Ревизорскиот извештај ја „прели“ чашата за битолската болница, отворени неколку истраги

Клиничка болница во Битола

Јавното обвинителство работи на неколку предмети поврзани со Клиничката болница во Битола. Последно што ја „прели“ чашата е ревизорскиот извештај кој констатираше низа неправилност во финансиското работење. Болницата има и апарат за болни од рак, ама не го користи. Допрва ќе се решаваат проблемите.

Обвинителите со помош на ревизорите кои работеа на извештај за Клиничката болница во Битола го бараат виновникот за катастрофалната состојба и можните злоупотреби. Во одговор за Радио Слободна Европа од Обвинителството тврдат дека имаат отворено неколку истраги, а последната е токму поради наводите во ревизорскиот извештај. Во него беа утврдени повеќе неправилности како што се исплатата за надоместоците за плати и тоа за дежурства и прекувремена работа, дека не се закажуваат прегледи преку системот „Мој термин“, но и дека не се наплатуваат побарувања кои може да застарат и недостига наплата за партиципација за извршените услуги.

Според одговорот на Обвинителството тоа веќе работи на предмет за сомнителни исплати на дежурства за немедицински персонал во Клиничката болница Битола, нешто што уште пред ревизорите го утврдил во извештај и Фондот за Здравствено осигурување.

„По овој предмет се постапува и тој ќе биде дополнително поткрепен со наодите од објавениот ревизорски извештај. Врз основа на другиот дел од наводите во ревизорскиот извештај, пак, ОЈО Битола оформи уште еден предмет за кој дополнително, врз основа на направените проверки, ќе се одлучува дали ќе се води посебно или ќе биде споен со претходниот. Надлежниот јавен обвинител ќе се обрати до Државниот завод за ревизија за директна размена на информации со ревизорите кои го изготвуваа ревизорскиот извештај за работата на болницата“, се вели во одговорот од Државното јавно обвинителство.

Видете и ова: Државниот ревизор вклучен во истрагата за Онкологија

Дека ревизорите соработуваат со Обвинителството потврди и Главниот државен ревизор Максим Ацевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Сите докази кои го поткрепуваат ревизорскиот извештај се доставени и до Обвинителството и се очекува тоа да постапува по наводите, вели Ацевски.

„За битолската болница е доставен ревизорскиот извештај пред триесетина денови така што очекувам ист начин на постапување да има како што се постапува и за Клиниката за онкологија. И двата ревизорски извештаи се доставени до јавните обвинителства, во постојана комуникација сме со надлежните јавни обвинители, а како врховна ревизорска институција и како институција која во суштина ги извршува самите ревизии стоиме на располагање за се она што ќе биде побарано и се бара од Државниот завод за ревизија се со цел да се утврди фактичката состојба. Очекуваме за евентуалните несоодветни законски постапувања да има соодветен одговор од надлежните органи“, вели Максим Ацевски, Главен државен ревизор.

Инаку, за исплатата на службени патувања и дневници во Клиничката болница - Битола за периодот од 2018-2021 година, Основното јавно обвинителство во Битола веќе има поднесно обвинение против директорот за економско-финансиски работи и главната медицинска сестра.

Ги товари за кривично дело - Злоупотреба на службена положба и овластување и тој предмет сѐ уште е во фаза на судење. Главниот државен ревизор не сакаше да ги коментира новите измени на Кривичниот законик со кои токму за делата Злоупотреба на службената положба казната е драстично намалена, дело кое често може да произлезе од извештаите на ревизорите.

Инфографика - Сомнителни бројки за Клиничката болница во Битола


Финансиското работење на болницата на „стаклени нозе“

Системот за евиденција на извршени здравствени услуги за пациенти кои се лекуваат приватно на ревизорите им покажал дека недостига наплата. Два милиони денари е кусокот кој го утврдиле ревизорите или од вкупно 6.268 пациенти се наплатени само 63% од вкупната сума која требало да биде наплатена. Дефицит во наплатата има и за пациентите кои се лекуваат со партиципација. Во периодот од 2019 до 2022 година недостигале приближно 12 милиони денари кои се разлика од она што требало да биде наплатени и уплатите на сметка на болницата.

„Болницата воспоставила пракса ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор, да ги евидентира како сомнителни и спорни поради што неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 97 милиони денари, од кои 92 милиони денари се постари од 5 години, а за 98% од побарувањата по овој основ не се доставени докази дека се преземени мерки за нивна наплата и постои ризик од застарување“, се вели во извештајот на ревизорите.

Видете и ова: Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологија

Од друга страна ако се погледне извештајот на Министерството за финансии, Клиничката болница Битола е еден од поголемите должници кон државата. До јуни годинава има неплатени повеќе од 80 милиони денари односно повеќе од 1 милион евра. Во наредниот период ќе треба да и врати на државата и уште повеќе од пола милион евра, кој во извештајот се јавуваат како сѐ уште недоспеани обврски.

Ревизорите утврдија и неправилности со уплата на плати и додатоци. Па така и покрај тоа што дел од вработените немаат полно работно време сепак им се исплаќа редовна плата и плус надоместок за дежурство. Околу половина милион евра или 36 милиони денари се исплатени по за дежурство само во 2022 година, без да има согласност од Министерството за здравство, а за дежурства се исплаќал и немедицински кадар, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита, напишал ревизорот.

За прекувремена работа се потрошени 7 милиони денари за 303 вработени. Но за ова не бил известен инспектор на трудот и нема никаква контрола, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари.

Болницата на сомнителен начин исплаќала и вработени од други јавно здравствени установи, бидејќи има недостаток од кадар. Но, сомнежот се отворил кога истите вработни биле исплаќани иако системот покажува како во исто време да работат и во болницата и во ЈЗУ од каде што доаѓаат. Фактурирани се околу еден милион денари повеќе од реално извршените работни часови.

Видете и ова: Почина бебе во битолската болница, инспекторски тим утре ќе ги утврдува причините


Новото раководство на болницата тврди дека почнува да ги решава проблемите

Ревизорите дале препораки, а директорката на болницата Елизабета Ивановска која е назначена за ве-де од април оваа година вели дека започнала да ги спроведува. Не сака да зборува за истрагата на Обвинителството бидејќи се однесува на периодот пред таа да дојде на функцијата. Во однос на исплатите за вработените за дополнителни часови, дежурства но и за исплатите за надворешен кадар, вели дека се редуцирани на минимум.

„Уште додека ревизорите беа во болницата за она што ми го кажаа во разговор дека го утврдиле, веднаш постапив уште пред да го добијам извештајот. Скратени се вишокот на часови но во недостиг на персонал некаде мора да се овозможи и тој начин на работа бидејќи имаме недостиг од 200 вработени. Сепак им реков да се снајдат, може да се покријат со слободни денови“, вели за РСЕ директорката Елизабета Ивановска.

Она што можеби сепак најмногу ја погоди јавноста е што со години акцелераторот за онколошките пациенти стои во таканаречен „бункер“ и не се користи. Ревизорите утврдија дека за негова набавка и инсталација Министерството за здравство од 2012 до 2017 година потрошило скоро 3 милиони евра до денот на ревизијата апаратот не се користи и го нема во сметководствената евиденција. Од Болницата објаснувањето било дека апаратот не се користи поради недостиг на дополнителна опрема потребна за негово функционирање како и недостиг на соодветен квалификуван кадар.

„Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба“, напишале ревизорите.

Видете и ова: Почина шестгодишно девојче донесено на преглед во Битолската болница

Сегашната директорка тврди дека започнала постапка за поправка на апаратот за кој е утврдено дека поради стоењето во бункер е расипан, но тоа ќе чини многу пари. Колкава ќе биде сумата не знае да прецизира, но сепак добила поддршка од Министерството.

„Побарав од производителот да дојдат и да видат во каква состојба е апаратот бидејќи околу 10 години е тука и да утврдат дали е во функција. Утврдија дека чилерот кој служи за ладење е расипан и ќе треба да се поправи за што ќе биде потребно време и пари. Го известив Министерството, а воедно побарав и компјутер симулатор. Моментално сме во преговори за да ни обезбедат средства и ја имаме поддршката“, вели директорката Ивановска.

Инаку стотици километри поминуваат болните од рак што живеаат во внатрешноста на земјата за да добијат радиотерапија која помага во лекувањето на малигните заболувања. Децениските ветувања на политичарите дека болните од рак ќе може да ја добијат таа терапија во Битола или Штип сѐ уште не се исполнети.

РСЕ уште пред две години објави дека опремата вредна милиони евра, фаќа прашина во магацините. Се работи за линеарни акцелератори кои зрачат високоенергетски зраци, со чија помош локално се уништуваат туморските клетки или во најмала рака го стопираат нивниот раст и развој.