Лекарска комора за случајот Онкологија: Сите доктори да не се ставаат во ист кош

Лекарска комора на Северна Македонија

Од Лекарската комора велат дека го почитуваат правото на протест на сите граѓани, но, институцијата изразува силно несогласување и ги осудува, како што вели, „обидите сите доктори да се стават во ист кош и да се етикетираат како виновници за последните случувања во здравствениот сектор нарекувајќи ги "убијци".
Од таму повикуваат тоа да престане, бидејќи на тој начин „засилено се поткопува довербата меѓу лекарот и пациентот што е клучна за што поповолен исход на лекувањето“.
„Повторуваме дека ниту еден пациент не смее да биде оставен без терапијата која му следува и во никој случај не смеат да се дозволат манипулации со цел остварување на материјална корист од страна на поединци. Доколку во законските постапки коишто ги водат надлежните институции се докаже дека одредени лекари биле вклучени во злоупотреби на онколошка терапија, со што нанеле штета на здравјето на пациентите, органите на Комората без одлагање по добивање на релевантен доказ или судски пресуди ќе постапат во рамките на своите надлежности за санкционирање и ќе изречат максимални санкции“, се вели во нивното соопштение.
Лекарската комора изразува длабоко жалење за загубите на пациентите и членовите на нивните семејства кои ја изгубиле битката во борбата со канцерот. Но, апелираат, додека трае процесот да не се создава масовна паника и да не се генерализира дека сè во здравството не е добро и дека сите лекари ги манипулираат своите пациенти, бидејќи тоа не е точно и е на штета на пациентите.
„Најголем дел од докторите во нашата држава секојдневно, професионално, одговорно и чесно ги лекуваат пациентите и се обидуваат да им пружат максимално ниво на квалитет на здравствена заштита, согласно условите во кои работат. Трудот на овие професионалци треба да се вреднува и почитува и тие не треба да се поистоветуваат со поединци кои постапувале поинаку од она што го налага медицинската етика и медицинските протоколи“, пишува во соопштението.
Комората уште во саботата на 2 септември, реагираше во однос на изнесените сомнежи за злоупотреби на Клиниката за онкологија и радиотерапија, кои ги оцени како вознемирувачки и побара што побрзо расветлување на настаните и дознавање на вистината.
На 4 септември, граѓаните излегоа на протест пред Владата и Јавното обвинителство по скандалот на клиниката. До протестот дојде откако Обвинителството изминатиот викенд отвори предистражна постапка по написите на медиумите дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациенти болни од рак постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
„Монструми“, „Убивате за профит“, „крадци“ и „убијци“ беа само дел од транспарентите на демонстрантите кои бараа правда и судска разрешница за скандалот на Онкологија.