Учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата за завршената учебна 2022-2023 година, соопшти на 22 мај Министерството за образование и наука. Во нивното соопштение е наведено дека постапката за јавната набавка е завршена и дека во тек е испораката.
„Според информациите од Бирото за развој на образование, склучен е договор со економски оператор и истиот веќе ги испорачува свидетелствата за сите одделенија, а завршена е доставата за учениците од четврто и деветто одделение во основното образование, како и за учениците од завршните години во средното образование“, тврди Министерството.
Но, на веб страницата на Бирото за јавни набавки денеска(22 мај) не е објавен склучениот договор со економскиот оператор, нити одлуката од седницата на второстепената комисија која одлучувала за повторна евалуација на понудите од фирмите за тендерот.
Радио Слободна Европа пред десет дена пишуваше дека јавната набавка за свидетелства „заглави“ во жалбена постапка, затоа што две од четирите компании кои се јавиле на тендерот ја обжалиле одлуката на Бирото за јавни набавки со која за печатење на свидетелствата беше одбрана фирмата „ Арбериа Десинг“.
Видете и ова: Свидетелствата „заглавени“ во тендеротСпоред податоците од Бирото за јавни набавки, во април Киро Дандаро и Европа 92 се пожалиле дека се дискриминирани и дека избраната фирма Арбериа Десинг не ги исполнува условите, затоа што понудила материјали со лексички грешки. По овие жалби Државната комисија за јавни набавки утврдила дека при избор на фирмата Арбериа Десинг, за најповолна понуда, Бирото за развој на образованието го прекршил Законот и ја поништи одлуката таа фирма да го добие тендерот.
„Бирото за развој на образование сторило повреда и на начелото на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства“, се вели во одговорот на Комисијата за жалби.
По повторно разгледување на понудите, според последната одлука објавена на Бирото за јавни набавки, тендерот го добива битолската печатница Киро Дандаро. Оваа одлука е донесена на 27 април, откако биле усвоени двете жалби на фирми кои конкурирале на тендерот. Но, од Бирото за развој на образование (БРО) велат дека ја обжалиле и оваа одлука.
„Се очекува седницата по однос на жалбата да се одржи на 17.05.2023 година“, одговорија тогаш од Бирото за развој на образование.
Колку пари ќе чинат свидетелствата не е објавено на Бирото за јавни набавки ниту пак во денешното соопштение на Министерството за образование.
Видете и ова: Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебници
Во него е посочено дека по целосната испорака, секое училиште индивидуално ги одредува датумите за доделување на свидетелствата за секое одделение.
„Апелираме тоа да се случи што поскоро по завршување на наставната година, која согласно календарите за организација на работата на училиштата, за основците трае до 14 јуни, додека за средношколците до 9 јуни, се наведува во соопштението од МОН.
Минатата година учениците од основно и средно образование сведителствата за завршена учебна 2021/22 година ги добија на 31 август, затоа што доцнеше спроведувањето на тендерот кој и тогаш го доби фирмата „Арбериа Десинг“.