Вести
На годишнината од ослободувањето на Херсон, предупредувања за воздушен напад во Киев
Во главниот град на Украина, Киев, се огласија предупредувања за воздушен напад поради неколку силни експлозии, додека Украина на 11 ноември ја одбележа првата годишнина од ослободувањето на градот Херсон.
Украинските воздушни сили во текот на ноќта издадоа предупредување за напади со беспилотни летала, известувајќи дека одбранбените сили уништиле пет беспилотни летала (UAV) над регионите Дњепропетровск, Харков, Миколајев, Полтава и Киев.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на социјалната мрежа „Телеграм“ напиша дека се активирани силите за воздушна одбрана и дека цивилите треба да се засолнат.
Алармите за предупредувања се огласија во време кога Украина ја одбележа првата годишнина од ослободувањето на јужниот град Херсон, единствениот регионален административен центар заземен од руските сили за време на масовната инвазија започната во февруари 2022 година.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, нареди војниците да се повлечат од градот на 9 ноември. Киев го објави ослободувањето на градот два дена подоцна.
За време на месеците на окупација, руските сили предизвикаа значително уништување на инфраструктурата на градот и ги ограбија неговите два главни музеи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Фејсбук им се заблагодари на жителите на градот за нивната „стабилност и верба во Украина“ за време на окупацијата и на „секој од војниците кои го овозможија тоа“.
Во објава на Телеграм, генералот Кирило Буданов, шеф на военото разузнавање, го нарече ослободувањето на градот „значајна пресвртница“.
За време на својот дневен брифинг на 11 ноември, украинскиот Генералштаб објави дека се случиле околу 87 судири во текот на претходните 24 часа, нагласувајќи дека Русија извршила бројни ракетни напади, артилериски и воздушни напади насочени кон „позициите на нашите војници и населените области“.
РСЕ не можеше да ги потврди извештаите од областите каде се водеа тешки борби.
Генералштабот објави дека украинските сили „продолжуваат со јуришни операции“ во близина на источниот град Бахмут и во други делови на регионот Доњецк, вклучително и околу Маринка и Новомихајливка.
Кремљ објави дека претседателот Владимир Путин на 10 ноември го посетил штабот на руската војска во јужниот руски град Ростов за ажурирање на воените операции против Украина. Тој, наводно, бил придружуван од Шојгу и генералот Валери Герасимов, началникот на Генералштабот на Русија.
Инаку, за потсетување, ова беше петти пат Путин (71) да го посети јужниот воен округ во последните 20 месеци откако Москва го нападна својот сосед.
види ги сите денешни вести
Трамп засега е во водство
Поранешниот претседател Доналд Трамп, републикански предизвикувач, и натаму има предност на претседателските избори во САД, со победи во повеќето традиционално републикански држави, вклучително и Северна Каролина, првата држава „бојно поле“ , стеснувајќи го патот до победата на демократите и нивниот кандидат, потпретседател Камала Харис.
Според неофицијалните проекции на американските медиуми, Трамп води пред Харис со 230 гласови од Изборниот колеџ наспроти 205 на Харис. 270 гласови од изборниот колеџ се потребни за да стане Трамп 47-ми претседател на земјата.
Малку по 20 часот, според локално време, најголемата држава - Калифорнија, со 54 електорски гласови, според проекциите, се изјаснила за Харис, како што се очекуваше, како и државата Вашингтон.
Но, клучните држави од битката - Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин - сеуште се неизвесни.
Републиканците ја освоија контролата над Сенатот
Со победите во Западна Вирџинија и Охајо, републиканската партија ја освои контролата над американскиот Сенат, јавува Ројтерс.
Покрај на претседателски, дел од гласачите ширум САД гласаат и за избор на нови членови на Конгресот, за гувернери, за составите на локалните парламенти и совети, а во некои сојузни држави се одржуваат и референдуми за одредени прашања, како што е правото на абортус.
Победата во трката за Сенатот значи дека републиканците ќе контролираат барем еден дом од американскиот Конгрес во наредниот период.
За Претставничкиот дом, кој во моментов исто така е под контрола на републиканците, пак, сè уште нема јасна слика која партија е во предност.
Доколку Доналд Трамп победи на изборите, контролата врз Сенатот значи дека тој ќе може да обезбеди поддршка за важни прашања, како што е назначувањето на конзервативни судии и други функционери во идната администрација на САД.
Доколку победи демократската кандидатка Камала Харис, пак, Сенатот кој ќе биде со републиканско мнозинство ќе може да блокира голем дел од нејзината агенда.
Трамп победил во Северна Каролина, според проекции
Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи во Северна Каролина, според проекциите на новинските агенции Ројтерс и Асошиејтед прес.
Северна Каролина е првата од седумте сојузни држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот од претседателските избори во САД.
Таа носи 16 електроски гласови.
Трамп ја однесе победата во Северна Каролина и на изборите во 2016, кога ја победи Хилари Клинтон, но и во 2020 кога изгуби од Џо Бајден.
Од 1992 година, демократите успеале да победат во оваа сојузна држава само во 2008 година кога победи Барак Обама.
Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада и Џорџија се останатите шест држави кои се сметаат за „одлучувачки“, но резултати оттаму сè уште се очекуваат.
Гласачките места во „одлучувачките држави“ се затворени, пристигаат првични проекции
Гласачките места во седумте „одлучувачки држави“ во САД, кои се очекува да го одредат и победникот на изборите, се затворени и се очекуваат резултатите.
Како клучни седум држави се сметаат Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.
Победникот во ниту една од нив сè уште не е прогласен, но за дел веќе има првични проекции.
Како што пренесува Ројтерс, повикувајќи се на проекциите од „Едисон рисрч“, на обработени 85,4% од гласовите во Северна Каролина, Трамп има 50,8% освоени гласови, а Харис 48,4%.
Во Висконсин, на 60% обработени, разликата е потесна. Трамп има 49,9%, а Харис 48,4%.
Првични проекции, новинската агенција пренесува и за Мичиген каде на 30% обработените гласови, Харис е во предност со 51,1% освоени гласови наспроти Трамп со 47,1%.
Во Пенсилванија, со 70,6% обработени, Трамп е во водство со 51%, додека Харис има 48% освоени гласови.
Во останатите сојузни држави, според проекциите на медиумите, резултатите се според очекуваното.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Кој кандидат ќе победи во една сојузна држава, ги добива сите електорски гласови во неа.
Првиот што ќе стигне до 270 ќе биде идниот претседател на САД.
Во моментов, како што пренесува Ројтерс, Харис има обезбедено 165, а Трамп 211 електори.
Меџити: Нови 50 милиони евра за општините од Европската инвестициска банка
Нови 50 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка кои биле обезбедени, но не и искористени, ќе им бидат на располагање на општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Тој рече дека во петок, на 8 ноември, сите 80 градоначалници се поканети на средба со премиерот на која ќе бидат информирани за средствата.
Меџити рече дека станува збор за пари добиени во времето на претходната власт, но досега не се реализирани, а се наменети за еколошки проекти, за хортикултурно разубавување на општините и за подземна инфраструктура - канализации, водоводи...
„Кредитот од Европката инвестициска банка е порано добиен, но откако дојдовме имаше нула реализација. Парите се веќе добиени, плаќаме и камата, но не се искористени“, рече Меџити во телевизиско гостување.
Со општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит беа потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот
ЕУ го повика Косово без одлагање да формира Заедница на општини со српско мнозинство
Европската унија (ЕУ) го предупреди Косово дека и по 11 години не ја исполни клучната обврска од дијалогот што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово и го повика да го стори тоа без натамошно одлагање.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги потсети косовските власти дека секој предлог за Заедницата мора да биде разгледан со Србија и со ЕУ и да биде компатибилен со договорите од 2013 и 2015 година.
„Ова, исто така, значи дека Владата на Косово не може да подготви Статут на заедницата надвор од дијалогот (со Србија). Владата не може да се откаже од своите одговорности во рамките на дијалогот или да ги делегира на општините со мнозинско српско население“, вели Стано во писмена реакција до медиумите.
Ваквата реакција од Брисел доаѓа откако премиерот на Косово, Албин Курти, на 29 октомври изјави дека тој како шеф на владата не може да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Тој рече дека формирањето на Заедницата не треба да се наметнува и дека Косово веќе има асоцијација на општини, мислејќи на Заедницата на општини на Косово.
Осврнувајќи се на Нацрт-статутот на заедницата што ЕУ го достави до двете страни во октомври 2023 година, Стано оцени дека станува збор за документ кој се заснова на добри европски модели и практики како и на косовската правна рамка.
Овој нацрт, потсети Стано, беше начелно прифатен од двете страни на средбата на високо ниво одржана на 26 октомври во Брисел, на која учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Означувањето на европскиот нацрт-статут само како „нон-пејпер“ го игнорира повикот на Советот на Европската унија да дејствува врз таа основа и дополнително ги одложува изгледите за негово усвојување, предупреди Стано.
„Жалиме што една година откако партиите начелно го усвоија документот, не е постигнат напредок во неговото воспоставување во согласност со Европскиот нацрт-статут. Во согласност со декларираната посветеност на дијалогот и целосното спроведување на сите договори од дијалогот, го покануваме Косово да продолжи со формирањето на Унијата без натамошно одлагање“, вели Стано.
Тој рече дека се очекува Србија заедно со Косово да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација.
Косово и Србија се договорија за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово во 2013 година, а во 2015 година беше постигнат Договор за принципите за формирање на оваа Заедница. Минатата година тие го прифатија Договорот за нормализација на односите, а една од неговите точки бара на српската заедница во Косово да и се понуди одредено ниво на самоуправа. .
Во октомври 2023 година, претставниците на таканаречената „Големата петорка“ – Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Италија – ѝ ги претставија на Косово и на Србија нацрт-статутот на заедницата, кој треба да го реши прашањето за позицијата на српската заедницата во Косово и да ги заштити правата на српската заедница.
Белград го ограничи движењето низ центарот на градот по несреќата во Нови Сад
Градските власти на Белград на 5 ноември го ограничија движењето на граѓаните низ дел од преминот Безистан во центарот на градот. Во делот каде на настрешницата се гледа дека дел од таванот е одвоен од таванот, преминот е ограден со лента.
Ограничувањето следува неколку дена по несреќата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна настрешницата на неодамна реновираната Железничка станица при што загинаа 14 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин.
Три лица беа тешко повредени.
Градскиот урбанист на Белград, Марко Стојчиќ, најави дека во наредните денови надлежните служби ќе ги посетат сите јавни простори и јавни објекти во сопственост на Градот и ќе утврдат дали има потреба да се оневозможи користењето на одредени простори или делови од згради, со цел да се спречи потенцијална трагедија.
Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад, за вечерта на 5 ноември е најавен масовен протест.
Како што е најавено, опозицијата во 18 часот ќе организира протест во близина на железничката станица.
Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, иако порача дека „не е виновен“.
Опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Малдивите го отповикаа амбасадорот во Пакистан поради неодобрена средба со претставник на Кабул
Владата на Малдивите го отповика својот амбасадор во Пакистан откако тој се сретнал со највисокиот дипломат на авганистанската влада на Талибанците во Исламабад без да го расчисти тоа со неговата влада, јави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Малдивите не ја признаваат талибанската влада која ја презеде власта во август 2021 година кога силите на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО се повлекоа од земјата.
Министерството за надворешни работи на Малдиви соопшти дека по неодамнешната средба меѓу Мохамед Тоха, висок комесар на Малдивите во Пакистан и Ахмад Шакиб, авганистанскиот вршител на должност, е преземена „соодветна акција“ против Тоха, јави АП.
До ваква ситуација дојде неколку дена откако авганистанската амбасада во Исламабад соопшти дека двајцата официјални претставници се состанале за да разговараат за начините за унапредување на соработката и трговските односи меѓу Малдивите и земјите од Централна Азија преку Авганистан.
Инженер во руска воена фабрика осуден за велепредавство
Данил Мукхаметов, поранешен инженер во воениот објект Уралвагонзавод во градот Нижни Тагил на Урал, беше осуден на 16 години затвор под обвинение за велепредавство.
Мукхаметов, кој работел во фабриката одговорна за производство на воена опрема, вклучително и на тенкови, беше осуден поради наводно снабдување на украинските разузнавачки служби со доверливи материјали.
Судот му изрече и парична казна од 300.000 рубљи (3.035 долари).
Сопругата на Мукхаметов, Викторија Мукхаметова, претходно беше осудена во посебен случај за истото дело, добивајќи казна затвор од 12 и пол години. За време на нејзиното судење, таа призна дека предала чувствителните информации за сума од 100.000 рубљи (1.026 долари).
Мукхаметова склучи спогодба со истражителите, што доведе до тоа нејзиниот случај да се разгледува одделно. Бидејќи постапката се одржа зад затворени врати, не се познати деталите од договорот, а не е познато дали Мухаметова била под принуда кога се согласила на спогодба.
Парот беше приведен во март 2023 година и првично беа уапсени за наводно недолично однесување во јавноста. Тие тврдеа дека не биле вмешани во непристојно однесување, но сепак биле ставени во административен притвор 12 дена.
По ослободувањето, парот беше повторно уапсен и обвинет за велепредавство по дополнителна истрага.
Судењето на Мухаметов се одржа зад затворени врати, а деталите за неговата одбрана и изјаснување не беа објавени. Случајот го надгледуваше судијата Андреј Минејев, кој исто така претседаваше со судењето за шпионажа од висок профил на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович.
Гершкович во јули беше осуден на 16 години затвор под обвинение за шпионажа, што тој и неговиот работодавец остро го негираа. Случајот на Мухаметов, сепак, не е директно поврзан со ситуацијата на Гершкович.
Повеќе од десетина научници и инженери од 2018 година се уапсени во Русија под обвинение за предавство, главно поради активности кои се сметаат за нормален дел од нивната работа, како што се поседување научни трудови, објавување трудови на меѓународно ниво, соработка со колеги од други земји и присуство на меѓународни конференции.
Обвиненијата за велепредавство во Русија придонесоа за бројни и долги затворски казни во 2024 година. Само во првата половина од 2024 година, 52 лица беа осудени за предавство, што е значителен пораст во споредба со осудените 39 лица во цела 2023 година.
Иран осуди три лица на смрт поради убиство на научник
Иранското правосудство осуди три лица на смрт поради убиството на водечкиот ирански научник за нуклеарна енергија, Мохсен Фахризаде, во, како што вели Техеран, операција организирана од Израел во 2020 година.
Изрекувањето на казната за трите лица, кои не се именувани, доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Иран и Израел поради конфликтите во Газа и во Либан.
Израел е обвинет за атентатот на уште најмалку четворица ирански научници за нуклеарна енергија, осомничени дека работеле на воената нуклеарна програма на Техеран.
Фахризаде, познат како „татко“ на иранската нуклеарна наука, беше под санкции на Соединетите Американски Држави (САД) поради неговата улога во нуклеарното истражување на Иран. Израел во 2018 година го обвини Фахризаде дека е архитект на напорите на Иран да развие нуклеарно оружје.
„По некои истраги, тројца од осум лица уапсени во провинцијата Западен Азербејџан беа обвинети за шпионирање за окупаторскиот режим на Израел“, рече Асгар Џахангир, портпарол на иранското правосудство на прес-конференција во Техеран.
Тројцата беа обвинети и дека донеле неодредена опрема од странство во Иран за напад „под маска на шверц на алкохолни пијалоци“.
Јахангир рече дека случајот против другите обвинети се уште е во тек.
Фахризаде беше убиен во близина на Техеран на 27 ноември 2020 година, за што Иран го обвини Израел додека сугерираше дека САД исто така имаат индиректна или директна улога.
Околностите за нападот остануваат нејасни. Првичните извештаи веднаш по убиството сугерираа дека Фахризаде бил цел на камион со експлозиви, на неколку вооружени лица и на напаѓач - самоубиец.
Израел не го коментираше убиството на Фахризаде.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете