Суштината на Преспанскиот договор, и Северна Македонија и Грција ја имаат исполнето – Грција за поддршка на евроатлантската интеграција, а Северна Македонија за прашањето за уставните измени и имплементација на името, смета министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи.
„Не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнета ништо. Столбот на грчките обврските од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска. Денеска Грција е еден од најголемите лобисти во Брисел за членство на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави Османи.
Заостанатите обврски, како што се меморандумите што треба да се усвојат од грчкиот парламент, меѓу кои и промена на таблите на патиштата, според министерот се „некаде на периферијата“. Според него, слични такви обврски има и Северна Македонија, како што се законските измени за имињата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Македонската радио-телевизија (МРТ).
Видете и ова: Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа„Истите аргументи што ние ги даваме дека не можеме да постигнеме консензус во парламентот, ги даваат и тие“, рече Османи.
Тој изрази надеж дека идната влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува договорот. Изјавите од лидерот на оваа партија и мандатар за формирање на влада, Христијан Мицкоски, тој смета дека се „транзиција за да ја подготват јавноста“ за прифаќање на договорот.
„Не е веќе прашање на Преспанските обврски, туку на Уставот. Се дава само некакво очекување дека ако ’почнеме усно да го кажуваме (старото име) полека ќе се смени и писмено‘. Тоа нема да се случи. Зошто им давате такви очекувања на граѓаните? Кажете: ’Ние не сме го изгласале, ние бевме против. Овие предавниците го направија тоа и ние мора да го почитуваме‘. Тоа е фер однос кон државата“, коментираше Османи.
Османи, денеска (13 јуни) е домаќин на министерскиот состанок во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во кој учествува и Грција. Попладнето, пак, претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на истиот процес е домаќинка на Самитот на шефови на држави и влади.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за иметоШефица на грчката делегација во Скопје денеска е заменик-министерката Александра Пападопуло. Попладнето, пак, на Самитот кај Сиљановска гостин ќе биде министерот Јоргос Герапетритис, но тој, како што објасни Османи, поради обврски ќе се задржи само два часа.
Османи со Пападопуло имаше билатерална средба, додека со Герапетритис разговарал телефонски. Засега нема информации дали грчкиот министер ќе одржи билатерална средба со претседателката Сиљановска Давкова.
Инаку, ова е прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието на 12 мај.