Актуелниот американски претседател Џо Бајден на 21 јули објави дека повеќе нема да се кандидира за втор мандат поради зголемената загриженост во неговата партија за неговите шанси да победи на изборите во ноември 2024.
„Најголемата чест во мојот живот беше да служам како ваш претседател. И додека мојата намера беше да барам реизбор, верувам дека во најдобар интерес за мојата партија и за земјата е да се откажам и да се фокусирам единствено за извршување на мојата должност како претседател до крајот на мојот мандат“, вели Бајден во соопштението кое го објави на платформата Икс.
Бајден ја поддржа Камала Харис за претседателски кандидат
Тој најави дека ќе и се обрати на нацијата подоцна во текот на неделата за да даде повеќе детали за неговата одлука.
„Мојата прва одлука како кандидат во 2020 година беше да ја изберам Камала Харис за мој потпретседател. И тоа беше најдобрата одлука што ја донесов. Денес сакам да ја понудам целата моја поддршка за Камала да биде кандидат на нашата партија оваа година“, рече Бајден.
Повлекувањето од трката доаѓа по неколкумесечни шпекулации за возраста на Бајден и способноста да служи уште четири години - во услови на серија гафови и катастрофални дебатни перформанси против Трамп.
Дел од демократите веќе бараа тој да се повлече откако имаше лош настап на дебатата против републиканскиот противкандидат Доналд Трамп на 27 јуни.
Бајден (81), претходно инсистираше на тоа дека е во најдобра позиција да го победи Трамп на претстојните избори. На изборите во 2020 година тој го победи Трамп извојувајќи поведи во кличните држави, како Пенсилванија, Висконсин и Мичиген. Сепак, анкетите сега покажуваат дека тој заостанува зад Трамп во дел од овие држави.
Што следува по откажувањето на Бајден?
Демократската партија сега ќе треба да избере нов демократ кој во ноември ќе се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп во трка која веќе беше одбележана со тензии, поделби и обид за атентат.
Демократската партија ќе ја одржи својата национална конвенција од 19 до 22 август во Чикаго, Илиноис.
Доколку Камала Харис (59) биде избран за кандидат на демократите, таа ќе стане првата црна жена што се кандидирала на врвот на изборниот билет за голема партија во историјата на земјата. Таа е поранешна обвинителка и сенаторка од Калифорнија.
За време на прелиминарните партиски избори низ сојузните држави, Бајден освои огромно мнозинство демократски делегати. Според партиските правила, делегатите кои се избрани како приврзаници на еден претседателски кандидат на националната конвенција ќе треба „совесно со своето гласање да ги одразат чувствата на оние што ги избрале“.
Видете и ова: Бајден и Трамп, во ТВ дебатата, се судрија за руско-украинската војна
„Ако американскиот претседател Џо Бајден се откаже од својата кандидатура за реизбор во ноември, многу ќе зависи од правилата на конвенцијата на демократската партија“, рече Тод Белт, професор по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, во разговор со Радио Слободна Европа на 19 јуни.
„Можно е, да речеме, некој како Камала Харис да се обиде да излезе директно на гласање (на конвенцијата), надевајќи се дека ќе освои мнозинска поддршка од делегатите. Сепак, ова не се случило од 1960-тите кога (Џон) Кенеди беше кандидат. Процесот беше поинаков, но вакви работи се случуваа во минатото“, рече Белт.
Повеќе од половина од демократите во САД, според анкета објавена на 11 јули, сметаат дека актуелниот американски претседател треба да се повлече од трката за Белата куќа, што дојде откако имаше многу лоша дебата со Трамп.
Според истата анкета, доколку потпретседателката Камала Харис го замени Џо Бајден како кандидат на демократската партија, таа би добила подобар резултат од нејзиниот ривал – 49 отсто за Харис, наспроти 47 отсто за Трамп. Од сите анкетирани, 85 отсто рекле дека веруваат оти Бајден е премногу стар за втор мандат, во споредба со 60 отсто испитаници кои го чувствуваат истото за неговиот противкандидат Трамп.