Достапни линкови

Вести

Мицотакис: Ако се отстапи од Преспанскиот договор, патот кон ЕУ ќе остане затворен

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Европскиот пат на Северна Македонија минува низ Грција и тој може да остане затворен, ако не се испочитува договореното, повтори грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за грчкиот весник „Та неа“, јавува новинската агенција МИА.

„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат кој поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“, изјави Мицотакис.

Грчкиот премиер оваа порака ја испраќа до македонските власти во ситуација кога во земјава се менува власта по претседателските и парламентарните избори во кои победи десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава. Ако до 2018, речиси три децении летаа искри меѓу Атина и Скопје за името на државата, изминативе две недели остри реакции се разменуваат околу тоа како и кога треба да се употребува новото уставно име - Северна Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како иден премиер, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.

И ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија во Грција беа во опозиција кога беше потпишан Договорот во Преспа и се изјаснија дека се против него, но дека ќе го почитуваат како меѓународен договор.

Во меѓувреме опозициската Сириза која е потписник на Преспанскиот договор најави дека во грчкото собрание ќе ги поднесе за ратификација трите меморандуми со Северна Македонија кои веќе шест години чекаат „амин“ од пратениците.

види ги сите денешни вести

Заврши гласањето за претседател на СДСМ, гласаа 54 отсто од запишаните во списокот

Северна Македонија - партиски штаб на СДСМ на улица „Македонија“, Скопје
Северна Македонија - партиски штаб на СДСМ на улица „Македонија“, Скопје

Вкупно 12.609 членови на СДСМ излегле да гласаат до 19:45 часот на изборите за претседател на СДСМ на 30 јуни, на кои има тројца кандидати. Тоа е 54 отсто од вкупно запишаните во избирачкиот список, изјави претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска Мадиќ, која го оцени процесот како демократски и успешен.

Таа рече дека во Студеничани е констатирано дека предвреме е затворено избирачкото место од страна на Општинската изборна комисија и поради тоа Централната изборна комисија одлучила да го поништи гласањето.

Во Студеничани биле акредитирани 66 гласачи, а до моментот на затворање на избирачкото место гласале 51 гласач, со тоа што констатирано е дека оваа бројка нема да влијае на конечниот резултат.

Прекин на гласањето на 10 минути имало и во Гевгелија, затоа што член на СДСМ ја скршил избирачката кутија. Кутијата е сменета и гласањето е продолжено во најдобар ред, рече претседателката на ЦИК.

Како што рече Аврамовска Мадиќ, прифатени се приговори во шест општински организации на седум членови на кои им се овозможило гласање, иако не биле во избирачкиот список, затоа што тие членови се акредитирале и се регистрирале во системот за активна регистрација.

Вкупно 44 членови од девет различни општини доставиле пријава до Централната изборна комисија да им биде овозможено да гласаат. Приговорите се одбиени поради тоа што по проверка во системот се констатирало дека не се акредитирани преку активна регистрација.

Аврамовска Мадиќ рече дека овие примери немаат речиси никакво влијание на целиот процес, но во името на транспарентноста и информирањето на членовите и на јавноста Централната изборна комисија одлучила да ги соопшти.

Гласањето за нов претседател на СДСМ се одвиваше на 77 избирачки места. Правото на глас можеа да го искористат 23.377 запишани во избирачкиот список.

Во трката за нов лидер на СДСМ се поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.

Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).

За некој од тројцата кандидати да биде избран за лидер ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.

Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.

Екстремната десница води на изборите во Франција, но конечниот резултат е неизвесен

Франција - Марин Ле Пен, претседателка на партијата Национален собир по првиот круг од парламентарните избори во Франција, 30 јуни 2024 година
Франција - Марин Ле Пен, претседателка на партијата Национален собир по првиот круг од парламентарните избори во Франција, 30 јуни 2024 година

Десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен победи во првиот круг од француските парламентарни избори, покажуваат излезните анкети, но конечниот резултат ќе зависи од договорите постигнати пред вториот круг, кој се очекува на 7 јули.

Агенцијата Ројтерс објави дека Национален собир освои 34 отсто од гласовите и тие се пред левичарските и центристичките партии, вклучително и сојузот на претседателот Емануел Макрон, чиј блок се предвидуваше да освои околу 20 отсто.

Според досегашните податоци, на изборите е забележана најголема излезност во последните 40 години. До 17 часот гласале 59 отсто од гласачите, што е за 20 отсто повеќе во однос на истиот период на изборите пред две години.

Предвремените избори, кои францускиот претседател Емануел Макрон ги распиша по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, се сметаат за едни од најзначајните во последните децении за Франција и може да има големи последици за нејзината водечка улога во Европската унија (ЕУ ) и НАТО, пренесе АП.

Околу 49 милиони Французи избираат 577 претставници на изборите. Во вториот круг одат само партиите кои ќе добијат поддршка од над 12,5 отсто од запишаните гласачи во првиот круг.

Двајца кандидати обично се квалификуваат за вториот круг, но понекогаш се тројца или четворица, иако многумина може да одлучат да се повлечат и да поддржат друг кандидат, со што исходот од вториот круг на 7 јули зависи од политичките договори и од реакцијата на гласачите.

Партијата Национален собир, која сега има 88 претставници, се очекува да освои повеќе од 250 пратенички места во новиот пратенички состав.

Нејзиниот претседател, 28-годишниот Џордан Бардела, би можел да го замени Габриел Атала, кој на 35-годишна возраст стана најмладиот премиер во историјата на Франција.

Коалицијата на Макрон, од сегашните 250 пратеници, може да падне на помалку од 100 пратеници.

Во зависност од изборните резултати, Макрон, чиј мандат истекува во 2027 година, може да заврши со нестабилно мнозинство во парламентот или во тензична „кохабитација“ со опозициски премиер.

Во тој случај, владата би можела да спроведе политики што се разликуваат од плановите на претседателот.

Неговата позиција би била ослабена дома, но тој сепак би имал големи овластувања во надворешната политика, европските прашања и одбраната, имајќи предвид дека тој е одговорен за преговорите и ратификувањето на меѓународните договори и е врховен командант на вооружените сили.

Претседателот на Националното собрание, Бардела, рече дека ако стане премиер, ќе се спротивстави на испраќањето француски сили во Украина, како и дека нема да испорачува ракети со долг дострел и друго оружје што Украина може да го користи за гаѓање цели на руска територија, пренесе АП.

Ле Пен изјави дека ако нејзината партија го добие мандатот да формира нова влада, Макрон нема да може да испрати војници во Украина, која се бори против руската инвазија.

Францускиот претседател може да го даде мандатот за формирање влада на групата која ќе добие најмногу места во парламентот или да се обиде да формира широка коалиција, што е малку веројатно со оглед на големите политички разлики.

За ВМРО-ДПМНЕ не е соодветно да ја коментира изјавата на Агелер оти нема одново преговори за Преспа, ни со Бугарија

Илустрација
Илустрација

Не е соодветно од наша страна да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер со кој Македонија гради соработка веќе изминатите три децении, но она што е клучно е испратената порака дека се потребни навистина важни разговори од кои сите инволвирани страни ќе имаат корист.

Ова го изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, прашана за ставот на партијата по интервјуто на американската амбасадорка Анџела Агелер за Радио Слободна Европа, во кое Агелер вели дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ“.

Одговарајќи на новинарски прашања во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Митева нагласи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток покажала што ќе ѝ биде фокус.

„Фокусот на оваа влада е реформски. Потребни се брзи реформи со цел враќање на реномето и угледот на нашата држава Македонија, затоа што се досега од страна на СДС и ДУИ беше погазено и уништено, изјави Митева.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, во интервју за Радио Слободна Европа, порача дека „нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ. Тие договори се веќе направени, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ“.

„Да бидам многу јасна, договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што ѝ помогна на Северна Македонија, сега да влезе во НАТО и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа “Северна“ во заклетвата. Тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува“, рече Агелер во интервјуто.

Проруски свештеник избран за нов патријарх на Бугарската православна црква

Митрополитот Даниил Видински, нов патријарх на Бугарската православна црква (БПЦ) и митрополит софиски.
Митрополитот Даниил Видински, нов патријарх на Бугарската православна црква (БПЦ) и митрополит софиски.

Митрополитот Даниил Видински е нов патријарх на Бугарската православна црква (БПЦ) и митрополит софиски. Тој беше избран во неделата, 30 јуни, од делегатите на Патријаршискиот изборен црковен собор по вториот круг на кој противкандидат му беше митрополитот врачански Григориј.

Со гласовите на 69 од 138 делегати избран е човек кој се смета за проруски ориентиран, близок со Москва, на чело на автокефалната источноправославна јурисдикција со околу 6 милиони членови во Бугарија и еден до два милиони повеќе приврзаници надвор од земјата, пренесе Радио Слободна Европа на англиски јазик.

52-годишниот Даниил ја презема власта по смртта на патријархот Неофит во март.

Даниил ја нарече Украина агресор , во сегашната целосна инвазија на руските трупи на Украина. Тој, исто така, посочи дека Украина е креација на Владимир Ленин.

Даниил, исто така, го критикуваше затворањето на Руската црква во Софија минатата година и изрази револт по одлуката да се протера нејзиниот поглавар, архимандритот Васијан и уште двајца свештеници под сомнение за шпионажа.

Во вториот круг за Даниил гласаа 69 делегати, за Григориј 66, а имаше три неважечки ливчиња.

„Свесен за сопствената недостојност, верувам во Божјата промисла и во Божјата поддршка“, изјави новоизбраниот патријарх пред новинарите.

Изборот на бугарскиот патријарх доаѓа во време на судир меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и Руската православна црква, која тој отворено ја критикува за споделување на одговорноста за руската војна во Украина, пренесе РСЕ на бугарски јазик. Рускиот патријарх Кирил ја поддржува воената агресија на Москва.

Односите беа затегнати и со одлуката на Вселенскиот патријарх во 2019 година да и даде автономија на Православната црква на Украина, која Московската патријаршија не ја признава.

Тогаш Даниил Видински јавно го нападна Вселенскиот патријарх и го поддржа ставот на Московската патријаршија, а Светиот синод се огради од неговите постапки, пишува РСЕ на бугарски јазик.

Орбан најави сојуз со австриските и со чешките националистички партии

Виена - унгарскиот премиер Виктор Орбан (лево) на состанок со претседателот на десничарската Партија на слободата на Австрија, Херберт Кикл, 30 јуни 2024 година.
Виена - унгарскиот премиер Виктор Орбан (лево) на состанок со претседателот на десничарската Партија на слободата на Австрија, Херберт Кикл, 30 јуни 2024 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави сојуз со австриската десничарска Партија на слободата и со главната чешка опозициска партија, надевајќи се дека ќе привлече други партнери за формирање на најголемата десничарска група во Европскиот парламент.

На 30 јуни, Орбан отпатува во Виена за да го претстави сојузот „Патриоти за Европа“, во кој се вклучени неговата партија Фидес, австриската Партија на слободата и АНО на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш.

Овој потег доаѓа еден ден пред Унгарија да го преземе шестмесечното претседавање со Европската унија.

„Она што Европејците го сакаат се три работи: мир, ред и развој. Она што тие го добиваат од елитата во Брисел денес се војна, миграција и стагнација. Нашата цел е, и веруваме дека ќе се случи, за кратко време ова да биде најсилната десничарска група во Европскиот парламент“, изјави Орбан.

Изборите за Европскиот парламент што се одржаа на почетокот на јуни ги зајакнаа екстремно десничарските партии.
Иако нивните настапи се разликуваа од земја до земја, не беше јасно до кој степен ќе можат да соработуваат.

Тие досега беа поделени во две групи во законодавното тело на Европската унија, заедно со голем број независни партии.

Како што пренесува агенцијата АП; Орбан во последниве години уживаше во можностите да ги блокира, омекне или одложи клучните одлуки на ЕУ, рутински одејќи спротивно на мислењето на мнозинството на другите лидери за прашања како што се војната во Украина, односите со Русија и Кина и напорите за одбрана на демократијата и владеењето. на правото.

Неговото јавно противење на политиките и позициите на ЕУ долго ги фрустрира другите влади во Унијата.

Трите политички партии кои направија сојуз треба да привлечат претставници од најмалку четири земји од ЕУ, за успешно да формираат група во новото свикување на Европскиот парламент.

Лидерот на Партијата на слободата, Херберт Кикл, истакна дека новото свикување на Европскиот парламент за првпат ќе се состане во Стразбур на 16 јули.

„Сите политички сили кои сакаат да се приклучат на нашите политички и позитивни реформски напори се многу добредојдени“, рече Кикл, нагласувајќи дека има многу заинтересирани страни, но не ги наведе потенцијалните партнери.

Партијата на слободата тесно го освои првото место на изборите за Европскиот парламент и се надева дека ќе победи на националните избори во Австрија, кои ќе се одржат на 29 септември.

„Патриотскиот манифест за европска иднина“ потпишан од тројцата партиски лидери се противи на централизацијата на ЕУ и се залага дека приоритет треба да биде суверенитетот, а не федерализмот.

„Како што се приближува пристапот на Унгарија во ЕУ, од 1 јули лидерите во Брисел побрзаа да „протуркаат“ важни политички одлуки“, пренесе АП.

Пред неколку дена ЕУ ги започна преговорите за членство со земјите кандидати Украина и Молдавија.

Инаку, Орбан гласно се противеше и се закани дека ќе ја блокира украинската кандидатура. Неговата влада ги блокираше и напорите на ЕУ да ги обезбеди потребните средства за Украина, која се бори против руската инвазија од февруари 2022 година, пишува АП.

Прв круг вонредни парламентарни избори во Франција

Франција - Гласање на прв круг вонредни парламентарни избори во Франција, 30.6.2024 година
Франција - Гласање на прв круг вонредни парламентарни избори во Франција, 30.6.2024 година

Во Франција се одржува првиот круг од вонредните парламентарни избори на кои се очекува подем на десничарскиот блок.

Предвремените избори, кои францускиот претседател Емануел Макрон ги распиша по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, ќе бидат едни од најзначајните во последните децении за Франција и може да има големи последици за нејзината водечка улога во Европската унија (ЕУ) и НАТО, пренесе агенцијата АП.

Околу 49 милиони Французи избираат 577 пратеници. Избирачките места беа отворени во осум часот, а првите резултати ќе бидат познати околу 20 часот.


Според истражувањето спроведено за француските медиуми од агенцијата Ипсос, во првиот круг партијата Национален собир на Марин Ле Пен заедно со Републиканската партија ќе освои околу 36 отсто од гласовите, левичарскиот Нов народен фронт 29 отсто , а партиите собрани околу центристичката коалиција Преродба на Макрон околу 20 отсто.

Според францускиот изборен систем, во изборните единици се избираат 577 членови на Долниот дом на парламентот, а во вториот круг одат само партиите кои ќе добијат поддршка од над 12,5 отсто од регистрираните гласачи во првиот круг.

Партијата Национален собир, која сега има 88 претставници, се очекува да освои повеќе од 250 пратенички места на новиот собраниски состав.

Нејзиниот претседател, 28-годишниот Џордан Бардела, би можел да го замени Габриел Атала, кој на 35-годишна возраст стана најмладиот премиер во историјата на Франција.

Почна кампањата за парламентарните избори во Франција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:45 0:00


Коалицијата на Макрон, од сегашните 250 пратеници, може да падне на помалку од 100.

Во зависност од изборните резултати, Макрон, чиј мандат истекува во 2027 година, може да заврши со нестабилно мнозинство во парламентот или во тензична „кохабитација“ со опозициски премиер.

Во тој случај, владата би можела да спроведе политики што се разликуваат од плановите на претседателот.

Изборите во Франција се одржуваат во пресрет на Олимписките игри во Париз, кои се одржуваат од 26 јули до 11 август.

По руските напади, Зеленски бара повеќе системи за противвоздушна одбрана

Украина - последици по руски напад во регионот на Запорожје, 29 јуни 2024 година
Украина - последици по руски напад во регионот на Запорожје, 29 јуни 2024 година

Украинската служба за итни случаи објави дека бројот на повредени се искачи на повеќе од 30 лица, по рускиот ракетен напад на 29 јуни во кој загинаа седум лица во Вилњанск, во јужниот регион Запорожје.

Службата извести дека пожарите во зградите и во автомобилите се изгаснати, а гувернерот Иван Федоров рече дека меѓу загинатите има две деца, а меѓу десетиците повредени има уште осум деца.

Според првите извештаи, десет лица се повредени во нападот во тој дел на Украина, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Нападот се случи среде силен притисок на руските сили врз украинската армија, долж линијата на бојното поле долга 1.000 километри и засилени воздушни напади.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека големиот руски напад, во кој беше уништен дел од станбена зграда во Днепар на 28 јуни, е дополнителен доказ дека на неговата земја и се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините сојузници.

Русија ги засили воздушните напади оваа година во обид да ги исцрпи ресурсите на Украина, често насочени кон енергетските објекти и кон другата витална инфраструктура.

Украинските власти тврдат дека половина од националниот електроенергетски систем е оштетен од руските напади.

Украинскиот генерален штаб синоќа соопшти дека „најжестока“ борбена ситуација се уште е во областа Покровска, во источниот регион Доњецк.

Во меѓувреме, Русија соопшти дека Украина на 29 јуни извршила напади врз Севастопол на Крим, како и врз Курск.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави дека четворица негови вработени се повредени во, како што тврдат, украинското гранатирање на Доњецк.

На 29 јуни Русија објави дека го освоила Шуми, населба која се наоѓа на околу седум километри југоисточно од рударскиот град Торецк, во областа Доњецк.

Вучиќ тврди дека напаѓачот на израелската амбасада бил добро обучен, претреси на неколку локации

Србија - Израелската амбасада во Белград, 29 јуни 2024 година.
Србија - Израелската амбасада во Белград, 29 јуни 2024 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека црвената безбедносна тревога најверојатно ќе важи до вторник, 2 јули, по инцидентот во кој напаѓач со самострел рани полицаец пред израелската амбасада во Белград во саботата, на 29 јуни.

„Мислам дека до вторник ќе решиме се и дотогаш се ќе биде во ред“, изјави Вучиќ во гостување на ТВ Прва.

Црвеното ниво на безбедносна закана од тероризам значи дека ќе има зголемено полициско присуство.

Вучиќ изјави и дека „напаѓачот бил исклучително добро обучен“ и дека стрелата ја испукал додека го држел самострелот во чантата, за „нападот да биде сосема неочекуван“. При нападот на Амбасадата, напаѓачот е убиен, а врз него пукал полицаец, кој е ранет и во моментов не е во животна опасност.

Убиениот напаѓач е идентификуван како Милош Жујовиќ, за кого Ивица Дачиќ, српскиот премиер и министер за внатрешни работи, рече дека е „преобратеник од Младеновац“, една од белградските општини.

Полициска акција во саботата беше спроведена и во Нови Пазар, на југозападот на Србија, на околу 270 километри од Белград и местото на нападот, каде што беа извршени претреси на локации за кои се верува дека се поврзани со нападот.

Според агенцијата АП, портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи изјавил дека нападот во саботата „беше обид за терористички напад во близина на израелската амбасада во Белград“.

„Утврдено е дека лицето што го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (1999), верско име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.
Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека две лица се во притвор и дека акцијата продолжува низ цела Србија. Биле претресени повеќе локации и интервјуирани се десетици лица.

„Обвинителството ќе утврди понатамошни дејствија“, посочи тој, додавајќи дека „синагогата во Белград била можна прва цел на напаѓачите“.

Ден претходно во едно од своите обраќања Дачиќ изјави дека меѓу уапсените е и Игор Деспотовиќ од Белград, кој е „осомничен за терористичко здружување“.

Според соопштението од српското МВР, околу 11 часот на 29 јуни, Жујовиќ со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.

Припадникот на Жандармеријата М.Ј.(1990) во самоодбрана употребил оружје и го победил напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.

Членовите на СДСМ бираат нов претседател на партијата

Северна Македонија - Александар Бајдевски, Венко Филипче и Јован Деспотовски, кандодати за претседател на СДСМ. Славјанка Петровска (втора од лево) ја повлече кандидатурата
Северна Македонија - Александар Бајдевски, Венко Филипче и Јован Деспотовски, кандодати за претседател на СДСМ. Славјанка Петровска (втора од лево) ја повлече кандидатурата

СДСМ денеска, 30 јули, на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов претседател на партијата. Гласањето ќе се одвива на 77 избирачки места ширум земјава, а правото на глас ќе можат да го остварат околу 23.377 акредитирани партиски членови.

Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, откако поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.

Петровска ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи, како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Во предизборната кампања што ја водеа четворицата кандидати, најавија реформи во партијата и обединување на членството.

Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).

Бројот на членови кои се пријавиле за гласањето денеска е далеку помал од првите и вторите непосредни избори за лидер на СДСМ, кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.

За некој од тројцата кандидати да биде избран за лидер ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.

Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.

Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Зоран Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.


Временска прогноза-сончево, температурата до 38 степени

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Минималната температура ќе се движи од 11 до 19 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 31 до 38 целзиусови степени, информираше Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

УВ индексот ќе биде 9.

Времето во Скопје ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност.

Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 целзиусови степени.

Од УХМР информираат дека времето во понеделник кон крајот на денот, а особено во вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер и град.

Потоа во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремен пороен дожд и грмежи и ќе дува умерен северен ветер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG