„Мајка си, издржи!“, „Кога ќе го земеш во раце бебето ќе заборавиш на сите маки“, „Доста се лигавиш, како само ти да си родила, стисни заби“. Ова се често првите реченици што ги слушаат штотуку породените жени од медицинскиот персонал.
Но, не секој издржува. Тоа го покажа примерот со 39-годишната пациентка, која на 2 јули се обидела да се самоубие, фрлајќи се од прозорец од Клиниката за гинекологија во Скопје, откако се породила со здраво машко бебе.
Таа по породувањето се пожалила дека е вознемирена и разговарала со клиничкиот психолог, но по три дена пак ги имала истите симптоми и тогаш разговарала со дежурните лекари. Тие и дале апчиња за смирување, и одлучиле за подобра проценка на состојбата пред да си замине од Клиниката да се повика психијатар. Но, не го дочекала психијатарот, туку се обидела да се самоубие.
Помош од “гугл“ или од пријател, не од психијатар
Случајот покрена дебата во општеството и на социјалните мрежи. Тазе мајки почнаа да го споделуваат своето искуство со сè што се судриле и за време на бременоста и по породувањето. Во недостиг на систематско решение, помош се бара на гугл, се бараат совети во женски групи на социјални мрежи или од блиски кои поминуваат низ слично искуство.
Во државата нема систем, некој што ќе те насочи уште од почетокот на бременоста доколку не се чувствуваш добро и си преплавен со емоции, кај да се обратиш, сè се сведува од индивидуална информираност, вели Теодора Цветковска, која е тазе мајка.
Треба и во текот на бремености и по породувањето жената да има пристап до бесплатен психолог и психијатар, вели Цветковска, а на првиот преглед по породувањето, освен педијатарот и гинекологот, да доаѓа и психијатар.
„Да поразговарате и да ти кажа дека тоа што се чувствуваш не толку среќна што ти дале бебе во раце, дека тоа е нормално и дека ќе помине, не да ти кажуваат не се жали, дали си прва што се родила, мајка си, издржи, магично ќе помине сè кога тоа дете ќе ти се насмее и ќе заборавиш на тешкиот царски рез и дека во наредните 30 дена ќе крвариш, нема да спиеш, ќе се мачиш со доењето“, вели Цветковска.
А осудата и советите стигнува од сите страни, од соседите, од непознати луѓе на улица, па дури од блиските, додава таа.
„Сето тоа ти создава една вина, па се прашуваш како им успева на другите жени. Тоа кај мене не резултираше со дијагностицирана постпородилна депресија, но јас има проблеми да излезам и од дома, да отидам до маркет, ме фаќаа панични напади и си велев како сега детето ќе биде без мене 10 минути, лошо ми е, ќе се онесвестам, ме боли раната, како ќе си дојдам до дома“, раскажува Цветковска за Радио Слободна Европа.
Каде да се обратат жените што имаат проблеми?
На Клиниката за психијатрија во Скопје има оддел за женско ментално здравје, групи за поддршка на жени кои се процес на планирање на бременост, кои се бремени и за после породување, а има и дневен центар каде жените кои имаат проблеми поврзани со менталното здравје може да се обратат и да добијат помош. На Клиниката може да ги прати матичен лекар или гинеколог, а може и без упат да дојдат, вели директорот на Клиниката за психијатрија, Стојан Бајрактаров.
„Постои доста стигма, доста предрасуди за менталното здравје, посебно на жени родилки – дека треба да се силни, околината може да им префрла ако е нерасположена, а еве родила дете, така што потешко се отвораат жените посебно во по традиционални средини и сето тоа веројатно има големо влијае при барањето помош“, вели докторот во разговор со РСЕ.
А секој има право да има проблеми со своето здравје, па и со своето ментално здравје, вели докторот. Тој додава дека кај скоро 20 проценти од жените во тој пренатален период имаат ризик по менталното здравје. Но, размислувањата од средината и притисокот може да и влијаат да не побара помош.
„Жената може да биде осудувана дека не се грижи за себе или за своето дете, дека се запоставила, дека го запоставила домот, а таа всушност има медицинска состојба која треба да се третира, како што се третира и срцев удар, дијабет... ако некој има проблем со менталното здравје не направил ништо лошо, не значи дека е со слаб карактер“, вели доктор Бајрактаров.
Тој додава дека треба поширока борба во општеството против предрасудите, а не само некоја тема да стане актуелна, кога ќе се случи најлошото.
Родилката што на 2 јули се обиде да се самоубие откако на свет го донесе своето прво бебе, се уште се наоѓа во критичка состојба.
Се разгледува опција психијатар да ги посетува родилките на Гинекологија
Објавувајќи го случајот на 3 јули, директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска рече се разговара за опцијата родилките на Гинекологија да ги посетува психијатар, но се сомнева дека ваквата идеја ќе наиде на поддршка од пациентките.
„Јас мислам дека на сите нас ни треба психијатарски совет, не само на родилките, на сите нас ни треба во оваа современо живеење“, вели докторката.
Од Министерството за здравство на 4 јули соопштија дека за овој случај
Државен санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија.
Цветковска, која е мајка на неколкумесечно бебе смета дека социјалните мрежи треба да бидат место каде родителите треба да си нудат поддршка, а не да нудат лажна слика колку е прекрасно меѓу два грчеви на бебето, додава таа.