Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон завчера беше во Скопје, а нејзиниот колега Бујар Османи ја пречека со знамето на Словачка.
Словачка, Словенија, кој ќе ги разликува. Плус знамињата им се скоро исти – бело, сино, црвено. Се разликуваат само грбовите на знамето.
Исто како македонска делегација во странство да биде пречекана со старото јапонско империјално знаме, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.
Ден по посетата, Министерството за надворешни работи вчера преку соопштение до медиумите изрази длабоко извинување за, како што се наведува, „ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата министри при посетата на министерката Фајон на земјава, кое беше едно од десетте државни обележја кои беа употребени за време на средбите“.
„Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата. Информираме дека Министерството за надворешни работи дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација“, се наведува во соопштението.
Е, супер, вработете уште некој партиски војник за да проверува дали останатите партиски војници ги погодиле знамињата, коментираат граѓаните.
Други коментираат дека не се работи за грешка, туку за дипломатски скандал.
А има и поедноставни решенија.
Други, пак, посочуваат на интернет квизови на кои може да се вежбаат знамињата.
Ова не е прв ваков гаф на службите за протокол.
Најпознатиот е од 2018 година, кога тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц во Скопје беше пречекан со знамето на Летонија.
Поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние во 2019 година во Охрид беше пречекан со холандското знаме.
Неколку месеци подоцна, претседателот Стево Пендаровски го пречека неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ со наопаку поставено црногорско знаме.
Во декември 2019 година, тогашниот премиер Зоран Заев, тогашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Собранието Талат Џафери го посетија американскиот носач на авиони Хари С. Труман. Шекеринска тогаш ги побрка знамињата на задната перка на авионите, што предизвикаа илјадници коментари на социјалните мрежи.
Инаку, при посетата на Македонија, Фајон упати и честитки до Владата и до македонските граѓани за отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ. Таа посочи и дека ја поддржува земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година. Фајон додаде дека повеќе од 40 отсто од законодавството на земјава е усогласено со европското.