Одговорните на клиниката за онкологија да ги спроведат препораките на државниот ревизор од извештајот за 2021 година, и да изготват медицински протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија е првиот заклучок кој го донесоа пратениците на комисиската расправа во Собранието.
Пратениците од Комисија за финансирање и буџет ги повикаа одговорните кои раководат со клиниката да спроведат попис на сите средства и обврски на клиниката согласно правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.
„Одговорните лица на клиниката да донесат процедури за начинот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал“, се вели во заклучокот на комисијата.
Видете и ова: Метастазираат проблемите на ОнкологијаДржавниот завод за ревизија во март годинава објавува ревизорски извештај за Клиниката за онкологија и радиотерапија, кој се однесува на 2021 година. Во него, меѓудругото, се наведува дека се набавувала биолошка терапија, а немало доволно пари за тоа, а немало ниту медицински протоколи, односно упатства со кои ќе се воспостават правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија.
Обвинителството соопшти дека со Министерството за внатрешни работи (МВР) на 1 септември извршиле претреси на Клиниката за онкологија и на уште два приватни станови. Обвинителството постапува откако медиуми отворија сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, тие добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Пратениците им порача на директорите на клиниката за онкологија во соработка со Фондот за здравство и Министерството за здравство да направат анализа со овластен сервисер со цел да се донесе оптимална одлука за ставање на линералниот акцелератор кој со години „фаќа прашина“ во употреба или да набави нов.
Собранието му препорачува на ДЗР да спроведе ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија со ревизија на преземените мерки по дадени препораки и ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2023 година на МЗ.
На крајот, Комисијата одлучи овие заклучоци, заедно со Извештајот на комисијата да се достават до ДЗР, Јавното обвинителство, Владата, Министерството за здравство и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.
Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентираше главниот државен ревизор, Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти кои се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите.
За утре е закажана седница на Анкетната комисија што ја формираше Собранието со цел да се утврди евентуална политичка одговорност за случајот.