„Немаме зграда, трчаме до Влада“ – втор протест на студентите од ФИНКИ

Студентите од ФИНКИ одржаа втор протест со барање факултетот да добие сопствени простории

„ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“ извикуваа студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство пред Владата на 2 април каде што пристигнаа трчајќи протестен маратон што го започнаа во Градскиот парк во Скопје.

Ова е втор протест по оној на 21 март кога исто како и денеска го искажаа револтот што нивниот факултет нема сопствени простории и побараа надлежните институции да им обезбедат објекти за настава.

Студентите на маратонот беа предводени од деканот Боро Јакимовски кој истакна дека протестите ќе ги продолжат и во наредните недели за, како што рече, да ја поткренат свеста на државата за проблемот со кој ФИНКИ се соочува веќе 13 години.

Видете и ова: Студентски револт: ФИНКИ пред Влада побара сопствена зграда

На ФИНКИ во моментов студираат околу пет и пол илјади студенти кои следат настава на неколку факултети од техничкиот кампус во Карпош. Бараките кои ги имаат студентите не можат да ги задоволат потребите и затоа се принудени да ги користат предавалните и на соседните Техничко-технолошкиот факултет, Електромашинскиот и на Педагошкиот факултет.

Трајно решение за ФИНКИ е нов објект во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, но неговата изградба беше стопирана поради стечај на фирмата изведувач.

Додека да се изгради оваа зграда, од факултетот бараат привремен простор и очекуваат да им бидат отстапени просториите на Бирото за развој на образованието (БРО).

„Во изминатите десет дена, по нашиот прв протест, активно комунициравме со претставници од разни институции коишто ги посочи Владата, за изнаоѓање трајно решение, но засега тоа е невозможно да се направи. Затоа сè уште стоиме на нашето барање да се ослободи што е можно повеќе простор во техничко-технолошкиот кампус за да можеме да го реновираме и од 1 октомври да почнеме со настава во тие простории“, изјави Јакимовски.

Деканот рече дека очекува по утрешната седница на Владата да добијат позитивен одговор на нивните барања.

На барањето на ФИНКИ да им се ослободат просториите што ги користи БРО, кои се наоѓаат во кампусот на техничките факултети, по првиот протест на 21 март реагираа и од Бирото со порака дека нема да се селат бидејќи тоа нема да го реши проблемот.

„Сè додека нема трајно решение за соодветни простории за Бирото за развој на образованието, според потребите и надлежностите на институцијата, јавно порачуваме, и до ФИНКИ и до Министерството за образование и наука и до Владата, дека нема да дозволиме „привремени“ решенија, кои кај нас, од искуство, остануваат трајни“, реагираа од БРО.

Видете и ова: Студентите во тесно, барокните згради чекаат нов изглед

Просториите кои ги користи оваа институција, а ги бара ФИНКИ, се всушност три објекти од околу 1.000 квадрати.

Обидите за ФИНКИ да добие нова зграда, пак, траат уште од 2015 година, кога во рамките на проектот „Скопје 2014“, започна да се гради нова зграда во склоп на факултетите при УКИМ.

ФИНКИ доби ветување од тогашните власти дека за неколку години ќе добијат нова зграда, но тоа до денеска не се случи.

Иако со изградба се започна пред цели девет години, таа беше стопирана во 2019 година кога изведувачот „Бетон“ од Штип отиде во стечај. Од тогаш па досега, сè уште се чека да се распише тендер за нов изведувач, а од надлежните следуваа само ветувања.

Покрај зградата на ФИНКИ, нова зграда треба да добие и Факултетот за физичка култура, но изградбата на двете згради и натаму е во застој.