Инспекторатот бара одговорност за случајот со родилката која се обиде да се самоубие

Илустрација

Два дена на 4 и 5 јуни Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) вршел увид во клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК), а во врска со случајот со родилката која скокна од прозорец.

Денеска од инспекторатот информираат дека извршен е увид во основната медицинска документација за пациентката, електронски медицински дневник, историја на болест, како и во Интегрираниот информатички систем Мој Термин. Побарани и добиени изјави од здравствени работници и соработници на ЈЗУ УК ГАК Скопје поврзани со лекувањето и третманот на родилката, велат од ДЗСИ.

„Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Во врска со наведеното ДСЗИ, со решение ќе наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување на постапка за утврдување на одговорност од страна на здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија, се вели во соопштението од ДЗСИ.

Родилка на возраст од 39 години на 2 јули по породувањето со здраво машко бебе се пожалила дека е вознемирена и разговарала со клиничкиот психолог, но по три дена пак ги имала истите симптоми и тогаш разговарала со дежурните лекари. Тие и дале апчиња за смирување, и одлучиле за подобра проценка на состојбата пред да си замине од Клиниката да се повика психијатар. Но, таа не го дочекала психијатарот, туку се обидела да се самоубие.

Видете и ова: Родилките „стискаат“заби наместо да бараат психолошка помош

Во врска со извештајот на ДСЗИ од клиниката исто така информираат за случајот. Пациентката се породила на ден 28.6.2023 година а, два дена по породувањето се пожалила на лесна вознемиреност на медицинскиот персонал во дневна смена од одделот за родилки – Пуерпериум. Според сите протоколи, таа веднаш е видена од стручно лице за ментално здравје – психолог магистер по клиничка и советодавна психологија, кое е стручно лице вработено на ЈЗУ У ГАК-Скопје за проценка на вакви состојби, се вели во соопштението на ГАК.

„По извршениот разговор со стручното лице не е нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид. Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден е креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред испис. Напоменуваме, проценката од стручното лице била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките и не е индикација за ургентно да се повика психијатар, пишува во соопштението од ГАК.

Видете и ова: Бавна правда за жените што останаа без органи

Но, дежурните служби во текот на викендот кога таа престојувала во болницата не кажале дека има влошување на нејзината состојба, односно таа немала знаци за сериозно нарушување на менталната состојба. Според ГАК родилката на 01.07. направила и соодветен контакт со бебето, што е адекватна емотивна реакција кон нејзиното новородено, и што не покажува емоционална состојба која упатува дека родилката ќе направи обид за суицид, велат од таму. Дури на 02.07 се појавиле симптоми на лесна вознемиреност, па таа имала посета и е извршен разговор со дежурниот лекар при што е ординирана соодветна анксиолитична терапија и повторно е креиран упат за проценка и за евентуална потреба од назначување на третман од страна на специјалист психијатар веднаш по исписот, што било планирано да се случи на ден 03.07 година. Инспекторатот извршил увид и на Клиниката за психијатрија и таму не се утврдени пропусти.