Не може да се забележат никакви градежни активности на двете бетонски зданија кои се градат речиси една деценија во кругот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), во центарот на Скопје.
Зградите во барокен стил требаше да бидат „дом“ на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и факултетот за физичко образование (ДИФ), но тоа и до ден денеска не се случи.
И студентите веќе престанаа да зборуваат за новата зграда.
„Па колку време помина? Некој некогаш ќе каже нешто, но веќе меѓу студентите и на шега се тера оваа тема. Ни требаат простории, посебно за некои вежби за кои во овие амфитеатри нема ниту место, а да не зборуваме за комфор“, вели Стефан Младенов, студент од трета година на ФИНКИ.
Во декември 2015 година во рамки на проектот „Скопје 2014“, започна изградба на двете нови згради, но градежни активности на терен не се одвиваат повеќе од три години.
Потребата од нови згради е повеќе од потребна, вели за РСЕ Иван Чорбев, професор и поранешен декан на ФИНКИ. Сега наставата на ФИНКИ се одвива во стари бараки со тесни предавални и мали амфитеатри.
ФИНКИ на „гости“ кај соседите
Недостасуваат и простории за воннаставни активности на студентите, кои се многу значајни за целиот образовен процес за нив да биде целосно опфатен, вели професорот.
Проблемот засега се решава со изнајмување простории од другите факултети.
„Распространети сме до педагошка, до сите тука соседи, Електромашински, Технолошки факултет...Плус не е проблем само за наставата, ни недостига простор за екстракурикуларни активности, за настани, за хакатони, за бизнис акцелератори, за стартапи, значи не е само наставата проблем, туку немаме комфор за многу еднакво битни екстракурикуларни активности“, посочува Чорбев.
Професор Чорбев вели дека студентите немаат ниту сопствено бифе, а кога ќе дојдат гости од страна, деканот е принуден да си побара друго место за работа.
„Не е само предавална и настава, туку и екстра работи кои, за жал, потешко или не можеме да им ги обезбедиме на студентите, впрочем немаме контрола дали ќе ги имаме тие простории, бидејќи не сме свои на своето туку сме кираџии. Ниту бифе ние не можеме да им гарантираме на студентите, сето тоа зависи од домаќините дали ќе имаат бифе или ќе немаат, до толку немаме контрола на нештата, а да не зборуваме за нешто повеќе. Кога доаѓаат гости од странство, влегуваме во канцеларијата на деканот за да одржиме состаноци, а во тоа време деканот пак треба во кафуле да работи“, додава Чорбев.
Деканот редовно ги известува кога има информации за тоа кога ФИНКИ ќе добие нова зграда, вели Чорбев, но на оваа тема и натаму нема добри вести, додава тој.
За тоа дали има нови сознанија околу изградбата на новата зграда, се обидовме да добиеме информација и од актуелниот декан на ФИНКИ, Боро Јакимовски, но тој не одговори на нашите прашања.
Студентите бараат повеќе комфор и поголеми амфитеатри
Според последните податоци од Државниот завод за статистика од јули годинава, на ФИНКИ има вкупно 4.468 студенти, од кои само над 1.000 се запишани во прва година, па просториите им се претесни и за предавања и за други какви било активности, тврдат оние со кои разговаравме.
„Не се случило да губиме предавање поради немање простор, професорите добро се организираат, но тесно е, збиени сме, би било убаво да добиеме широки амфитеатри, сепак ова е еден од најважните факултети во земјава“, вели за РСЕ студентот Младенов.
И други студенти тврдат дека на ФИНКИ има многу гужва, потребен е простор, но велат и дека веќе се навикнати.
„Не е дека како студенти трпиме, имаме редовно предавања, сето тоа е како што треба, но ни треба простор бидејќи мораме да одиме во други кампуси овде до нас за да правиме некои вежби кои ако имаме амфитеатри ќе можеме да ги направиме тука и нема да има потреба од постојано селење и непотребно губење време“, вели Симона, студентка на ФИНКИ од втора година.
Три спортски институции во една сала
Иако за разлика од ФИНКИ, бројот на студенти на факултетот за физичко образование е далеку помал – според бројките на Државниот завод за статистика од јули, на Факултетот за физичка култура има вкупно 402 студенти. Сепак овде проблемот е во тоа што во просторот каде се наоѓа овој факултет се сместени и спортската гимназија и спортската академија.
Деканот на ДИФ, Влатко Неделковски, во разговор за РСЕ вели оти со натчовечки напори и добра координација меѓу првите луѓе на овие три институции и со планирање до милисекунда на секој час, успеваат некако да ја организираат наставата за студентите да не ги чувствуваат последиците на свој грб.
„Едвај стигнуваме да изведеме настава, и практична и со простор за теоретска настава. Дури немаме ниту надворешни терени, три спортски институции сме каде што немаме отворени спортски терени, а секое основно училиште има барем еден до два, а ние сме таму 50 години, сега се регулираат салите и надвор немаме каде да вежбаме“, објаснува Неделковски.
За теоретската настава вели имаат на располагање еден амфитеатар и со координација со другите директори успеваат да се организираат, додека за практичниот дел објаснува дека имаат голема сала која ја користат и факултетите при УКИМ.
„Имаме голема сала од Агенција за млади и спорт, таму тренира цела академија, како и некои наши студенти. Во таа сала имаат настава и учениците од средно физичко, а се одржува и настава за нематични факултети, односно за 13 до 14 други факултети од УКИМ кои по програма имаат физичко во прва година. Во сала што е околу 200 квадрати, во тие простории настава држат три институции и комплетната настава на УКИМ по физичко по прва година, па вие сега видете како успеваме“, додава Неделковски.
Стресот, истакнува Неделковски, и нервозите се секојдневие за сето ова успешно да се реализира. Нова зграда е повеќе од потребна, но Неделковски вели дека нема добиено никаква информација од Министерството за образование и наука (МОН) за тоа што се случува со новиот објект.
МОН ќе им го менува изгледот на зградите, за да не чинат многу
Иако кон крајот на минатата година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири даде мошне оптимистична изјава дека во текот на 2023 година ќе продолжат градежните активности на терен за доизградба на овие факултети, а кон почетокот на оваа година, односно во јануари истото го најави и премиерот Димитар Ковачевски, сепак тоа не се случи.
Инвеститор на овие згради е МОН, но изградбата запре во 2019 година кога фирмата изведувач „Бетон“ од Штип отиде во стечај, а од тогаш се уште не е распишан ниту тендер за избор на нова фирма која би продолжила со градење.
„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и ДИФ, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, заради намалување на непотребните трошоци за изградба. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата“, се вели во одговорот кој го добивме од МОН на прашањето кога и кој ќе продолжи со градење на УКИМ.
Во Буџетот за 2023 годинава за оваа намена првично беа предвидени 21,6 милиони денари, за следната година за доизградба на овие објекти се предвидени само три милиони денари.
Од Владата побаравме одговори - Зошто има толку намалување на ставката за овие објекти во Буџетот, како и зошто годинава не се одвиваа никакви градежни активности на терен и покрај тоа што беа одделени над 20 милиони денари за тоа, но до објавување на овој текст, оттаму не одговорија на нашите прашања.
Студентот Младенов, кој е трета година на ФИНКИ, вели дека нема да ја дочека новата зграда како студент. А надеж губат и другите студенти, но и професорите.
„Понекогаш ќе добиеме некоја искра надеж, но потоа таа згаснува. Не гледаме нешто дека се случува, за жал“, истакнува професор Чорбев.