Средношколецот Леонардо Змајшек има осумнаесет години и една објавена книга. За неговата книга „Зошто ме тргаш од ѕвездите?“, објавена неодамна, вели дека постојано добива честитики и позитивни коментари. Дел од читателите признаваат дека пролеале и по некоја солза меѓу редовите.
„Ме допираат коментарите од луѓето кои ја имаат прочитано, поблиски и не толку блиски луѓе. Не знам дали е навистина така, дали е само некој почетен ефект, но немам слушнато ништо помалку од вистинско импресионирање. Дури и многу пролеани солзи на мое изненадување, од луѓе кои доживуваат и се пронаоѓаат низ текстовите“, изјави Змајшек, за РСЕ.
А она што ги допира читателите се осум раскази во форма на метафорични приказни за негови мисли, гледишта, идеи или чувства на младиот автор.
„Првите два се мистични, мистериозни и интригателни и можеби се фокусираат малку и на фантастика. Вторите два се љубовни. Третите два се родољубиви, за родниот крај, за корените и емоциите кон нив. Последните два имаат и една ангажирана нота, односно се мешаат со реалноста и сегашноста и како ние низ нашите најразлични очи ја гледаме и како ја доживуваме“, вели средношколецот.
Иако ова е негова прва книга, истакна дека добива поддршка од читателите дури и тогаш која не ја бара.
„Повеќе блогери, љубители на книги и слично постираат на социјалните мрежи. Имам многу поддршка добиено на најразлични начини. Дури и на моменти кога не сум ја барал ниту очекувал, дошла од некој непредвидлив извор во убава форма“, додаде младиот автор.
Но како ново писателско име се изненадил од книжарниците. Вели дека дури и да отворат врата, повеќето нудат неприфатливи услови. На шест книжарници им понудил да го продаваат неговото дело. Се договорил само со две.
„Првично, ми рекоа дека не секому даваат шанса бидејќи имаат преполни полици и сепак шансата што ќе ја дадат исто така и нив ќе ги чини. Односно дека тоа е некаков капацитет во магацините, некој простор на полиците кој ќе треба да го заземе одредена книга од која очекуваат тие нешто“, додаде младиот Змајшек.
Во комерцијалниот свет повеќе се купуваат големите имиња, отколку содржините на книгите. Профитот игра голема улога, па затоа и тешко се добива шанса, а уште потешко е да се заработи нешто кога си на почетокот, заклучува Змајшек.
Сепак, нема некоја поголема комерцијална цел и во моментов не се ни надева на заработка. Затоа, вели, повеќе сакал цената да биде достапна за сите, отколку профитабилна за него. Па ефектот врз читателите и нивните емоции се негова најголема награда.
Може и без финансиска поддршка од страна
Освен желба за пишување, за да напишеш и објавиш книга во Македонија за првпат, потребно е и многу упорност и издржливост, бидејќи процесот не е лесен, ако немаш издавачка куќа или компанија зад себе, порачува тој. Но вели дека сепак финансиски не е неизводливо, ако се ангажираш и умееш да заштедиш.
„Ти треба и некој да те води низ целиот процес, бидејќи се простира низ повеќе институции и области и дефинитивно не е толку просто како само да ги напишеш работите и да пробаш да ги објавиш во првата прилика. Јас сум самиот свој издавач и самиот ги печатев, на сопствен трошок“, истакна средношколецот.
Тој штедел од заработката од неговата работа во полето на дигиталниот маркетинг, хонорарот од неговите предавања во „Младински образовен форум“, и други еднократни хонорари.
Видете и ова: Млади македонски поети - Стихови за фидбек, не за париВеликаните можеби имаат свои наследници меѓу овие генерации
Ако има искрен интерес и ако е нешто напишано квалитетно и од срце, има шанса да се пробие, верува Змајшек и додава дека меѓу новите генерации можеби има некој наследник на големите имиња.
„Верувам дека и на нашата денешна сцена треба да има Петре М. Андреевски или Гане Тодоровски, Живко Чинго или кој и да е од големите великани, кои ќе го обележат ова време. Во смисла на нивни наследници кои ќе го обележат овој период кога ќе се зборува за некои 20, 30, 50 години од сега, од книжевен аспект“, вели младиот Леонардо.
Змајшек ја промовираше „Зошто ме тргаш од ѕвездите?“ пред своите соученици и пријатели во скопската гимназија „Орце Николов“. Задоволен е од продажбата за време на промоцијата и потоа. Се надева на втор тираж и има план своите инспирации да продолжи да ги става на хартија.