воената компонента на нашето зајакнување“.

Портпаролот на Стармер им изјави на новинарите дека британскиот премиер „ќе ја повтори поддршката на Обединетото Кралство за Украина наспроти тековната руска агресија“.

Украинскиот лидер исто така треба да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, а потоа да отпатува во Рим на средби со италијанскиот премиер Џорџа Мелони на 10 октомври и папата Франциск во Ватикан на 11 октомври.

Состанокот на Макрон со Зеленски „ќе му даде можност на претседателот да ја потврди решеноста на Франција да продолжи да ја поддржува, на долг рок и со сите свои сојузници, Украина и украинскиот народ“, се вели во соопштението од Кабинетот на францускиот претседател.

Зеленски потоа треба да замине во Германија на консултации со канцеларот Олаф Шолц на 11 октомври.

Самитот на групата Рамштајн планиран за 12 октомври, како и таканаречената четворна средба на САД, Велика Британија, Франција и Германија за разговори за Украина, беа одложени откако американскиот претседател Џо Бајден го откажа своето патување во Европа поради опасноста од ураганот Милтон.

Зеленски се обидува да обезбеди што е можно повеќе воена и финансиска помош пред претседателските избори во САД следниот месец.

Соединетите Држави беа главниот поддржувач на Украина и убедливо главниот придонесувач во однос на финансиската и воената помош, но победата на Доналд Трамп на изборите може да фрли сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.

Инаку Зеленски на 9-ти октомври присуствуваше на самитот со балканските лидери во Хрватска, каде што ја истакна важноста на европското единство за траен мир.

Учесниците на самитот донесоа декларација со која се осудува руската агресија врз Украина се поддржуваат мировните напори на Зеленски, членството на Украина во НАТО и нејзината реконструкција по војната.

Во меѓувреме, регионалните власти објавија дека руските сили ги гранатирале украинските региони Дњепропетровск и Запорожје, при што биле ранети неколку луѓе.

Израел соопшти дека елиминирал член на Хезболах во Голанската висорамнина

илустрација
илустрација

Израелската војска соопшти дека елиминирала член на Хезболах во Сирија, кој пренесувал разузнавачки информации против Израел во Голанската висорамнина окупирана од Израел. Во меѓувреме сириските медиуми во четвртокот објавија дека израелските воздушни напади погодиле цели во Сирија, пишува Ројтерс.

Израел, кој со години извршуваше напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, ги засили нападите по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година. Хамас е прогласена за терористичка рганизација од САД и ЕУ.

Одмаздата на Израел за нападот на Хамас, ескалираше со испраќање војници во Либан и воздушни напади во Иран, Јемен и Сирија за да ги ловат милитантите поддржани од Иран, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток во кој би можеле да бидат вклучени Иран и САД.

Копнените судири меѓу израелските сили и Хезболах, кој исто така е поддржан од Иран, се разгореа по должината на планинската граница на јужен Либан во средата, додека Блискиот Исток беше во состојба на готовност во очекување на одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за потенцијалната израелска одмазда против Иран во средата, во разговор што двете страни го оценија како позитивен. Двајцата разговараа за плановите на Израел во 30-минутен разговор, при што Бајден го повика Нетанјаху да ја минимизира штетата на цивилите во Либан, соопшти Белата куќа.

Израел вети дека ќе го натера главниот непријател Иран да плати за својот ракетен напад, кој предизвика мала штета, додека Техеран рече дека секоја одмазда ќе биде дочекана со широко распространето уништување, предизвикувајќи загриженост за пошироки борби во регионот што произведува нафта.

Бајден даде коментари минатата недела со кои го обесхрабрува Израел да ги нападне нафтените полиња во Иран и рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки.

Израелската војска во четврток (10 октомври) соопшти дека елиминирала двајца команданти на Хезболах во јужен Либан и дека нејзините воени авиони нападнале складишта за муниција во областа Бејрут и складишта за муниција и друга воена инфраструктура во јужен Либан во средата.

Израелските одбранбени сили во средата објавија дека го елиминирале Адам Јахут, член на „терористичката мрежа Голан“ на Хезболах во областа Кунеитра во Сирија.

ИД соопшти дека улогата на Јахут била да пренесува информации од извори на сирискиот режим до Хезболах и да пренесува разузнавачки информации собрани на сирискиот фронт за да ги олесни операциите против Израел на Голанската висорамнина.

Израел ја освои Голанската Висорамнина во војната на Блискиот Исток во 1967 година и ја анектираше областа, која повеќето земји не ја признаа.

Руските сили собориле 92 украински дрона

илустрација
илустрација

Руската војска во четврток (10 октомври) објави дека соборила 92 украински беспилотни летала, од кои повеќето над југозападот на земјата, пишува АФП.

Русија известува дека речиси секојдневно соборува украински беспилотни летала над нејзина територија. Киев вели дека цел на нападите се енергетски локации, како одговор на руското бомбардирање на неговата територија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 47 беспилотни летала биле соборени над регионот Краснодар, кој се наоѓа на југозападниот дел на земјата покрај Црното Море.

„Петнаесет беспилотни летала беа соборени над Азовското Море, 12 над пограничниот регион Курск, а останатите над други региони кои се граничат или се блиску до Украина“, се вели во соопштението на Министерството.

Киев ги засили нападите врз рускиот енергетски сектор во последниве месеци, со цел да ги прекине приходите што Москва ги користи за финансирање на она што Кремљ ја нарекува својата специјална воена операција во Украина, која навлезе во третата година.

Ураганот Милтон ја погоди централна Флорида

Флорида, САД
Флорида, САД

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида во средата навечер (9 октомври) и донесе екстремно силни ветрови, обилни врнежи и торнада, а некои медиуми објавија дека има и жртви во областа Тампа, пренесува Гласот на Америка.

На 3,3 милиони луѓе им беше наредена евакуација, а повеќе од 1,6 милиони луѓе во Западна Флорида се без струја.

Националниот центар за урагани соопшти дека Милтон е „исклучително опасен“.

Ураганот ослабе на категорија 2 од можни пет околу 90 минути по падот на копното, но бурата и понатаму е исклучително опасна.

Се предупредува дека ураганот може да предизвика бранови високи од 2,7 метри до четири метри, а Националната океанска и атмосферска управа регистрираше бранови високи до 8,5 метри на отворено море.

Во одредени области се очекува да наврнат од 150 до 300 милиметри дожд на метар квадратен.

Трамп одби уште една дебата со Харис пред изборите

Доналд Трамп и Камала Харис
Доналд Трамп и Камала Харис

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп изјави дека нема да води уште една предизборна дебата со американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Тој ја даде изјавата вчера (9 октомври), неколку часа откако Фокс њуз ги покани двајцата кандидати на претседателските избори на евентуалната втора дебата на 24 или 27 октомври.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Во пораката на социјална мрежа Трамп изјави дека „сега е многу доцна за дебата“ и оти „нема за што да се разговара“.

Двајцата претседателски кандидати одржаа дебата на 10 септември.

Изборите, кои ќе се одржат на 5 ноември, речиси сигурно ќе ги определат релативно малиот број неопределени гласачи во седум сојузни држави. Трамп и Харис требаше да ги убедат дека тие се подобриот кандидат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG