Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата ја поништила одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на бакар и злато за рудникот „Иловица-Штука“. Тој рече дека поништувањето на одлуката ќе има правни последици за државата.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. А Министерството за економија инсистира да се носи некаква одлука, а која е подобрата за интерес на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, изјави Бектеши на денешната прес конференција.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени - едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука.
Видете и ова: Струмичани на протест поради Иловица, како што го нарекоа, „рудникот на смртта“„Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда“, рече Бектеши на денешната прес-конференција.
Според него, не се работи за една, туку за две концесии.
„Можам слободно да потврдам, а очекувам тоа да го потврдат и другите колеги, дека Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда. Ние сме доставиле само хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 година до денеска во делот на Предлог-одлуката за спојување. Истата информација беше на седницата на Владата, не е сменето ни образложението, ни информацијата, но ова е политичка Влада и се носат во одредени моменти и политички одлуки,“ истакна Бектеши.
Видете и ова: Бектеши: Уште 100 пати да се бара од нас, исто толку пати би одлучиле идентично за ИловицаОткако на владина седница беа споени концесиите за рудник во Иловица, се одржа и протест организиран од невладини организации.
Во меѓувреме дел од министрите најавија можно преиспитување на одлуката за спојување на концесиите, велејќи дека нема да има рудник, ако на тоа се противат граѓаните. Тие беа на ставот дека одлуката за спојување на концесиите била дополнителна точка на владина седница на предлог на Бектеши, а министрите сите гласале „за“ бидејќи Министерството за економија презентирало документ во кој се тврдело дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.