Нема Клинички центар како во Словенија со партизација од портир до директор

Клинички центар Мајка Тереза - Скопје

Дали начинот на кој функционира Универзитетскиот клинички центар Љубљана може да се преслика при спојувањето на скопскиот Клинички центар, реформа што ja најави новата Влада? Македонски доктори кои работат во Словенија за РСЕ ги објаснуваат разликите меѓу македонското и словенечкото здравство

Универзитетскиот клинички центар(УКЦ) во Љубљана, најголемиот болнички центар во Словенија, е примерот според кој би можел да се спои и да функционира Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.

По укинувањето на организациските директори на клиниките, намерата на Таравари е да се искористи тамошниот модел како успешен и да се преслика и при планираната реформа на најголемата здравствена установа и во Северна Македонија, позната како Државна болница.

Објаснувањето е дека ако се спојат сегашните посебни клиники во единствен правен субјект ќе се намалат трошоците,ќе се олесни функционирањето, ќе се зголеми ефикасноста, за разлика од досега кога имаше 33 здравствени установи, 33 Управни одбори и 66 директори.

Само платите на организациските директори ја чинеа државата по половина милион евра годишно.

„Речиси ист број жители имаме со Словенија, иста географска големина и добро е да ги видиме нивните искуства. За две до три недели ќе одиме на посета во Словенија, да видиме што се добрите искуства за да го почнеме процесот на спојување на Клинички центар“, најави Таравари на брифинг со новинарите.

Одговорност во Словенија, политика и корупција во Северна Македонија

Д-р Климент Дајоски од Охрид е хирург во Универзитетскиот Клинички центар во Љубљана, каде отишол пред 16 години. За РСЕ објаснува ја објаснува поделбата на тамошните клиники: прво има хируршка клиника, во кои влегуваат сите хируршки гранки. На чело на хирургијата стои еден раководител, кој треба да е професор или доцент, а секоја посебна хируршка гранка има свој претставник во раководењето.

Следува Ургентен дел, со ургентни амбуланти, кој исто така има претставник во раководењето. Околу 70-80 отсто од овој дел го покриваат специјализанти. Таму не постои приватна специјализација.

Видете и ова: Над една деценија ветувања, но, од нов Клинички центар абер нема

Има и хирург кој оперира само итни случаи, реанимациски екипи и анестезиолози.

„УКЦ Љубљана е еден од најдобрите центри на Балканот бидејќи има доста едукација за лекарите, добро сме поврзани со европските клиники, се следат современите трендови во медицината, на исто ниво сме со Германија и со Швајцарија, на пример. УКЦ Љубљана има 10.000 вработени. На чело на сите е еден директор со менаџерски тим и тоа функционира“, вели Дајоски за РСЕ.

Според него, и во Словенија има проблеми особено со недостаток на лекари, листи на чекање, со политики кои државата сака да ги спроведе и покрај противењето на лекарите - но нема партизација и корупција колку во Северна Македонија.

„Колку ќе „почастите“ лекар што зема 8.000 евра плата? Тој не ни размислува на таков начин. Партија нема, има само промена на директор. Кога ќе се смени директорот, не се менуваат и сите луѓе под него. Пациентите се максимално услужени. Моите родители во Македонија не веруваат во јавното здравство. Во Словенија, таа доверба е на високо ниво“, вели Дајоски.

Видете и ова: Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологија

Д-р Игор Балевски е кардиолог, стручен шеф на одделот за интервентна кардиологија во Универзитетски клинички центар во Марибор. Во неговата професионална кариера, поминал повеќе скали во словенечкиот здравствен систем - на УКЦ Љубљана ги нострифицирал дипломите од скопскиот Медицински факултет и специјалистичката диплома за интерна медицина. Дополнително станал субспецијалист по кардиологија и васкуларна медицина. Пред десет години и докторирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

Тој вели дека словенечкиот здравствен систем е успешен бидејќи е добро организиран.

„Тоа е систем на основна и континуирана едукација, систем на одговорност. Се вложуваат големи средства во опременост на болниците, се спроведуваат искуствата на успешни пракси од други држави и во сето тоа политиката е вклучена, но не и на сите нивоа како кај нас од портир до директор“, вели вели Балевски за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Според него, македонското здравство тоне во последните 30 години „бидејќи имаме хиперпродукција на неквалитетен кадар, ненормална партизација, и затоа што мислам дека неповратно го уништивме системот што функционираше од поранешната држава“.

Видете и ова: Дали големите ветувања ќе го станат здравството од постела?

Кога пред 22 години Балевски отишол во Словенија, мала била разликата меѓу словенечкото и македонското здравство. Вели дека во некои гранки од медицината, македонското здравство било и подобро. Сега, според Балевски, разликата е огромна и уште ќе се зголемува.

„Добро ја знам состојбата во Македонија, цели одделенија, цели болници се уништени и многу е тешко повторно да се обноват. Образуван доктор злато вреди. Апаратурата е помалку важна, иако кај нас има апаратура“, вели Балевски.

Според него, во Клиничкиот центар во Скопје може да се спроведе систем не само како во Словенија, туку и како во Германија и Скандинавија - ако има капацитет за такво нешто.

„Оптимист сум и знам дека сè се може ако се сака, и се надевам дека и кај нас ќе се успее. Меѓутоа, не со партиско полтронство, не со три медицински факултети, не дај Боже и со четврти, не со етничка застапеност. Туку, со многу работа, многу учење, политика само колку е неопходно, со стабилен систем втемелен на наука и на работа. Успехот ќе биде неминовен , ама ќе треба време. Во тој Клинички центар работеа светски медицински имиња и знам дека може пак тоа да се достигне, само треба да се сака. Нема да е лесно“, вели Балевски за РСЕ.

Многу обиди, нов рок од една година

Една година е рокот што новиот министер за здравство го најави како период во кој би можеле повторно да се спојат клиниките во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Спојувањето наскоро треба да помине и како одлука на Влада, најави Таравари.

За враќање на Клинички центар „по старо“ почна да се зборува откако пропаднаа обидите и на претходните влади за изградба на нов Клинички центар во Скопје. Изградбата на нов клинички центар која се најавува 15 години наназад како капитален проект, остана само на хартија како физибилити студија.

Видете и ова: Партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјава

И Фатмир Меџити, претходникот на Таравари, ветуваше дека клиниките ќе се спојат на почетокот на 2024 година.

„Едвај чекам тоа да се случи. Нема да има загуби како оние на заедничките служби од 20 милиони евра, а кои не знаат што работат. Ќе се знае точно што се работи, ќе се штеди и ќе има поголема соработка меѓу клиниките. Тоа го имало и претходно и било добра работа“, изјавуваше Меџити.

Потоа беше разрешен, дојде техничка влада и спојувањето не се направи.

Спојување на Клинички најавуваше и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а реорганизација на најголемиот клинички центар приоритет му беше и на неговиот „наследник“ Беким Сали.

Во постојниот комплекс клиники „Мајка Тереза“ фрекфенцијата е над 800.000 пациенти годишно.