Достапни линкови

Ана Стојаноска, писателка: Слободата е врвната цел за мене


Ана Стојаноска, писателка, театролог и научен работник
Ана Стојаноска, писателка, театролог и научен работник

Неодамна, на англиски јазик во издание на Cadmus Press и превод на Пол Филев, во серијата преводи на дела од Источна и Југоисточна Европа, се појави и деби романот „Јас и Лин, отпосле“ од македонската писателка Ана Стојаноска, добитник на Рациново признание во 2016 година.

„Јас и Лин, отпосле“, е антиновела, колаж составен од многу фрагменти, со вграден наратив, метафикција, автофикција, игриво дело со наклонетост кон магичниот реализам и детективска приказна. Ги сретнувате и Ана Каренина и Вронски, но и самиот Толстој. За прв пат се сретнува портретиран и хомосексуален карактер. Ова инвентивно дело прави комбинација меѓу сеќавањата на младата писателка, нараторка во романот, за љубовниот триаголник во кој се наоѓа и нејзиниот обид да го напише својот прв роман. Настаните од љубовниот триаголник се раскажуваат надвор од редоследот, оставајќи му на читателот повторно да ги состави како делови од сложувалка, додека приказната за романот на нараторката во понатамошниот тек се гради до интригантен и привлечен заклучок.

Со овие реченици ќе биде проследено излегувањето на првенчето на македонската писателка Ана Стојаноска „Јас и Лин, отпосле“ на англиски јазик во издание на Cadmus Press и превод на Пол Филев, а во рамките на серијата на преводи на дела од Источна и Југоисточна Европа.

Во образложението ќе биде дополнето дека „Ана Стојаноска е писателка која ужива во експериментирањето со жанровите, формата и влијанијата од популарната култура“. Дека таа „ги руши границите на формата на романот и дава свеж третман на стандардната приказна за љубовен триаголник - минус патосот - и романот-во-роман-тропа“. Конечно дека „делото на Стојаноска ја истакнува енергичноста и динамиката на современата македонска литература и е доказ дека македонските писателки ја владеат книжевноста“.

И, во ваквото појаснување благо навраќање кон биографијата на авторката која се смета за една од водечите фигури во современата македонска литература и воопшто, на културната сцена.

Родена во Прилеп 1977 година, Ана Стојаноска е писателка, театролог и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007).

Авторка е на романите „Јас и Лин, отпосле“, Блесок 2016 година – добитник на Рациновото признание и финалист за Роман на годината наредната година, инаку преведен и на украински јазик, „Лебед“ , Полица 2021, и „Ние“, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман „Пегаз“. Од нејзиното перо излегоа и драмата „Трогледало“ (објавена 2020 година во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма), збирката поезија „Потпис: Трепетлика“ ( издание на Три и „Антево перо“ за која ја доби наградата „Антево перо“ за 2020), „Дијалози во еднина“ (Култура, 2019), „Театар – предизвик: Студии и есеи“ (УКИМ, 2018) и монографиите „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ (ФДУ, 2014) и „Македонски постмодерен театар“ ( ФДУ, 2006).

Приредувачка е на „Драми од Дејан Дуковски“ (Проартс, 2002) и „Современа македонска драма“ (Микена, 2008), а нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена во продукција на Театра – Скопје во 2013 година. Авторка е и на стотина студии и есеи објавувани во македонската и во странската периодика, како и коавторка на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезијата и прозата ѝ е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и на театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот, музичарот Сашко Костов. Нејзината поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза, и поезија, и драмски текстови.

И, откако го сторивме прежвакувањето на фактите од нејзината авторска дејност, еве ја Ана Стојаноска пред вклучениот микрофон. Како некој кој го љуби создавањето на приказни таа несомнено од поодамна ја креираше и актуелната. Онаа на која сите кои го ценат и љубат македонското творештво и веруваат дека тоа нуди поинакви перспективи и гради нови цврсти мостови каде рамноправно ќе се допираат народите и културите треба и мора да и се радуваме.

Што значи за Ана Стојаноска лично излегувањето од печат на нејзиното првенче „Јас и Лин, отпосле“ и на англиски јазик? Колку е ова признание за авторката дека била и е на вистинскиот пат во потрагата и желбата за авантура во сопственото творештво?

- Објавувањето на „Јас и Лин, отпосле“ на англиски јазик, во одличен превод на Пол Филев, за мене е еден вид на потврда, дека патот кој сум го одела и одам, е тој што треба да е. Cadmus Press е издавачка куќа фокусирана на објавување на преводи од книжевностите на Југоисточна и Источна Европа и затоа ми е уште поважно, бидејќи романот е препознаен и дадена му е шанса да биде претставен пред публиката од англиското говорно подрачје. Издавачот, романот ќе го пласира на сите големи интернет книжарници во класичен и дигитален формат.

И, кога сега вака го гледате „Јас и Лин, отпосле“ публикуван на уште еден светски јазик си го враќате ли тркалото на времето наназад и по којзнае кој пат се преиспитувате „дали сте можеле поинаку, подобро...“ или тоа било она најмногу што сте успеале да го исцедите од себе? Кога би ја пишувале „антиновелата“ денес колку таа би била различна?

- Романот го напишав пред многу, многу години. Чекав 12 години да го објавам (беше понуден на повеќе издавачки куќи) и да не беше отворениот дух на Игор Исаковски и неговото препознавање на мојот ракопис, можеби немаше ниту да биде објавен. Но, кога тој се реши да го објави, го препрочитав и знаев дека можам многу да му додадам или одземам од тогашната позиција (првото издание е на „Блесок“ во 2016г., а второто на „Култура“ во 2019г.), но решив да го пуштам да се бори таков каков што е напишан. И одлично си се избори. Ја доби наградата „Рациново признание“ и влезе во најтесниот круг за Роман на годината. Првото издание се распродаде, се објави второ. Американскиот издавач ме контактираше со желба и светската публика да може да го запознае овој мој роман или „антиновела“ како што го нарекоа критичарите. Што се однесува до тоа дали би било поинаку напишан денес, се разбира дека да. Но, во тој контекст во кој е создаден, со тоа искуство што сум го имала и со мојата потреба како автор да ја истражувам книжевноста и сопствените авторски можности, мислам дека „Јас и Лин, отпосле“ е завршена приказна. За прв пат, тогаш, во македонската книжевност си играв со неколку жанрови, повеќе уметности, портретирав хомосексуален карактер, ги менував наративните матрици. За една дваесет и шест-седум годишна авторка, тоа беше најдоброто во тој момент.

Од друга страна, колку ваквите објави говорат за една можеби мала но исклучително динамична и квалитетна книжевна сцена како македонската?

- Говорат многу и ни даваат надеж и шанса на нас авторите да го истражуваме светот на книжевноста надвор од сопствените граници. Да, времињата се тешки, да, сѐ помалку се чита, но кога во себе го носиш поривот да пишуваш и раскажуваш приказни, треба да ја имаш и силата да се бориш со сите препреки. Како човек не сакам обесхрабрувања и негативни мотивации. Да, потешко е што доаѓаме од култура која не е позната во светски рамки, од јазик кој и ден денес се бори со сите можни предизвици. Но, секоја уметност и секоја искрена човекова креација го наоѓа својот пат. За мене е мотивација да излезам од тесните рамки на секојдневието и да му дадам насока на секое мое дело надвор од затворените, провинциски, „на-ти-го дај-ми-го“ релации. Затоа ми е многу важно што од првото објавување до денес, секоја моја книга си го има својот пат. Ги пишувам и ги пуштам сами да се борат за своите читатели и признанија.Ова издание говори дека некој успеал да препознае квалитет, да вложи во тоа и да се реши да го објави овој роман. Пол Филев направи одличен превод, беше вистинско задоволство и чест да се работи со толку посветен, професионален преведувач и ова објавување е и негова заслуга. Нашата книжевна сцена има што да понуди. Да, има многу книги, многу луѓе што пишуваат, но има и многу добри автори што имаат што да кажат и покажат.

Како писателка која не трпи огради, која „ужива во експериментирањето со жанровите, формата и влијанијата од популарната култура“...што е она што во последно време ја провоцира Ана Стојаноска? Дали премините од еден во друг научен или книжевен жанр ги подразбира како безусловна слобода која сака да ја ужива и во иднина?

- Слободата е врвната цел за мене во сите области на животот. Играњето со жанровите ми е некако природно, инаку не знам како би пишувала. Она за што сум благодарна е дека имам можност да пишувам, објавувам, споделувам... Годинава завршив уште една драма, една збирка поезија и еден роман со кој се занимавав веќе подолго време. Тоа не значи дека сите овие дела се напишани одеднаш. Туку, дека се дел од процеси кои се одвивале континуирано, некои дури и со години. Паралелно, работев на еден учебник за моите студенти по предметот Македонска драма и театар. Практика ми е да пишувам постојано и да пишувам сѐ што ме провоцира. Најсериозниот ангажман ми беше занимавањето со новиот роман кој е дистопија. За прв пат пишував дистопија иако во сопственото теориско искуство сум се занимавала со дистопијата како жанр.

Колку времево и просторот, со сите нивни непогодности и занемарени вредности, силните атаци од сите страни... оставаат простор за верба во творештвото? Што вие лично би си порачале себе си во едни вакви услови, а што би му порачале на општеството во кое образованието, науката и културата се поодамна занемарени во мерењето на политичките итроштини и продавањето магла?

- На Ана би ѝ порачала да пишува дури и кога реалноста ѝ вели „Зошто пишуваш кога никој не чита, кому пишуваш?“, на општеството не би му порачала ништо – и онака, нема да ме послуша. Но, она што го научив во овие долги години работа како професорка, писателка, театролог е тоа дека секој треба одговорно и посветено да ја работи својата работа и на тој начин секој од нас би придонел за подобар свет во кој живееме. Верувам во креацијата, во создавањето приказни, во работата на тоа младите луѓе да ги научат сите добри страни на книжевноста, театарот и другите уметности. Би сакала да имаме можност, наместо желбата за лична корист, властите да се фокусираат на подобрувањето на начинот на живот. И знам дека тоа е далеку од реалното. Но, ќе зборувам постојано за тоа. Затоа што овој свет заслужува да му ја откриеме креативната страна.

И, конечно на која постојка од сопствениот пат во книжевноста е сега Ана Стојаноска? Кои ракописи полека излегуваат од нејзиното перо? За кога се планирани или пожелувани нивните средби со публиката?

- До крајот на годинава треба да се објави романот „Ние“ што влезе во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за необјавен роман. Тоа ми е следното скалило. Тој роман, повторно е поразличен од претходните, а сепак го има мојот личен ракопис. Станува збор за една игра со процесот на пишување. Романот е раскажуван трогласно – во јас, ти и ние – форма. Се разбира дека приказната е посложена и е своевидна игра со читателите, но тоа ќе го оставам секој да го открие, откако ќе биде објавен. До крајот на месецот, романот „Лебед“ ќе има уште една промоција. Се надевам дека ќе имам можност некои од моите драми да ги видам на некоја сцена. Тоа е вака сега за сега. Се радувам што публиката од англиското говорно подрачје ќе има можност да го прочита „Јас и Лин, отпосле“ и би сакала да си ги отвори патиштата да биде објавен и на други јазици (сега е само на англиски и украински јазик).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG