Кандидатите за високи функции во Европската Унија, наводно, се договорени. Станува збор за естонската премиерка Каја Калас која би била шеф на европската дипломатија, поранешниот премиер на Португалија Антонио Коста кој треба да стане нов претседател на Европскиот совет, како и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен која ќе биде номинирана за втор петгодишен мандат на оваа позиција.
Во меѓувреме, НАТО, чие седиште исто така е во Брисел, на 26 јуни објави дека холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде следниот генерален секретар на Алијансата.
Извори од Брисел упатени во преговорите во врска со промените на главните позиции во ЕУ, за РСЕ изјавија дека постои договор меѓу 27-те членки на ЕУ за Калас, Коста и Фон дер Лајен и се очекува тие да бидат потврдени на Самитот што треба да се одржи утре, 27 јуни.
Видете и ова: „Треска“ за функции во БриселКалас како висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика треба да го наследи Жозеп Борел, додека Коста треба да седне на местото на актуелниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Руте, чија функција веќе е потврдена, ќе го преземе НАТО на 1 октомври, кога истекува мандатот на актуелниот генерален секретар, Јенс Столтенберг.
Неговото назначување на функцијата беше договорено на состанокот на Северноатланскиот совет, кој е главното тело за одлучување во Алијансата, а кое се состои од постојани претставници на сите земји-членки на НАТО.
Руте ќе ја презема функцијата во критично време за европската и глобалната безбедност со оглед дека војната во Украина ја загрозува стабилноста.
Видете и ова: Марк Руте е нов генерален секретар на НАТОСтолтенберг, кој е и поранешен премиер на Норвешка, стана генерален секретар на НАТО во октомври 2014 година, а мандатот му беше продолжуван четири пати, главно поради тоа што на Алијансата и беше потребна стабилност и континуитет откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
„Марк е вистински трансатлантичар, силен лидер, кој ќе гради консензус. Му посакувам успех додека продолжуваме да го зајакнуваме НАТО за предизвиците на денешницата и утрешниот ден. Знам дека го оставам НАТО во добри раце“, рече Столтенберг.
Руте, кој беше фаворизиран од големо мнозинство меѓу земјите-членки, наиде на неочекувана пречка кога романскиот претседател Клаус Јоханис во март објави дека има намера да се кандидира за водечката позиција во НАТО, тврдејќи дека на блокот му требаат промени и источноевропска перспектива поради тековната руска инвазија на Украина.
Сепак, претходно овој месец, Унгарија и Словачка, последните две земји кои се спротивставуваа на кандидатурата на Руте, ја дадоа својата поддршка на холандски политичар, што го натера Јоханис на 20 јуни да објави дека ја повлекува својата кандидатура.