Достапни линкови

„Треска“ за функции во Брисел


илустрација
илустрација

Функцијата генерален секретар на НАТО и официјално е одвоена од позициите на ЕУ. Но, имајќи предвид дека 23 од 27 земји-членки на ЕУ исто така припаѓаат на воената алијанса и дека генералниот секретар на НАТО треба да биде европски, двете организации во суштина ловат „таленти“ во ист политички базен

Брисел е веќе преполн со гласини пред годинашниот избор за високи позиции во институциите на ЕУ и во НАТО. Четири големи политички работни места ќе бидат преземени во 2024 година: претседателите на Европската Комисија и Европскиот Совет, на чии позиции во моментот се Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, како и шеф за надворешна политика и безбедност што во последните пет години ја извршуваше Шпанецот Жозеп Борел. А потоа, во друг дел од белгиската престолнина, НАТО бара замена за Јенс Столтенберг, кој од функцијата генерален секретар на Алијансата ќе замине по една деценија.

Сега, трите работни места во ЕУ се поврзани, бидејќи за позициите одлучуваат 27-те шефови на држави и влади на Унијата во преговори зад затворени врати. Двата самити на ЕУ во јуни, кои веќе се предвидени за 17-ти и 27-ми, треба да го решат ова прашање. Станува збор за прилично комплицирана сложувалка во која ќе бидат избрани три лица кои ќе ја одразуваат рамнотежата на полот, политичката припадност (често поделени меѓу паневропските политички партии кои ги претставуваат десниот центар, левиот центар и либералните) и географијата, иако ЕУ компасот на земјите-членки на моменти е „заматен“.

Вообичаено е претседателот на Европската Комисија да доаѓа од политичката група која ќе освои најмногу гласови на европските парламентарни избори што се одржуваат во Унијата на 6-9 јуни. На последните четири избори, тоа беше централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП). И според анкетите, тие и овој пат се на пат да бидат први. Нивниот главен кандидат, крунисан на конгресот на ЕПП во Букурешт минатата недела, е Урсула Фон дер Лајен. Според логиката, таа треба да добие уште пет години мандат да биде на чело на Европската Комисија.

Но, во трката за генерален секретар на НАТО, влегуваат романскиот претседател Клаус Јоханис и „лутите земји од Истокот“. И ова уште повеќе ќе го комплицира пејзажот.

Па, да се обидеме да го отпакуваме овој испреплетен хаос.

Функцијата генерален секретар на НАТО и официјално е одвоена од позициите на ЕУ. Но, имајќи предвид дека 23 од 27 земји-членки на ЕУ исто така припаѓаат на воената алијанса и дека генералниот секретар на НАТО треба да биде европски, двете организации во суштина ловат „таленти“ во ист политички базен. Извори од НАТО велат дека би сакале да ја завршат потрагата по личноста во април, многу пред Самитот на НАТО во Вашингтон во јули и многу пред работата во НАТО да стане „премногу заплеткана“ во потрагата по работни места во ЕУ.

И се чинеше дека сето тоа е „посеано“ пред неколку недели кога се појави информацијата дека клучните членки на Алијансата како што се Германија, Франција, Обединетото Кралство и Соединетите Држави (познати како „Квад“), како и околу дополнителни 17 земји , главно од Западот, застанаа зад холандскиот премиер во заминување Марк Руте. Сметан за „безбеден пар раце“, со многу искуство, почитуван во Вашингтон и вешт во односите со Доналд Трамп, тој изгледа како пристоен, иако можеби и неинспиративен избор.

„Истокот“ пак овде е далеку од кохерентен географски или политички концепт. Но, ги опфаќа земјите од поранешниот советски блок или поранешна Југославија кои се приклучија на ЕУ и НАТО во последните 25 години - Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Словенија (и дополнително за НАТО: Албанија, Црна Гора и Северна Македонија).

Ниту еден генерален секретар на НАТО никогаш не дошол од ниту една од овие земји. И во 2019 година, кога ЕУ последен пат ги избра нивните три „глави“, источното крило беше целосно занемарено. Всушност, единствениот „од истокот“ што некогаш имал висока позиција во Брисел беше актуелниот полски премиер Доналд Туск, кој беше претседател на Европскиот Совет 2014-2019 година. Значи, една од четирите понудени позиции во 2024 година навистина треба да оди кај некој од истокот.

Затоа Јоханис ја фрли капата во рингот. Досега имало тројца холандски генерални секретари на НАТО. Холандија се мачеше да потроши 2% од БДП за одбрана - цел на НАТО повеќе од една деценија - нешто што многу источни земји, вклучително и Романија, успеаја да го направат.

А Руте, иако ја поддржува Украина од целосната руска инвазија во 2022 година, може да се смета дека беше „мек“ кон Русија. Неговата поддршка за гасоводот „Северен тек 2“ на Гаспром е еден случај. Многу „претставници од истокот“, од друга страна пак, секогаш предупредуваа за опасноста од воинствениот Кремљ. И сега се докажа дека биле во право.

Извори од НАТО сметаат дека Руте сепак ќе биде избран. Тешко е да се заобиколат земјите од Квад и се чини дека тие не се повлекуваат. А, потегот на Јоханис се смета за „очајнички“ и еден вид „последна шанса“ и дури создаде некаква вознемиреност што процесот на избор на НАТО може да се одолговлекува со месеци по неговиот потег. Другите беа прилично збунети од неговиот план од десет точки претставен во Политико на 13 март, во кои се вклучени работи кои воениот сојуз веќе ги прави.

Кога разговарате со дипломати од некои од источните земји, тие велат дека немаат мислење за ниту еден кандидат. Прашањето навистина е дали Јоханис ја придобил популарноста, пред да се обврзе. Но, тука постојат и два други фактори.

Првата работа е едногласност. Сите 32 сојузници на НАТО треба да бидат согласни. А Унгарија веќе укажа дека е против Руте, особено по многуте расправии меѓу Хаг и Будимпешта за прашањата за унгарското владеење на правото. Турција, исто така, не се изјасни, но Анкара имаше свои проблеми со Руте, особено со турските напори пред неколку години да одржуваат политички митинзи во Холандија, што резултираше со тоа Хаг да им забрани пристигнување на турските претставници.

И како што неодамна ми рече еден официјален претставник на НАТО „Турција и Унгарија покажаа дека со приемот на Шведска во НАТО се подготвени да одат повеќе и повеќе за да го добијат она што го сакаат“.

Прашањето е: дали го сакаат Јоханис? Или едноставно-не Руте? И дали ова можеби го отвора патот за кандидат кој сè уште не е јавно познат?

И тука следува втората работа за која Брисел „зборува“: Јоханис го прави ова за да се стави себеси на „излог“ за позицијата во ЕУ.

Прашањето овде е дека тој припаѓа на ЕПП, исто како и Фон дер Лајен. И ако ја добие функцијата претседател на Комисијата, дали кандидатот на ЕПП може да добие нешто друго? Малку е веројатно, бидејќи левиот центар (наречен S&D во Европа) најверојатно ќе заврши на второто место на изборите за Европскиот Парламент и ќе бара работа во Советот или во надворешната политика. Либералите (Обнова) или поконзервативната и евроскептична група ЕЦР, исто така, би можеле да имаат претензии за позиции во зависност од гласањето во јуни.

И ако ги гледате другите „признати преставници од источните земји“ кои можеби веќе се пикаат за работни места во ЕУ, повеќето припаѓаат на ЕПП. Тука се вбројуваат хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, бугарската управна директорка на ММФ Кристалина Георгиева, полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски, неговиот литвански и летонски колеги Габриелиус Ландсбергис и Крисјанис Каринс. Всушност, надвор од ЕПП, ја имате естонската премиерка Каја Калас, која им припаѓа на либералите, кои може да имаат катастрофални европски избори. А таа засега се чини дека е „занемарена“ и за работата во НАТО. И тогаш ги имате бриселските цврсти Словаци Мирослав Лајчак и Марош Шефчовиќ. Но, и двајцата се поврзани со словачкиот премиер Робет Фицо, чија партија е суспендирана од централнолевичарската С&Д и има многу повеќе промосковски тон.

Значи, прашањето што навистина треба да се постави е дали Јоханис всушност не заговара „државен удар против Фон дер Лајен“?

Таа се смета за успешен претседател на Комисијата, особено во нејзината цврста поддршка за Киев. Но, јас разбирам дека луѓето во Брисел, исто така, имаат многу лоши работи да кажат за неа: некои земји-членки се загрижени дека таа ја направи Комисијата премногу моќна и дека ја води со железна тупаница не дозволувајќи другите комесари да блеснат.

А, потоа тука е прашањето со Европскиот Парламент. Кандидатот за претседател на Комисијата треба да биде одобрен од мнозинството членови на домот. Последен пат, Фон дер Лајен го „изгреба“ со осум гласа. Овој пат може да биде уште потесно. Можеби ова значи дека е време за кандидат со консензус? И дали тој кандидат може да биде Јоханис?

XS
SM
MD
LG