Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Охрид посочи дека го почитува Преспанскиот договор, како и оти, „за разлика од други“, го почитува меѓународното право. Давкова истакна дека начинот како ќе го користи името на државата е „лична определба, право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“.
Давкова пред медиумите истакна дека преку разговори ќе ги убедува Грците дека е во право кога го користи името Македонија наместо уставното име на државата. За начинот како тоа ќе го спроведува, рече дека има план.
„Се разбира дека имам план. Планот е градење добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање самопочит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите, изјави Давкова.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за иметоПо однос предупредувањата од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор, Давкова потсети на претходните пресуди на истиот тој суд што не беа почитувани од Грција.
„На истиот тој Меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на кршењето на членот 11 од привремената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН па потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа не се случи во нашиот случај“, изјави претседателката Давкова.
Видете и ова: Мицотакис: Ако се отстапи од Преспанскиот договор, патот кон ЕУ ќе остане затворенСиљановска Давкова при положувањето на свечената заклетва при стапувањето на должноста претседателка го употреби името Република Македонија наместо уставното име на државата Република Северна Македонија, што наиде на реакции кај меѓународната јавност, најмногу во соседна Грција.