Русија се движи кон Бахмут, во воздушен напад оштетена библиотека во Херсон

Регионална универзална научна библиотека во Херсон по нападот на руската армија, Херсон, 12 ноември 2023 година

Командантот на украинските сили на истокот од земјата на 12 ноември соопшти дека руските трупи се поактивни околу Бахмут на исток, додека властите во јужниот регион Херсон пак информираа дека руските напади сериозно оштетиле позната научна библиотека.

Информациите за овие напади доаѓаат еден ден откако Украина одбележа една година откако нејзините сили повторно го зазедоа регионалниот центар Херсон и тоа во време на високи тензии и воздушни напади во Киев.

Олександар Сирскиј, командант на источните сили на Украина, рече дека руските сили се обидуваат да ги „повратат загубените позиции“ околу Бахмут, во регионот Доњецк.

Бахмут е епицентар на борбите со месеци додека амбициозната украинска контраофанзива беснее на нејзините северни и јужни крила, при што руските сили сè уште го контролираат самиот град.

Видете и ова: На годишнината од ослободувањето на Херсон, предупредувања за воздушен напад во Киев

Портпаролот на украинските копнени сили, Володимир Фитјо, во телевизиско појавување изјави дека Русите „ја истражуваат одбраната“ околу градот Бахмут, со надеж дека ќе „се обидат да ги нападнат“ областите под украинска контрола, но досега не постигнале „стратешки успех“.

РСЕ не можеше самостојно да ги потврди тврдењата на бојното поле од која било страна во областите каде што се водат тешки борби.

Украинскиот Генералштаб соопшти во својот извештај рано утрово дека успешно се одбраниле од нападите во Андријивка и други места во близина на Бахмут, во регионот Доњецк, како и дека извршуваат сопствени напади врз руските сили јужно од градот.

Украински извори ја обвинуваат руската страна за речиси секојдневни напади врз повторно заземените области во регионот Херсон на десниот брег на реката Днепар.

Рано утрово на 12 ноември, шефот на регионалната воена администрација, Олександр Продукин, рече дека руски воздушен напад утрово ја погодил регионалната библиотека Хончар во Херсон, центар за научно учење.

Видете и ова: Украинската контраофанзива не оди според планот, какви се прогнозите?

„Една од целите на нападите беше и регионалната библиотека Хончар. Зградата е сериозно оштетена“, изјави тој.

Прокудин истакна и дека нема повредени во експлозијата или пак во пожарот што следел.

Руските власти негираа дека гаѓале цивили и покрај речиси постојаното бомбардирање и нападите со беспилотни летала врз инфраструктура на цивилно население во текот на целата 20-месечна војна.

На 11 ноември пак, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на социјалната мрежа „Телеграм“ соопшти дека украинската воздушна одбрана е активирана и цивилите треба да се засолнат.