Соочена со новите предизвици од војната во Украина, Европската унија тешко донесува одлуки како да се справи со нив. Натегањето меѓу членките постојано се заканува со неуспех на акциите и со болни компромиси, но и со екстремни барања на некои од нив, гледајќи шанса да ги остварат нивните интереси. Затоа во унијата наголемо се размислува за менување на правилата во решавањето за важни прашања, при што најмногу се мисли на оние геостратегиските, како воените закани или проширувањето на Унијата.
Руската инвазија на Украина веќе го стави на тест системот на едногласност, во време кога брзата акција е уште понеопходна. Неодамна германскиот канцелар Олаф Шолц цврсто застана зад укинувањето на ветото за земјите од Европската унија во областа на надворешната политика и оданочувањето за да се забрза заедничкото одлучување.
„Но, онаму каде што сега е потребно едногласност, ризикот една земја да ги спречи сите други да напредуваат со своето вето се зголемува со секоја нова земја-членка. Да се верува поинаку значи да се негира европската реалност. Затоа предложив постепена транзиција кон мнозинско гласање во заедничката надворешна политика, но и во други области, како што е фискалната политика“, изјави Шолц.
Видете и ова: Бугарски здруженија и клубови - или промена на име или бришењеГерманскиот канцелар притоа наведе дека тоа ќе им го олесни патот на земјите кои вложуваат напори да станат дел од европското семејство.
„Јас сум посветен на проширувањето на Европската унија - кон земјите од Западен Балкан, кон Украина, кон Молдавија и Грузија - Европската унија од 30 или 36 држави, но различна од нашата сегашна Унија“, посочи Шолц.
Тој вети силна поддршка за овие земјите кои се надеваат да и се приклучат на Европската унија, нагласувајќи сепак дека проширувањето на блокот на „30 или 36“ ќе бара реформи.
Чешкото претседателство со ЕУ ќе подготви „божиќен пакет“ со предлози за реформирање на блокот, со цел да ги привлече оние членки кои не се убедени дека се потребни реформи. Останува нејасно каква ќе биде судбината на пакетот, рече чешкиот министер за европски прашања Микулас Бек, додавајќи дека неговата земја најверојатно ќе инсистира на флексибилност во процесот на проширување.
Во јуни, европратениците ја поддржаа и резолуцијата со која се повикуваат владите на ЕУ да воспостават уставна конвенција, а од земјите-членки се бара да се изјаснат за тоа до крајот на годинава. Коментирајќи го пакетот, Бек рече дека „може да вклучи, на пример, промена на гласањето со квалификувано мнозинство... или договор за свикување конвенција“.
Тој додаде дека по завршувањето на чешкото претседателство ќе бидат донесени поважни одлуки. Прага се надева дека секоја членка во „Божиќниот пакет“ ќе најде предлог со кој се согласува, со што ќе се зголеми можноста за поддршка за целиот пакет.
Кога станува збор за гласањето со квалификувано мнозинство, особено во надворешната политика, Бек рече дека „експлицитно ја поканил Унгарија да ги претстави своите предлози за тоа како да се реформира ЕУ“. „Во спротивно, нема да стигнеме далеку“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Што би значело ова за Македонија
Македонија на патот кон ЕУ најпрвин се соочи со вето од Грција, а спорот беше решен со промена на името на државата во Северна Македонија. Земјата потоа наиде на уште една блокада, овој пат од Бугарија, иако ЕУ во март 2020 одлучи дека Македонија може да ги почне преговорите.
Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што на 19 јули во Брисел се одржа првата меѓувладина политичка конференција на Северна Македонија со Европската унија.
Дали евентуалното укинување на ветото на земјите членки во надворешната политика би значело побрз пат за влегување на Северна Македонија во Европската унија?
Квалификуваното мнозинство како опција за носење на одлуките во надворешната политика се споменува се почесто, иако е тема која веројатно постои од самото основање на ЕУ, а особено по последното проширување, вели директорката на Институтот за европска политика ЕПИ, Симонида Кацарска.
„Ова не верувам дека има голема веројатност да се случи во контекст на пристапувањето на нови земји членки. Дискусиите во последен период се дека можеби во некои фази на пристапниот процес може да се размислува за таква одлука. Но, повторно ќе речам мислам дека ова се почетни дискусии и немам доволно информации за позициите на останатите земји членки за тоа во која насока би се развивале истите“, вели Кацарска.
Директорот на Центарот за европски стратегии Евротинк, Димитар Николовски смета дека дефинитивно има некој нов моментум, посебно по изјавите на европските челници, а тоа беше и еден од заклучоците на конференцијата за иднината на ЕУ, при што за темата се дискутира и во Европскиот парламент.
Видете и ова: „Позитивен тон“ во извештајот на ЕК за Македонија, Вархеји бара да продолжи борбата со корупцијата„Меѓутоа за мене тоа не е премногу возможно сценарио, поради тоа што самото вето е моќна алатка, во рацете особено на оние послаби земји членки кои немаат самите толкава моќ внатре во ЕУ и во донесување на клучните одлуки од надворешна политика или од безбедносна политика“, вели Николовски.
Според него, тоа би била една нерационална одлука, на пример на Унгарија која во последно време го користеше ветото заради санкциите против Русија или Бугарија во нашиот случај.
По првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ започна скрининг процесот со кој и се овозможи на земјата да се запознае со правата и обврските во ЕУ. Скринингот се одвива во две фази.
Едната фаза е објаснувачки скрининг, кој е еден вид на семинар на кој тимот на ЕУ на македонската администрација и кажува што содржи поглавјето за кое се преговара. Во другата фаза или билатерален скрининг, македонскиот тим ќе се вклучи подиректно и ќе кажува што сме направиле, каде има разлики и што планираат да прават. Тука може да има и прашање или забелешки од секоја земја членка.
До завршувањето на скрининг процесот за да започнат пристапните преговори по поглавја земјава има обврска да ги усвои уставните измени, односно да ги внесе Бугарите во Преамбулата.
Во оваа фаза во контекст на нашиот пристапен процес барањата за укинување на ветото на земјите членки во надворешната политика не би имале големо влијание со исклучок на тоа доколку не би се одело на некои промени на чекорите во текот на преговорите, вели Кацарска.
„Веројатно ова е дискусија која што би била во големата приказна порелевантна за нови земји кои што би пристапувале. Не за нас. Но, би имала секако влијание во контекстот на тоа како би се позиционирале кога би биле земја членка. Меѓутоа овие дискусии се веројатно подолгорочни од она што сега гледаме“, посочува Кацарска.
Николовски вели дека останува да се види колку Бугарија ќе ја користи својата позиција во нашите преговори. Доколку се донесе одлука за укинување на ветото, според него, тоа ќе создаде голема фрустрација во земјата поради целиот процес кој го имавме.
„Можеби тоа би и ги врзало рацете на бугарската страна да не можат да го користат во самиот процес против нас и за да ги добијат тие добро познати барања од нас. Така што секако би го олеснило за нас процесот, меѓутоа би создало и некои дополнителни фрустрации и разочарувања заради минатиот труд“, додава Николовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Македонија членка на ЕУ до 2030 година?
ВМРО-ДПМНЕ е против донесувањето на уставните измени. За нивно усвојување се потребни и гласовите на пратениците од опозициската партија. Од внесувањето на Бугарите во Преамбулата зависи дали земјата ќе ги почне преговорите по поглавја или уште еднаш ќе се најде во статус- кво ситуација во евроинтегративниот процес.
Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека согласно темпото со кое се работи реално е земјава да стане членка на Европската унија до 2030 година. Според него, во моментов државата има 45 отсто усогласено законодавство со ЕУ, а Владата има направено преговарачка структура и назначено главен преговарач, при што вклучени во преговорите се и академската заедница и невладиниот сектор.
„Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ“, изјави премиерот во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Доколку навистина сакаме 2030 да биде година коа ќе биде членка на ЕУ мора власта и опозицијата да си подадат рака, дека оваа тема ќе ја тргнат надвор од политичките препукувања и натпревар, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, потребен е нов рамковен договор за ЕУ во кој што политичките партии ќе се обврзат дека ќе се поддржуваат за прашања кои се однесуваат на ЕУ.
„Мора да ја поделиме и одговорноста и заслугите за овој процес. Мора граѓаните и државата на крај да бидат победници во овој процес“, рече Османи.
Тој додаде дека секој загубен ден е дополнително одложување на членството во ЕУ.
Проширувањето на ЕУ во пакет
Заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало неодамна на брифинг со новинарите за скрининг процесот рече дека има нова енергија и ентузијазам во Брисел за земјата да оди понапред во процесот за членство. Според него проширувањето секогаш се случува во пакет, односно со други земји како на пример Црна Гора и Србија кои веќе се во преговори со ЕУ.
„Северна Македонија не почнува од нула. Верувам дека со политичка волја ќе ги стигне другите земји кои преговараат и тоа е реалистичен проспект ако имате политичка волја и имате ситуација со речиси консензус за европска иднина на земјата. Тоа не е невозможен проспект“, рече Васало.
Секако ние имаме компаративна предност поради дваесет годишното искуство на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која што донесе некоја понапредна согласност со европското законодавство, смета Кацарска.
Видете и ова: Извештај на ЕУ за Македонија – Спроведување на законите, а не ад хок решенија„Дали би постоел пакет со Србија и Црна Гора е веќе политичко прашање. Србија има свое друго политичко прашање кое што го оптоварува ова, па можеби доколку тоа не се реши не знам дали би сакале да бидеме во таков пакет. Меѓутоа дека се погласно се дискутира прашањето на пакетот е очигледно и не би било невозможно доколку постои политичката волја во ЕУ, меѓутоа и реформските активности кај нас“, заклучува Кацарска.
Николовски смета дека имаме големи шанси во процесот да ги стигнеме Црна Гора и Србија, особено што нашиот северен сосед има проблем со демократското функционирање на институциите и отворено прашање со Косово. Но, како што додава, тоа нема да биде технички процес како што би сакале да биде и како што го замислуваме.
„Пак ќе се сведува на некои политички одлуки и ќе се сведува на волјата во индивидуални и посебно можни членки на ЕУ за проширување. Така што не би ја исклучил можноста и ние да се приклучиме и да влеземе на едно исто ниво со овие две земји“, истакнува Николовски.
Македонија од 2005 година имаше статус на земја-кандидат за членство во ЕУ. Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена на крајот на јуни, 66 проценти од граѓаните одговориле дека ако има референдум, би гласале за приклучување кон ЕУ, а 13 отсто би гласале против.
Ова е пад на желбата за влез во ЕУ во однос на 2020 година, кога 74 отсто од граѓаните биле за влез на земјата во блокот. Само 42 отсто од граѓаните на Македонија одговориле дека ЕУ има сериозни намери да им понуди полноправно членство на земјите од Западен Балкан.